„Осудени за вистината“ – протест на новинарите и медиумските работници пред Граѓанскиот суд во Скопје во поддршка на ИРЛ

Новинарите и медиумските работници денес излегоа на протест пред Граѓанскиот суд во Скопје, поради цензурата која што беше спроведена врз ИРЛ. „Не ми се ќути“, „Цензори во име на моќниците“, „Не сме џубокс, ние сме новинари“ и „Осудени за вистината!“ беа дел од пораките кои можеа да се видат испишани на транспаренти, додека дел од новинарите демонстративно ги залепија устите со трака, алудирајќи дека власта и моќниците сакаат да ги замолчат.

Револтот доаѓа по пресудата во случајот „Фероинвест против ИРЛ“ во која се спори статусот на новинарите во ИРЛ и се наведува дека тие не можат да се претставуваат како новинари и да прават новинарски емисии, што според новинарските здруженија може да биде опасен преседан во иднина.

„Ние зборуваме во име на граѓаните. Кога сакаат да не` забранат нас ги забрануваат граѓаните. Забрануваат граѓаните да го кажат својот глас, забрануваат граѓаните да ја слушнат вистината. И затоа сакам да им порачам – не му успеало на никого до сега, и нема да успеат. Само ќе не направат посилни, само предизвикаа да дојдеме овде пред Судот и да ја пратиме пораката. И сакам да им кажам дека нема да застанеме“, кажа новинарот Сеад Ризвановиќ.

Протестот го поддржаа Самостојниот синдикат на новинарите на Македонија и Здружението на новинаритр на Македонија (ЗНМ), кои поставија плакета за „Цензор на годината“ наменето за судијката Јованка Спировска Панева, која ја донесе контроверзната пресуда против новинарите од ИРЛ.

„Години наназад судиите работат во корист на бизнисмените, во корист на политичарите. Но, ние сме тука да ја кажеме вистината пред се`. Судиите треба да си ја знаат работата и да ја ценат, не според тоа кој е во позадина и кој е тој што тужи, туку реално да гледаат на работите. Затоа што никој досега не не` замолчил, ниту отсега ќе не` замолчи“, рече новинарката Ирена Мулачка.

ЗНМ веќе поднесе претставка до Судскиот совет, во која бара да се утврди одговорноста на судијката Јованка Спировска-Панева оти без објаснување ги исклучи новинарите од судницата за да ги соочи главната уредничка на ИРЛ, Сашка Цветковска, и Кочо Анѓушев.

Новинарите побараа од Граѓанскиот и од Апелациониот суд повнимателно и поодговорно да се однесуваат со тужбите за клевета и навреда против новинари и да ја почитуваат слободата на информирање.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи