Вработените во културата ќе примаат за десет проценти зголемени плати заклучно со февруари 2024 година

Facebook
Twitter
Email
Print

Вработените во културата ќе примаат за десет проценти зголемени плати заклучно со февруари 2024 година. Директорите од културните установи во државата се под силен притисок од ресорното Министерство да пристапат кон изработка на нови решенија за секој од вработените и да ја спроведат директивата, што наиде на голем отпор. Исто така, претставници од Синдикатот за култура и од СОНК беа повикани на средба во Министерството, но ништо и од тоа. Договор нема, објави Пари.

Проблемот произлезе од обидот на властите да се внесе фиксен износ како основа за пресметка на основната бруто плата, која во културата се базира на Колективниот договор од 2020, и е врзана за растот на минималната бруто плата. И, да се неутрализира процентот што следува со ОКД. Всушност, се прави се што е спротивно на начинот на кој по ново, од март, се пресметуваат функционерските месечни примања. Зголемени за 78 насто. И, кои од јануари ќе растат заедно со просечната плата.

Се започна пред една недела, кога за ова ограничување институциите биле информирани со допис од Министерството за култура, испратен во петокот во 17 часот, односно надвор од работното време.

Со дописот потпишан од министерката Бисера Костадиновска Стојчевска се даваат насоки, според кои, за секој вработен треба да се изработи нов поединечен акт, решение или договор. Во него, освен основните и со закон утврдени елементи, задолжително мора да се вгради членот членот 14 од Општиот колективен договор за јавниот сектор:

„Основната бруто плата на вработените во јавниот сектор се зголемува за 10%, започнувајќи со исплатата на платата за месец септември 2023 година.

Доколку индексот на трошоците на живот во првите шест месеци во 2024 година, споредено со индексот на трошоците на живот за првите шест месеци во 2023 година надминува 3%, основната бруто плата на вработените во јавниот сектор се зголемува во процентуален износ за разликата до 3%.

Процентот на пораст на платата од ставот (2) на овој член се применува со исплатата на платата за месец септември 2024 година“.

Исто така, се наведува понатаму, во делот на утврдувањето на основната бруто плата на вработениот „прецизно“ мора да се наведе:

„Основната бруто плата на работникот за полно работно време се утврдува така што износот од 32.713 денари се множи со коефициентот на сложеност на групата односно подгрупата на која припаѓа работното место на кое е распореден работникот согласно овој колективен договор.

Износот од 32.713 денари е добиен така што минималната плата во бруто износ од 29.739 денари е зголемен за 10%.

Оваа плата ќе се применува почнувајќи со исплатата за септември заклучно со февруари 2024“.

Воедно, пишува во дописот, во образложението на поединечниот акт, решение или договор треба да се наведе дека „врз основа на заклучокот на Владата, имплементирањето на член 14 од Општиот колективен договор за јавниот сектор е преку зголемување на основицата за пресметка за 10%.

На ова веднаш реагираа од Синдикатот на културата, поради тоа што сметаат дека според она што се наложува од Министерството, работодавачот со едностран акт ќе ги менува правата од работен однос, односно во случајот – правото на плата. Кое е веќе уредено и со Колективниот договор за културата и со неодамна постигнатиот Општ колективен договор за јавниот сектор. Всушност, укажуваат на тоа дека правото за десетпроцентното зголемување, спротивно на членот 14 од ОКД, се ограничува до идниот февруари.

„Ваквото своеволие на министерката Бисера Костадиновска Стојчевска јасно произлегува од злоупотребата на заклучокот на Влада за доследна примена на Општиот колективен договор, пробувајќи преку наводно постапување по истиот да ја ограничи основната бруто плата на вработените во културата и да не дозволи раст предвиден со Колективните договори. Вакво ограничување како во културата, во другите дејности од јавниот сектор не се случува и ниту еден вработен во јавниот сектор не се соочува со ваква примена на Заклучокот на Влада и Општиот колективен договор за јавен сектор.

Со ова се потврдува дека целото министерување на Бисера Костадиновска Стојчевска е сведено исклучиво на барање креативни начини на поништување на Колективниот договор во културата“, пишува во реакцијата што ја објави Синдикатот на културата на својот ФБ профил, при што децидно велат „не прифаќаме вакви небулозни еднострани акти донесени без согласност на синдикатите“.

Со смирувачка порака минатиот викенд се огласи и претседателот на СОНК, Јаким Неделков.

„Никој не може да го смени Колективниот договор, ако за тоа не се подготвени и согласни двата социјални партнери. Никој не може да го смени Колективниот договор, ако за тоа не се подготвени и согласни двата социјални партнери“, напиша Неделков, додавајќи дека никој не треба да потпишува некакви решенија се додека не добијат упатства од СОНК.

Инаку, платите на вработените во овој сектор се утврдуваат според членот 65 од Колективниот договор за културата кој важи од 2020, а потпишан е од тогашнот министер Хисни Исмаили на 30 декември 2019 година. Склучен е од партнерите – Министерство за култура, Синдикатот за култура и Самостојниот синдикат за образование, наука и култура.

„Основната бруто плата на работникот за полно работно време се утврдува така што износот на минималната бруто плата во Република Северна Македонија објавена согласно закон се множи со коефициентот на сложеност на групата односно подгрупата на која припаѓа работното место на кое е распореден работникот согласно овој колективен договор“, е содржината на споменатиот член.

Сепак, сите укажувања во оваа насока изнесени на состанокот не наишле на разбирање од претставниците на министерствата за финансии и за труд и социјална политика, според кои еден колективен договор може да исклучи друг колективен договор.

Вработените во културата се децидни – нема да ги прифатат новите решенија, а со расположливите синдикални и правни механизми ќе ги штитат сопствените права, затоа што сметаат дека во случајов се работи за самоволие од страна на надлежните.

Министерката, пак, на неодамнешната трибина „Резултати кои прават разлика“, посочи дека е воведен ред во културата. При што нагласи дека „помина времето кога се зголемуваат платите по телефон на културните работници, своеволно и како и со какви профили се унапредувале“.

Инаку, до Министерството уште во понеделникот испративме барање да дадат свој коментар за дописот, односно да образложат на што се заснова ограничувачката одлука. И, да кажат – како може да се постапува без консултација и согласност од социјалните партнери. До објавувањето на текстот, не добивме никаков одговор.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи