Со положување на свежо цвеќе оддавање на почит пред спомениците на Методија Андонов Ченто, Кузман Јосифоски Питу и Могилата на Непобедените денеска во Прилеп се одбележаа 82 години од подигнувањето на востанието против фашистичкиот окупатор. Вицепремиерот Фатмир Битиќи кој ја предводеше владината делегација истакна уште далечната 1941 година со одлуката за подигнување на востанието против фашистите македонските граѓани одлучиле да застанат на страната на демократијата и прогресивните сили.
„Делото на востаниците од 11 октомври 1941 година недвосмислено го посочи патот по кој треба да се движи нашата држава, тоа е патот на напредните демократии, на европскиот пат, патот на демократските ведности. Засекогаш останува долгот за секавање на овој голем ден за сите нас“, истакна Фатмир Битиќи, заменик претседател на Влада задолжен за економски прашања.
Градоначалникот на Прилеп порача дека секоја генерација имала свои битки и дека само сплотени и со заедничка верба ќе успееме да ги надминеме денешните предизвици и да докажеме дека сакаме просперитетна и демократска Република Македонија!
„За жал борбата сеуште трае! Посебно сега, во овие исклучително бурни времиња за македонската држава, кога некои држави го оспоруваат нашето вековно постоење. Затоа, токму од ова место, мора да ветиме, дека ќе се сплотиме и ќе останиме цврсти и одлучни во заштита на нашиот јазик, историја и постоење како државотворен народ“, изјави Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.
Од Сојузот на борци на Прилеп истакнаа дека мора да се почитува делото на партизаните од НОБ затоа што без минато немало да имаме ниту иднина. И дека таа нивна борба била само континуитет на револуцинерниот од многу борбени генерации кои преку разни буни и востанија се обидувале да дојдат до независна и самостојна македонска држава. Свое видување за НОБ даде и Благоја Дамески, син на Васил Дамески, партизан чии останки почиваат на Могилата.
„Преку разни буни и востанија како што биле Кресненското, Разловечкото, Разлошкото, а пред се Илинденското востание кое се заокружило со Крушевската република. Оваа борва секако вродила со плод со создавањето на македонската држава, со уставотворните одлуки на АСНОМ кои што биле основа и за референдумот или т.н. трет Илинден од 08.09.1991 година“, рече Изјава Рубин Белчески, претседател на Сојуз на борци Прилеп.
„Овој ден 11 октомври беше најславниот ден од историјата на македонскиот народ, низ пепел, крв и солзи се раѓаше нашата Македонија. Во таа борба на живот и смрт се родија партизанските чети, на кои нашиот народ не можеше со ништо да им се заблагодари освен со своите голораки деца и безгранична љубов“, рече Благоја Дамески, син на загинат партизан.
Денеска во Прилеп дојдоа и претставници на Сојузот на борци од Кисела Вода кои се пожалија дека протоколот не ги пуштил да бидат дел од официјалната делегација иако уредно се пријавиле уште пред месец и половина.
„Пред месец и половина бев пријавена дека ќе полагаме цвеќе за да не стават како дел од делегацијата. Синоќа во 21.30 ми се јавија дека од МВР наредиле дека не може со делегацијата туку да чекаме долу. Не мораше сите 50 мина, но 4-5 мина можеше да не стават во делгацијата и ние да положиме цвеќе“, потенцираше Павлина Ристевска, Сојуз на борци, Кисела Вода.
По повод овој ден во Прилеп традицонално се организираше и крводарителска акција, а се одржа и 15-тото по ред Tuning car show на кое во центарот на градот беа претставени огромен број на модифицирани возила и олдтајмери од цела Македонија, а имаше и гости од странство.