10 компании од Пелагонискиот регион понудија вработување за 350 лица на Отворениот ден кој денеска се одржа на Економскиот факултет во Прилеп, во организација на Универзитетот Свети Климент Охридски, а настанот е поддржан Италијанската невладина организација COSV како дел од проектот ЕНТЕГ, a во рамките на ИНТЕРРЕГ ИПА Програмата за прекугранична соработка. Целта е преку вакво вмрежување на бизнис секторот, академската заеница и граѓанскиот сектор да се овозможи вработување на младите и стопирање на нивното иселување од државава. За таа цел преку проектот ЕНТЕГ се изврши и надоградување на вештините и знаењето на 60 млади од Македонија и Грција.
„Треба поголема вклученост на сите организации во креирањето на јавните политики, во креирањето на уписните политики, во креирањето на слободни работни места. Всушност треба бизнис секторот да е во согласност со академската заедница, да се креираат уписните политики според тоа, со Агенцијата за вработување и сите останати релевантни чинители во ова општество. Освен тоа ние во насока на решавање на овој проблем едуциравме 60 млади високо образовани кадри од Северна Македонија и Грција, ги едуциравме со претприемнички вештини, како да си ги зголемат своите компетенции, како да стекнат поголема самодоверба, како да се охрабрат да си отворат сопствен бизнис или да ги зголемат своите способности во веќе постоечка компанија“, истакна Дања Димовска Микаровска, проектен менаџер на COSV-подружница Прилеп.
„Денес како никогашп досга компаниите имаат најголем проблем со наоѓањето на работна сила и ваквите настани се многу значајни за вмрежување на едно место. Покрај индивидуалните напори кои си ги прават компаниите, овде на едфно место ги собираме сите потенцијални студенти и невработени каде што ќе може да си најдат работно место“, вели Маријана Милевска, директор на Преда+ фондација.
Компаниите во Македонија како никогаш досега се соочуваат со недостиг на работна рака и сметаат дека тоа може да се реши само доколку образованието нуди работна сила која му е потребна на бизнисмените.
„Треба да креираме општество и образование кое што ќе креира работна сила за потребите пред и се на приватниот сектор. Можеме да направиме преструктуирање на работната потенцијална работна сила за потребите на приватниот сектор во овој момент“, изјави Ирена Јакимоска, претседател на Регионална стопанска комора – Прилеп.
За да се надмине оваа ситуација УКЛО веќе донел одлука луѓе од приватните компании да може да држат практични предавања на факултетите за да може студентите кога ќе завршат да бидат поподготвени за пазарот на труд. А во платена пракса на студенти се приклучиле и Општините Битола и Прилеп на кои исто така им треба соодветен стручен кадар.
„И овозможивме стручњаци од приватните компании да изведуваат практична настава на Универзитетот, ние наскоро ќе излеземе и со повик до нив и тие ќе можат да испраќаат свои кадри, да бидат избрани за држење на практична настава“, кажа ректорот на УКЛО, проф. Д-р Игор Неделковски.
И студентите кои веќе оделе на пракса се задоволни од тоа што го стекнале како знаење, а понатаму ќе им помогне во нивното идно вработување.
„Праксата целосно ги исполни моите очекувања, навистина е важно што нашата теорија, тоа што сме го учеле сега можеме да го примениме во пракса. И при тоа ми е многу мило што јас имав контакт со дечиња кои имаат попреченост, но и дечиња од социјално загрозени семејства. И тоа многу ме исполнуваше мене, јас сакам да се надоградувам, сакам да бидам учител“, додаде Стефани Цеуноска, практикант од педагошки факултет Битола.
„Се запознав со тоа како е да работиш со клиенти, на вистински проекти, како е да работиш со документи, како правилно да комуницираш,на правилен начин“, истакна Софи Гајтаноска, стгудент факултет за информациски и комуникациски технологии Битола.
Според податоците на Светска банка издадени во 2019 година Македонија изминатиов период ја напуштиле 500.000 млади. Катастрофална ситуација која според експертите може да се стопира само преку вакви вмрежувања на повеќе чинители во општеството.