Јавна дебата во Кичево на тема – Како до отпорна и одржлива локална заедница во услови на криза?


Општините одвоиле само 5% од нивните годишни буџети во текот на 2022 и 2023 година за да се справат со последиците од енергетската, економската и кризата со храна. Мерките и програмите кај најголем дел од општините: Штип, Прилеп, Битола, Кичево, Пласница, Ресен, Охрид остануваат идентични во 2022 и 2023 година, а најмногу се вложува во надминувањето на енергетската криза која што и најмногу ги зафати општините со високите сметки за струја во текот на зимата 2022 година.

Позначаен одговор на енергетската криза дава општина Пласница која што во 2022 година речиси и да немала предвидено буџет за енергетска ефикасност, но затоа пак во 2023 година предвидува цели 1.200.000 денари за реконструкција на јавни објекти во енергетски ефикасни, како и во градење на водоводна мрежа, што пак во проценти зафаќа дури 37,25% од вкупниот буџет на општината. Општина Охрид исто така најмногу од антикризниот буџет, односно дури 99% вложува во справувањето со енергетската криза, додека пак кога говориме за кризата со храна и социјалната заштита тука општините имаат издвоено најмалку односно 5-6% освен Битола и Ресен со повеќе од 15% и Прилеп со 11.7%

 

 

Она што пак е интересно да се спомене е дека од анализираните општини во Југозападниот плански регион единствено само општина Охрид воведува специфични мерки како субвенционирање на сметките за комунални услуги, но и субвенционирање на услугите во руралните средини што пак е насочено кон унапредување на развојот на руралните средини и зголемување на производството на храна на локално ниво, а кога се прават ребалансите на буџетите најмногу се крати од капиталните проекти.

Од општина Кичево напоменаа дека согласно буџетот со кој што располагаат општината вложува максимално во делот на зголемување на енергетската ефикасност на јавните институции, а се вложува и во социјалната заштита и обезбедувањето со храна на сите жители на општината. Од Регионалната комора на Стопанската комора на Северна Македонија говореа дека ефектите особено се почувствувани во локалниот бизнис сектор, а како пример беа особено истакнати празните дуќани кои што не работат, нивите кои што не се обработуваат и се помалиот број на жители и млади во општината.

Свој придонес кон дебатата дадоа и претставници од политичките партии, подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а како да направиме успешен кризен менаџмент и како да се креираат мерки во мирно време кои што ќе може да бидат употребени за време на криза, свои препораки дадоа и до Регионалниот центар за управување со кризи Кичево.

 

 

 

Главните заклучоци и препораки од дебатата беа дека треба да се работи на планирање и спроведување на стратешки мерки и активности кои што ќе донесат до подолгорочен развој во локалната заедница, понатаму дека е потребно да имаме одржливо користење на сите ресурси со кои што располагаме како локална заедница, а здруженото делување како локални чинители со меѓусебно надополнување со капацитети и знаења е единствениот начин како да ја подобриме и унапредиме локалната економија со локалните ресурси со кои што располагаме.

Јавната дебата беше организирана како еден од завршните настани во рамките на проектот „Мониторинг, оценка и предлози за антикризни мерки во услови на тесен буџет“, поддржан од Владата на Швајцарија преку Цивика Мобилитас.

 

 

 

 

Автор: Рурална Коалиција

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи