ВИДЕО – Потребно е да се заштитат костеновите шуми во Поречието и да се изградат пристапни патишта до нив


Во петок и сабота во Македонски Брод по 16 пат ќе се одржи манифестацијата „Фестивал на костенот“, кој за разлика од минатото годинава се одржува 2 дена. Ќе започне вечерта во петокот каде ќе може да се дегустираат печени костени и ќе има културно уметничка програма. Во саботата прво ќе има изложба на ракотворби од костен кои ги изработуваат децата од градинката и основните училишта, дефиле на културно уметнички друштва кое ќе финишира со настап во центарот на градот. Инаку костенот е најкарактеристичниот и најпознатиот плод и бренд од Поречието кој што е баран низ цела Македонија, па и пошироко.

„И ќе може да се вкуси печениот поречки костен. Ќе имаме изложено и многу еколошки и здрави производи кои се користат низ Поречието, тргнувајќи од медот од костен кој што е еден од најквалитетните и најбарани видови на мед“, вели Жарко Ристески, градоначалник на М. Брод.

Во просек во Поречието се произведуваат по 300 тони на костени годишно. Но проблем имало што профитот завршувал во рацете на прекупците, наместо парите да завршат директно во џебот на жителите од овој крај.

„Така да ние како Општина водиме соодветна стратегија да донесеме инвестирот во Поречието кој што ќе помогне да отвориме легален откупен пункт и ќе имаме барем полупроизвод од костен или калибрирање на самиот костен па потоа тој од тука да се извезува низ Македонија и странство“, додаде градоначалникот Ристески.

Друг проблем е тоа што до костеновите шуми тешко се стигнува, нема патишта, нема инфраструктура, а дел дрвјата веќе започнале да се сушат и треба да се заштитат.

„Дел од костеновите стебла започнуваат да се сушат, Општина Македонски Брод оди на таа варијанта да се изработи, во соработка со стручни лица, соодветна студија за да може да се заштитат тие костенови стебла. Сметам дека доколку ги заштитиме нив подобро би било костенот да се собира на овој начин отколку да се оди на плантажно производство. Само треба да се заштитат самите стебла и исто така, тоа Општинатга не го можи сама, но со помош од државата да се направат пристапни патишта до костеновите шуми“, потенцираше Ристески.

Од Општината велат дека биле во интезивни преговори со повеќе компании за да се отворат економски капацитети во Брод за откуп и преработка на костенот.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи