Со положување на свежо цвеќе на Спомениците на Методија Андонов Ченто, Кузман Јосифоски Питу како и на Могилата на Непобедените денеска во Прилеп се одбележа 3 Ноември Денот на ослободувањето на градот. Беше потенцирано дека треба да се чува и негува споменот за овој датум, како и за сите оние кои за време на НОБ го дале својот живот за слободата и државата која ја имаме денес.
„Тие го покажаја најважното, пожртвувано да се изборат за слободна и самостојна Република Македонија во која ги уживаме сите благодети. Ова е уште еден аманет кој ни го оставаат на новите генерации како се почитува и како се признава и оддава почит на нашата земја. Во ова време, невреме, каде сме изложени на сите кризи и предизвизи, ние треба сплотено да покажеме како треба да се справиме со она зло кое што не има нападнато“, изјави Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.
Годинава мотото на празникот е Прилеп, борец, херој, хуманитарец, а одбележувањето на овој значаен ден започна уште на 1 ноември со хуманитарен концерт за поддршка на лицата забоилени од цистична фиброза, а продолжи со различни културни и спортски манифестации.
„Почнуваме еден нов концепт, ново празнување на овој светол ден за Прилеп и прилепчани. Започнавме на 1 ноември, со хуманитарност, вчера продолживме со наука, а денеска финишираме со давање на почит на оние кои ги дадоа животите за ослободување на овој наш град. Како што кажа и градоначалникот, да оддадеме почит и да го наследиме тоа што тие го почнаа, да го развиваме, да го градиме и осовременуваме овој град затоа што тој навистина го заслужува тоа. Почнувајќи од 40-тите години па наваму, Прилеп изгради држава и заслужува да биде центарот на вниманието во Македонија“, рече Дејан Проданоски, претседател на Совет на Општина Прилеп.
Вечер ќе се одржи Свечена седница на Советот на Општина Прилеп на која ќе се доделат наградите плакети и дипломи за заслужни граѓани кои го афирмирале Прилеп на различни полиња, а годинава наградата за животно дело се доделува на: академик д-р Валентин Мирчески, за особен придонес во природно-математички и биотехнички науки. Примариус специјалист д-р Благоја Дамески, за особен придонес во медицината и опшественото живеење и на Диме Попоски, за особен придонес во музиката, режијата и филмот.