Прилеп има два пазарни денови среда, помалиот пазар и сабота кога е и главниот пазарен ден. За пазарот во Прилеп се вели дека е ако старата чаршија е душата, тогаш тој е срцето на градот. Затоа што велат ако во среда и сабота не отидеш на пазар исто како ништо да не си направил, како да не си излегол од дома. За тоа како функционира пазарот, што се бара, колку се бара и што се продава поразговараме со дел од земјоделците, од кои некои со децении продаваат на истото место. Една од нив е и Трајанка Димеска, можеби најстариот продавач тука кој продава на истата тезга цели 40 години.
„40 години продавам на оваа тезга јас, нон стоп сум тука, исклучок ако снеможам, инаку нон стоп.
40 години секоја среда и сабота?
Не, секој ден идам, 8 години идам секој ден, а 35 години одев и на нива и на тезга.
Ова е исклучиво ваше производство?
Наше производство, да.
Што продавате?
Земјоделски производи, од морков, пиперка, карфиол, брокула, зелка, кромид, компир, праз, тие работи.
Како оди цената на компирот, кромидот, зелката, празот?
Цената е различна, зависно од побарувачката како ја има на пазарот цената се менува. Ако нема на пазарот роба цената се крева, ние немаме стандард цени на ништо, некогаш може производите и да ги фрлиме, немаме гарантирана цена на ниту еден производ.
Денеска како се движат?
Денеска моментално 30 денари е зелката, зависно од квалитетот, пиперката е 70 денари, а има и од 50, значи поквалитетната пиперка е 70 денари.
Компирот, кромидот?
Компирот е стандард, цела година не ја смени цената, 50 денари. И кромидот исто 50 денари.
Празот?
Празот е 60 денари.
И како се бараат производите, народот има ли да купува?
За разлика од претходните години потрошувачката ни е намалена, и со зимниците не наклаваат веќе луѓето како некогаш што наклаваа, што земаа повеќе. Потрошувачката е намалена, не е како порано.
На што се должи тоа?
Тоа се должи на немање пари народот, нема пари да купи некој, му е скапо“, вели Трајанка Димеска, земјоделец од Прилеп.
Во Прилеп доаѓаат да продаваат и земјоделци и трговци и од другите околни градови и села. Некои се задоволни некои, велат дека има помалку побарувачка за земјоделските производи.
„Од каде доаѓате?
Од Кавадарци.
Секоја среда и сабота сте тука?
Среда и сабота идам.
Какви се цените на производите, дали има разлика помеѓу тиквешкиот регион и Прилеп?
Цените не се голема разлика, можеби со 10 денари разлика, но тука се.
Потрошувачката е намалена за разлика од минатите години, многу е намалена. Ги нема младите, ги нема луѓето да пазаруваат како што беше порано, да има живот, да се гледа повеќе гужва… нема.
На што се должи тоа, нема доволно средства или и иселувањето делува?
И средствата, ние си тргнуваме еве прво од мене, знам колку можам, така и луѓето. А и иселувањето е многу, и нашите деца не се тука, значи секоја фамилија сите сме по двајца, кој дојди ние сме двајца дома, ние сме двајца, и јас сум двајца.
Каде се вашите?
Едното ми е во Скопје учи, а другото ми е Германија. Многу ни се јасни работите како е и што е.
Што продавате тука сега?
Зависи од сезона, сега почнуваме со зеленото, спанаќ, марула, пред тоа имаме грозје, зависи што ни носи сезоната, тоа“, кажа Јулија Салилоска, земјоделец од Кавадарци.
„Ваше производство?
Наше производство, од Бела Црква.
Како се бараат производите годинава, како го оценувате пазарот во Прилеп?
Пазарот во Прилеп е малку поскапа пиперката бидејќи има откуп, кромидот и тој е поскап бидејќи нема кој да сади. Значи ние садевме во Бучин, Бела Црква, Воѓани, Обршани помалку, садевме и по 100 тони вадевме секоја куќа, а сега има по 2 тона, некој ич и затоа е поскап. Сега е 50 денари, а тогаш беше 10 денари, 5 денари, значи природно е зголемена цената бидејќи е намалено производството. А пиперот има многу производство, но има и откуп, откупот достигна 50 денари и сега мора овде да биде 40-50 денари зелената ситна, ако е ситна пак ја земаат луѓето.
Значи како земјоделци годинава сте задоволни од цените?
Задоволни сме, но треба да се вратат сите на земјоделие и да се работи, во спротивно…“, рече Гоце Рајчиноски, земјоделец од с. Бела Црква, Општина Кривогаштани.
Инаку пазарот во Прилеп не се смета како само обично купување на потребните намирници. Тука луѓето не доаѓаат само да пазарат, доаѓаат и да си помуабетат со продавачиите, со трговците, да се видат со пријателите. Да се поценкаат, да се напијат кафе или по една ракија со мезе во околните кафеани и секако да го истераат познатиот прилепски мајтап. Но со иселувањето и ред други околности, како немањето на соодветен паркинг околу пазарот во Прилеп, дел од оние кои со години продаваат тука сметаат дека некако како да замира овој стар начин на живот на граѓаните, оваа традиција,
„Пазарите во Прилеп се многу слаби во среда, во сабота и така и така, но во среда се нула, еве гледаш нема жив човек.
Се уште сме рано?
Рано е, но нема луѓе, сето е пензионери, никој не влегува во пазарот бидејќи треба да се наплати смс порака, 20 или 30 денари, пола од луѓето не знаат да пуштат смс и си одат по маркетите, овде никој не влегува. И нема роба.
Што продавате вие овде сега?
Ова е моја тезга, дома, зелка, пиперки.
Како одат цените?
Граорката е 70-80, зелката е 25-30, доматот е 70 со 40 оштетениот и така… Но многу е слабо оваа година.
Минатите години како беше?
Пред 3 години беше многу убаво, се продаваше многу. Лани и така и така, но оваа година е катастрофа.
Што е причината за тоа, што мислите?
Нема луѓе, никој не влегува в пазар, младите се отселија, старите што, до пред 3 години тој што купувал 5 килограми домати, сега купува 1 килорам. Тие што останаа половина се стари, половина не влегуваат со паркингот, не можеш да паркираш никаде, а по маркетите оди пред продавница, зема што му треба, става в кола и готово“, додаде Бранислав Ричкоски, земјоделец од Прилеп.
„Овде сум од 86-та година, се занимавам со зелка, магдонос, моркови, лук, таква работа. Потрошувачката сега е мизерна, нема потрошувачка, нема ред во пазарот, нема дисциплина никаква, кој кај ќе најде на патот става, а ние плаќаме овде по 5.000, а некој ништо, со пријатели… и тука е нервозата, ние цел ден стоиме за 50 килограми зелка. Инаку цената е добра, 30 денари зелката, лукот 200 денари, но тешко е. Јас сум 35 години и ваква мизерија никогаш не било.
Нема доволно народ?
Нема народ, но и потрошувачката е намалена, порано за наклавање зелки или што било, сега нема воопшто никакво. Дали не купуваат, не знам, еве вака завртете низ пазаров и ќе видите на колку места има зелка.
Младите каде пазарат, по маркетите?
По маркетите, еве и син и ќерка имам и сите по маркетите, ќе појдат, ќе се паркираат, овде нема каде да паркираш, целиот пазар го блокираа. Нема каде да паркираш, ќе ти стават канџа или ќе ти пишат ливче да платиш 1.000 или 2.000 денари, нема ни катна гаража… мизерија е ова и допрва ќе иди“, истакна Зоран Трајкоски, земјоделец од Прилеп.
Дали прилепскиот пазар после векови на функционирање е во опасност да ја загуби битката со големите ланци на маркети ќе покаже времето. Но сепак шмекот на купувањето тука и непосредниот контакт и разговор со оние кои го произведуваат производот не може да се замени со ништо. Тоа е она што се уште дава надеж дека срцето на Прилеп ќе продолжи да пулсира со истиот ритам како и во минатото.