ВИДЕО – Како до отпорна и одржлива локална заедница во услови на криза?


Поради малите буџети и ограничените капацитети општините во Македонија за жал доста тешко самостојно можат да се справат со кризите кои ги зафаќаат, како што се енергетската, економската или кризата за храна. Без поголема помош или дотации од централната власт, локалните власти тешко ги менаџираат овие состојби. За тоа говори и фактот што за справување со кризни ситуации, во 2022 и 2023 година општините можеле да одвојат максимум 5% од нивниот буџет, што воопшто не е доволно. Особено со оваа ситуација се погодени малите општини, каде голем дел од нив се и со блокирана сметка.

Општина Прилеп за надминување на оваа криза презела низа мерки во своите можности, како бесплатен оброк за 664 првачиња, 20 стипендии за најдобри студенти и студенти од социјално ранливи категори, парични награди за 144 ученици кои постигнале успех на државни и меѓународни натпревари, 6.000 денари за секое новороденче, субвенции за 400 велосипеди во висина од 2 милиони денари, бесплатен јавен градски превоз за пензионерите со ниски примања, субвенции за сметките за вода за социјално ранливи категории, а доделиле и еднократна парична помош за над 1.000 граѓани. Но велат дека најголем проблем им била енергетската криза и оневозможувањето од страна на Владата за јавното осветлување да плаќаaт електрична енергија како домаќинства, а не како фирми, што им потрошило доста средства.

Преку нашето јавно претпријатие „Енеро Прилеп“ да можеме да ја превземиме обврската да стопанисуваме со броилата од јавното осветлување, што и тоа како ја кошташе нашата Општина. Само во 3 месеци ние успеавме да заштедиме 200%, односно некаде околу 10 милиони денари, кои навистина беа капка спас во морето на механизми кои централната власт навистина можеше да ги спречи. Но за жал со одлука на Владата од ноември беше спречено“, истакна Борче Јовчески, градоначалник на О. Прилеп.

И Општина Битола презела поголем дел мерки за ублажување на кризата кај граѓаните како што се субвенции од 30% од вредноста на енергетски ефикасни фасади на 4 згради за колективно домување, потоа субвенции за велосипеди, субвенции за климатизери, како и парична помош за социјално ранливи категории. И нив најголем проблем им се скапите енергенси затоа во иднина ќе се насочат кон обновливи извори на енергија. Потенцираат дека без помош од централната власта нема да може многу да реализираат, особено капитални проекти како гасификацијaта и топлификацијата на Битола, кои се ветуваат со години, а не се изградени.

Она што го направивме во оваа 2023 година, при крај е процедурата за пуштање во употреба на фотоволтаичната централа на училиштето во село Долно Оризари. Тоа не е некое големо училиште, меѓутоа тоа е прв обид, направена е со донација од амбасадата на Република Кина и пред пуштање сме на самата фотонапонска централа. Освен тоа, очекувам и во завршна фаза е да се распише јавен повик за фотоволтаици на 3 училишта во градот, веќе ги лоциравме. Тоа исто се дел наши средства, дел од Министерството за образование, тоа се три средни училишта, гимназијата „Таки Даскалот“, „Јован Калаузи“ медицинското училиште и „Ѓорѓи Наумов“ техничкото училиште во Битола. Исто така во припрема е проектна документација за уште 3 нови основни училишта, значи се трудиме, имаме проекти скоро готови за сите основни и средни училишта. Тешко дека сами можеме да излеземе во пресрет, иако сме една од помоќните општини, поголемите општини, сами да се справиме со било кои предизвици, неопходна е поддршката од централната власт, тука не би требало да има никакви двојби дека помош нѝ е потребна, ние и преку ЗЕЛС тоа цело време го бараме“, изјави Тони Коњановски, градоначалник на О. Битола.

Рурална Коалиција во рамки на проектот „Мониторинг, оценка и предлози за антикризни мерки во услови на тесен буџет“, поддржан од Владата на Швајцарија преку Цивика Мобилитас направи испитување во општините Штип, Прилеп, Битола, Кичево, Пласница, Ресен и Охрид, од каде може да се заклучи дека за справување со кризите општините имаат направено по минимум 2 ребаланси на буџетите со што најмногу се крати од капиталните инвестиции кое што е најизразено во општина Кичево каде се скратени дури 30% од средствата за капитални инвестиции.

И најголемата прераспределба на буџетот одеше за плаќање на сметките за струја, меѓутоа од друга страна тоа пак ги привлече да започнат да вложуваат во проекти кои ќе ја зголемат енергетската ефикасност на Општината и јавните институции. Тука како пример би ја издвоила општина Пласница, која во 2022 нема проекти поврзани со енергетска ефикасност, но во 2023 година на 2 образовни институции е предвидено целосно да бидат енергетско ефикасни, односно целосно да се реконструираат објектите и се издвоени над 1.2 милиони денари“, вели Лилјана Јоноски, извршна директорка на Рурална Коалиција.

Средствата кои општините ги издвојуваат за справување со кризата се претежно наменети за енергетската криза, а многу малку средства одат за справување на кризата со храна и на социјалната заштита на граѓаните. Тука би ја издвоиле Општина Ресен која за справување на кризата со храната, обезбедување на социјални пакети има издвоено 15% од својот вкупен буџет.

Општина Охрид од сите Општини кои ги анализиравме единствена издвојува средства кои се насочени кон субвенционирање на услугите на сите туристички капацитети, но и бизнис субјекти кои работат во руралните средини и оваа мерка им е во насока на зајакнување на руралниот развој, придвижување на производството на храна, зголемувањето, што во другите Општини од тие што ги анализиравме не се забележува“, додаде извршната директорка на Рурална Коалиција, Лилјана Јоноски.

Од оваа криза освен општините беше погоден и бизнис секторот. Дел од компаниите велат пак дека кризата пак им помогнала да преземат чекори кои можеби никогаш немале да ги преземат, а тоа e инвестирање во обновливи извори на енергија, пред се фоволтаици.

  Имаме можности за алтернативни решенија, добрата страна од кризата беше тоа што скоро најголем дел од компаниите инвестираа во алтернативни решенија, најмногу во фотоволтаици, кои дефинитивно во 2023 кај сите им донесе подобрување на аналитиката во делот на трошоците за електричната енергија. Во однос на профит секако дека влијаеше на креирањето на профитот, она што е најголем недостаток и импакт кој што го има е кај работниците секако, кај работната сила зеле дел од нивните зголемувања на животниот стандард. Конкретно кај нас значителна сума од планираниот профит појде на енергетската криза. Она што е негативната страна се идните реакции на компаниите, голем дел од средствата кои што непланирано ги потрошивме за енергетската криза беа планирани во раст и развој на компанијата, во делот на автоматизација и дигитализација, значи тоа не врати некоја добра година назад“, потенцираше Ирена Јакимоска, сопственик на компанија „Комфи Ангел“ и претседател на Регионална стопанска комора Прилеп.

Според испитувањето најмногу последиците од кризата се почувствувале во секторот земјоделство и градежништво каде што зголемувањето на трошоците на репроматеријалите и суровините оди дури и до 50%, што пак резултира со зголемување на крајните производи, а тоа е и една од причините зошто сите ние денес јадеме поскапа храна.

Нормално компаниите се прилагодија на новонастанатите услови, мора да произведуваме ако сакаме да преживееме, мора да ги продаваме нашите производи и последица на сето тоа е оваа инфлација и покачување на цените на сите производи на пазарот. Се надеваме дека тоа е стабилизирано во овој момент, но дека можеме да се надеваме дека ќе се вратат условите од пред 2 години е тешко веројатно. Една од мерките во нашиот долгорочен план е инвестирање во сопствено производство на електрична енергија, да не бидеме зависни од цените на пазарот на електрична енергија. Моментално задоволуваме околу 37% од нашата потрошувачка со сопствено производство“, рече Жарко Качаков, директор на сектор развој во ПИ „Витаминка“.

Од кризата како најпогодени се граѓаните кои велат дека за нив кризата воопшто и не престанала од 2022 па се до денес. Иако можеби и централните и локалните власти презеле одредени мерки, велат дека тие се незначителни во однос на секојдневното нивно живеење кое преминало во вистинско преживување да се помине месецот.

Никако, многу тешко да ви кажам право, луѓето се толку запрепастени од сето ова што се случува, тоа е срамота. Со 12.000 кој може да ја преживее оваа криза? Само тие муабети се прават, ништо друго, како оваа зима ќе преживееме, како цените, како дрвата, како греењето, струјата…“, вели една граѓанка.

 

Тешко на народот, во оваа држава богами ништо не функционира, а не гледам излез некаков кризава народот да ја преброди. Пензиите ниски, тие што се на власт си печалат, си бркаат покрај покачувањата од 78% и 2-3 бизниси, баш им е гајле за народот“, кажа друг граѓанин.

 

Тоа е некој уметност, не знам, за преживување нашиот народ навикнат е од поодамна, но ова сега е навистина доста драстично, така да не сум свесен како тоа да го формулирам, стварно народот е во тешка ситуација“, додаде трет граѓанин.

 

Тешко, без пари, слаби пензии, придонеси други нема, скапо е јадењето, нема што друго да зборуваме, не можеш да купиш едно литро млеко да им однесеш дома“, изјави друг граѓанин.

Иднината бизнисот ја гледа пред се во енергенсите кои со години се ветуваат кај нас, но никако да стигнат, а тоа е гасот.

Затоа јас упатувам апел до сите идни учинители на јавната сцена е дефинитивно дека треба да се стави фокусот на докреирање и доизработка на гасоводот како алтернативно решение, пред се за потребите на компаниите, а потоа секако и за потребите на домаќинствата“, истакна Ирена Јакимоска, сопственик на компанија „Комфи Ангел“ и претседател на Регионална стопанска комора Прилеп.

 

Гасоводниот систем го чекаме еве веќе 10-15 години откако се ветува дека ќе дојде до индустријата во Прилеп, но се уште нема најави дека би можеле да ги видиме полни цевките до фабриките во Прилеп. Тоа се разбира ќе помогне во индустријата“, рече Жарко Качаков, директор на сектор развој во ПИ „Витаминка“.

Општините пак со ваквата поставеност на децентрализацијата, малите буџети, немањето на скоро никаква стратегија за кризен менаџмент ќе треба да сменат многу работи во своето функционирање доколку сакаат да бидат поотпорни на кризите што би можеле да се случат во иднина.

Треба да се превземе, тоа го разговаравме со општините, да имаме еден посистематски пристап, односно тој таканаречен кризен менаџмент треба да го планираме токму во услови кога нема криза, со цел да бидеме подготвени во моментите кога ќе настапат некои кризни ситуации и услови. Секако дека зголемување на буџетите на Општините е задолжително, зголемување на бројот на услугите кои ги даваат Општините и од каде ги влечат најголемите приходи, даноците кои се наплаќаат, да се зголеми процентот на наплата на дали се тоа даноци, сметки на услугите кои ги нуди Општината и секако да се создадат одредени резерви, дали се тоа на средства, на ресурси, на капацитети кои во услови на криза би можеле понатаму да бидат искористени и да на таков начин успееме некако да локалната економија ја направиме и поотпорна и поодржлива на долг рок“, изјави Лилјана Јоноски, извршна директорка на Рурална Коалиција.

Но без конкретна волја и желба како и поголема координација со централната власт, засега Општините се оставени сами на себе без скоро никакви можности и ресурси за самостојно менаџирање на било каков вид на криза.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи