ВИДЕО – Над 100.000 евра исплатени како оштета за каснување од кучиња скитници – Општина Прилеп се сомнева дали каснувањата се реални


Во 2022 година Општина Прилеп заедно со ЈКП „Комуналец“ исплатиле над 100.000 евра како оштета кон граѓните за каснување од кучиња скитници. Заедно со сите трошоци во просек, по лице, од каснување од куче се исплаќале по 1.000 евра. Иако уште не е пресметано, слична сума се очекува да се исплати и оваа година. Но од Општината се сомневаат дали сите овие каснување се реални и затоа побарале од надлежните да се испитаат случаите.

„Покажавме загриженост за големата сума на пријавени лица каснати од кучиња и методологијата како се докажува и верификува веродостојноста на повреденото лице. Поддадов и барање и до Јавното обвинителство да спроведат истражување и постапка доколку согледат доколку има неправилности во методот на докажување“, вели Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.

Дури и ако кучето било претходно заловено, вакцинирано и има маркица доколку касни некого казната повторно ја плаќа ЈКП „Комуналец“. Но и тие се сомневаат во овие големи бројки на пријавени граѓани.

„Доставивме барање до ПС Прилеп при секоја пријава на каснат граѓанин да не известат каде се случило, нашите служби поскоро да излезат за да ние утврдиме дали тоа е куче скитник или има сопственик“, изјави Рубин Абрашоски, директор на ЈКП „Комуналец“.

Инаку денеска Прилеп доби современо возило за заловување на кучиња преку Бирото за рамномерен регионален развој, вредно 2,4 милиони денари. Тоа има 10 боксови и предноста  е што за разлика од порано сега ќе може да се заловуваат по повеќе кучиња, кои потоа се носат во стационарот на Комуналец. Од Јавното претпријатие апелираат граѓаните на не ги пуштаат животните на улица.

„Се случува да заловиме кучиња со маркици од соседни Општини. Посебно во пазарните денови ние имаме наплив на кучиња скитници од околните населени места“, додаде Абрашоски.

Во стационарот со 13 боксови кучињата се чуваат 30 дена, се хранат и вакцинираат и ако не се јави сопственикот се враќаат на местото на заловување.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи