Солзи, сеќавања, тага, почит, песни и црвени рози. По 16-ти пат Крушево, Македонија и Балканот оддаваат почит на нашиот ангел Тоше, додека пак 6-та година по ред 13-те маратонци кои тргнаа од Нова Градишка и во чест на Тоше трчаа до Крушево беа пречекани со црвени рози од страна на учениците од СОУ „Наум Наумоски – Борче“.
„13 маратонци во тешки услови во вечерните часови се бореа со Плетвар, со Прилеп, во студ и дожд, но еве нашиот 14 ангел сопатник ни го отвори небото и не угреа сонце пред неговиот вечен дом во Крушево“, рече Наум Капричевски, маратонец.
„Тргнавме од Нова Градишка, вкупно 198 километри во Хрватска и стартувавме од граничниот премин Табановце, за денес во 12 часот да стигнеме во Крушево и да положиме свежо цвеќе“, кажа Никола Ѓелов, маратонец.
Голем број негови фанови од Македонија и Балканот денеска беа во Крушево. Велат дека Тоше е нивниот патоказ и пример како треба сите ние да живееме.
„Тоше значи инспирација и пример за како треба да бидат младите денеска“, вели една посетителка.
„Вечното почивалиште на Тоше за мене значи светост, за мене значи нешто непроценливо“, додаде друг посетител.
По повод 16 години од неговото загинување Спомен домот Тодор Проески направи 10-тина фотографии со брајова азбука за да може истите преку допир да ги почувствуваат и лицата со оштетен вид. Освен од Тоше вакви фотографии се изработија и од Спомен домот, од манастирот Свето Преображение, неговите гитари, автомобилот буба и дел неговата облека.
„Тоа се тактилни фотографии, значи слепите лица со допир ќе можат да го помилуваат Тоше. Сакаме за 16 октомври да кажеме дека на сите очите ни се затворени, но на ваков начин заедно со слепите лица ќе може да го допреме Тоше“, изјави Лефкија Гажовска, директорка на Спомен дом Тодор Проески.
Во спомен домот има 660 лични предмети од Тоше, од кои изложени се 360. Другите се чуваат во депо и повремено се заменуваат во поставката. Спомен домот досега го посетиле над 1 милион посетители и тој е еден од најпосетуваните музеи на Балканот.