Од испитувањето направено во 9 држави, меѓу кои земји од Балканот, како и Источна и Западна Европа, Македонија се наоѓа на последното место кога станува збор за почитувањето на правата на руралната жена. Кај нас земјоделките се дискриминирани во однос на останатите жени, немаат законско право на породилно отсуство, ниту право на боледување.
„Во сите држави, а и кај нас земјоделците се обврзници на задолжително социјално осигурување. Штом го плаќате тоа осигурување како економска активна категорија треба да ги уживате сите права како и сите други економско активни категории. Кај нас го плаќаат, но за жал тие немаат право на парични надоместоци“, истакна Гоце Коцевски, Македонско здружение на млади правници и мрежа за заштита од дискриминација.
Иако во Собранието се предложија промени на Законот за здравствено осигурување тие не се случија. Во моментов единствено преку Програма на Министерството за земјоделство жените земјоделки кои раѓаат добиваат 80.000 денари, на што се противат граѓанските опрганизации кои велат дека таа сума е како социјална помош, бараат висината на тој надоместок да биде колку минималната плата и тоа да биде законски решено.
„Знаеме дека земјоделската дејност е тешка физичка работа, бремена жена, особено која што има покомплицирана бременост не смее да ја извршува оваа работа. Така што жените од руралните средини се ставени во една неповолна ситуација, или ќе работат бремени со што ќе го загрозат сопственото здравје, здравјето на идното новороденче, или работата ќе остане незавршена со што ќе се соочат со сиромаштија“, вели Драгана Дрндаревска, Коалиција, МАРГИНИ, мрежа за заштита од дискриминација.
„Ова е повик до властите и општеството навистина да се изборат и жените од руралните средини, особено жените земјоделки да ги добијат своите права и да се создадат можности за нивни социоекономски развој, затоа што тие се двигатели на напредокот и на одржливите заедници во ова општество“, додаде Марина Тошеска, ЛАГ АГРО ЛИДЕР.
Жените земјоделки велат дека нивниот живот е тежок, а државата го прави уште потежок.
„Многу е тешко, треба и дома, и дете да спремаш за на училиште, да трчаш кај овците да работиш… тешко. Породилно отсуство немаме, со мали деца нон стоп работиме и децата си ги носиме по нивите, значи немаме ништо платено од државата“, изјави Кристина Огненоска, земјоделка од с. Милошево.
Според граѓанските организации во Македонија за жал се уште нема политичка желба да се надминат овие проблеми, а решението било едноставно.