На денешната завршна конференција на Мрежата за заштита од дискриминација беше промовирано видеото „Земјоделки – светулки на маката“ во кое се претставени предизвиците со кои секојдневно се соочуваат жените земјоделки.
Дискриминацијата сè уште се смета за најсилна во земјоделскиот сектор. Руралните жени и жените земјоделки секојдневно се соочуваат со бројни предизвици и дискриминација, често спаѓаат меѓу најсиромашната популација, основните човекови права им се оневозможени, нивниот труд е ниско вреднуван, вклучително и трудот во семејното домаќинство, семејните обврски и работата на семејниот земјоделски имот.
Руралните жени или Жените кои сите ние ги споменуваме како двигатели на руралниот развој и одржливото земјоделство, се “случајно” заборавени при креирање закони, стратегии и програми и покрај насоките на меѓународните политики, декларации и конвенции.
Г-ѓа Неда Чаловска – независна експертка посочи на проблемите со коишто се соочуваат жените од руралните средини односно земјоделките и земјоделците од аспект на социјални, работнички права и родова еднаквост. Пристапот до права и надминувањето на нееднаквоста на земјоделките и земјоделците понекогаш се третирани со регуларни мерки или специфични мерки коишто не секогаш се добро осмислени и неможат да доведат до посакуваниот резултат.
Г-ѓа Чаловска посочи и на дискриминаторките елементи на Програмата за поддршка за социјална сигурност на жените во земјоделството за 2023година, со која се предвидува финансиска поддршка за жени-индивидуални земјоделки за отсуство за мајчинство но под услови односно критериуми кои ги ставаат земјоделките во понеповолна положба во споредба жените-работнички од други сектори.
М-р Гоце Коцевски – програмски директор од Македонското здружение на млади правници ги презентираше кличните наоди од анализата “Меѓународни стандарди и компаративни практики за остварување на правото на парични надоместоци заради привремена спреченост од работа поради болест, повреда, бременост, раѓање и мајчинство”. Тој даде краток преглед на специфичните регулативи за обезбедување на работнички права на земјоделците во останатите земји од ЕУ како и земјите од регионот, посочувајќи дека користејќи ја компаративната анализа и регулативите од други земји може да се креира идејно решение за законодавни измени.
Пратеничката Благица Ласовска нагласи дека на жените земјоделки и земјоделците им е оневозможено да пристапат до права, односно не се препознаени во системот и дека време е за промена на законодавството и нивно препознавање од системот на нашата држава.
Г-ѓа Лолита Ристова, претседателка на Клуб на пратенички посочи на афирмативните мерки кои се креирани да овозможат социо-економско јакнење на жените од руралните средини преку специфични програми за поддршка и промовирање на економските вештини на руралните жени.
Таа посочи на заложбите за воспоставување на соработка помеќу сите релевантни министерства и јавни институции во насока на подетална анализа на националното законодавство и системски промени кои ќе обезбедат пристап до права за парични надоместоци заради привремена спреченост од работа поради болест, повреда, бременост, раѓање и мајчинство за регистрираните индивидуални земјоделци, посочувајчи дека како пратенички даваат поддршка за унапредување на правата на земјоделките и пстигнување на родова еднаквост во руралните средини преку измени во законодавството.
Марина Тошеска од ЛАГ АГРО ЛИДЕР ја затвори панел дискусијата нагласувајќи дека над 70тина граѓански организации и мрежи поднесоа иницијатива за промена на законската регулатива и обезбедување на право на паричен надоместок при раѓање, мајчинство и грижа за дете за регистрирани индивидуални земјоделци.
Но, Земјоделките сѐ уште немаат право на платено породилно отсуство и покрај тоа што Собранието во мај оваа година едногласно ја изгласа потребата од донесување на „Предлог закон за измени и дополнување на Законот за здравствено осигурување“ со кој се овозможува платено породилно отсуство за жени-земјоделки со статус индивидуален земјоделец.
И оваа 2023 година ќе биде уште една година во која земјоделките ќе немаат право на бенефиции за отсуство поради бременост,раѓање и грижа за дете иако ова право е од клучно значење за ефективна имплементација на законодавството согласно ЕУ регулативите за заштита од недискриминација и еднаков пристап до работнички права, како и за намалување на родовата нееднаквост кај жените во руралните средини.
Земјоделци(ки)те немаат право на платено отсуство поради болест и повреда на работно место, иако земјоделството претставува високо ризична и тешка професија односно 4та по ред најризична професија со бројни последици врз здравјето.
И оваа година земјоделк(ц)ите остануваат без пристап до основните човекови права и без поддршка во борбата со структурните и дискриминаторските бариери, очекувајќи инклузивни законски политики кои ќе обезбедат економска сигурност на земјоделците, економска стабилност за новите и за растечките семејства, и промовирање на грижа за здравјето и социјалната благосостојба на земјоделците.