ООУ „Добре Јованоски“ продолжува да биде пример за инклузија на сите ученици и давање на помош на кои таа им е најпотребна. За само неколку денови ова училиште организира втор голем хуманитарен настан. Имено училиштето заедно со детската фондација „Песталоци“ и Здружението за асистивна технологија „Отворете ги прозорците“ организираа мизучки хепенинг под мотото „Спортот и музиката не зближуваат“. Настанот е со цел да се помогнат децата со посебни потреби и во целокупната инклузија да се помогнат учениците со емоцинални проблеми кои потекнуваат од социјално загрозени семејства, самохрани родители и слично.
„Знаеме дека населбата Тризла и нашето училиште се мултиетничка и мултикултурна средина, во таа средина во нашето училиште со децении учат ученици кои имаат секакви потреби и ние како училиште секогаш им идеме во пресрет. Со оваа хуманитарна акција, средствата кои ќе бидат собрани, ние ќе ги помогнеме понатаму нашите ученици кои имаат било каква потреба, дали се работи за здравствен проблем, некоја операција, дали се работи за облека, за училишен материјал итн“, истакна Софија Ристеска, дефектолот во ООУ „Добре Јованоски“ – Прилеп.
Средствата се собираа денеска во кутии за донација, а организаторите на проектот посетиле 30-тина компании од Прилеп, каде ја образложиле нивната благородна идеја и од каде исто така очекуваат донации.
„Денес учениците и наставниците држат лекција на сите како треба да бидат хумани. Се собираат средства за децата со посебни потреби, за децата од ранливите категории и ние сме среќни што во нашето училиште владее хуманоста, срцето на учениците е просветлено со хуманоста. Знаеме дека имаме добра иднина и ученици на кои можеме да се потпореме“, рече Панде Николоска, директорка на ООУ „Добре Јованоски“ – Прилеп.
Овој проект со вакви настани ќе се одвива во наредните 3 години.