Меѓународни кредитори, вклучително и Европската банка за реконструкција и развој (ЕБРД) и Светската банка, ќе одобрат план вреден 4 милијарди евра кој треба да ја оттргне Македонија од користењето јаглен во енергетиката, потврди првиот човек на ЕБРД за агенцијата Ројтерс.
Договорот, кој треба да биде објавен за време на Климатскиот самит КОП28 во Дубаи кој започнува на 30 ноември, ќе содржи план за затворање на двете преостанати електрани на јаглен во земјата, РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј, и нивна замена со обновлива енергија преку капацитети кои ќе произведуваат 1,7 гигавати електрична енергија.
„Јагленот во Северна Македонија претставува 40 отсто од изворот на енергија, така што е многу голем, многу важен извор. Ова е еден пример за тоа што би сакале да прикажеме на COP28, да го претставиме овој пристап и што тој може да даде, како и посветеноста на земјата“, изјави за Ројтерс претседателката на ЕБОР, Одил Рено-Басо.
Обединетите нации во 2018 го прогласија Скопје за најзагадениот главен град во Европа, додека земјата со години работеше на намалувањето на зависноста од јаглен како извор на енергија. Сепак, во 2021 повторно почна да работи електраната на јаглен РЕК „Осломеј“ за да се намали увозот на струја.
Портпаролот на Климатските инвестициски фондови на Светска банка потврди дека Северна Македонија е во трка за 85 милиони американски долари концесионално финансирање од неа и рече дека инвестицискиот план, вклучително и конкретната сума пари, ќе оди во управата на ова тело за одобрување на почетокот на следната година.
Портпаролот додава дека зелената транзиција, вклучително и во Македонија, е еден од нејзините клучни приоритети, но дека не е во позиција да потврди какви било детали од планот.
Македонија се приклучи кон Сојузот за енергија без јаглен во 2021 година. Откако првично планираше да го отстрани јагленот од употреба во 2027 година, рокот потоа беше продолжен за јануари 2030 година. Одложувањето, како и плановите да се отворат два нови рудника за јаглен, за да се обезбеди енергија поради војната во Украина, се слични како и плановите на други земји во ЕУ.