Потпишан Меморандум за изградба на брза пруга од Ниш до Скопје

Facebook
Twitter
Email
Print

Скопје и Ниш ќе се поврзат со брза пруга по која возовите ќе возат од 120 до 160 километри на час. До двата града ќе се стигнува за два часа, а изградбата би чинела 1,5 милијарди евра, пари кои Македонија и Србија ги немаат и заедно ќе ги бараат од европските фондови.

За да се овозможи ова, министрите за транспорт и врски на двете држави, Благој Бочварски и Горан Весиќ, денеска, во Белград, потпишаа меморандум за соработка за воспоставување железничка мрежа со високи перформанси, како дел од железничкиот Коридор 10. Во следниот период, треба да се формира работна група што ќе треба да го дефинира акцискиот план по кој ќе се работи.

„Земаме обврска за овие проекти да обезбедиме средства од меѓународните финансиски институции да час поскоро започнеме со реализација на оваа регионална иницијатива. Со министерот Весиќ во рок од две недели ќе формираме работна група и таа работна група ќе почне да работи на акционен план со динамика за реализација на овој проект. Коридорот 10 за регионот е најзначајниот европски коридор кој не поврзува со Средна Европа и мораме да ги користиме потенцијалите и придобивките, а инвестициите не само што се потребни, туку се и неопходни за да останме конкуретни на останатите рути во железничкиот и во товарниот транспорт“, изјави министерот Бочварски од Белград.

Доколку годишно се градат по десет километри пруга, за шест години би можела да биде завршена изградбата. На македонска територија, во првата фаза треба да бидат изградени 50 километри, и тоа од границата со Србија до Скопје, поточно од преминот Табановце до главниот град и со железнички крак до аеродромот „Скопје“. А, од другата страна, веќе се проектира делницата Ниш – Прешево, долга 135 километри.

Ова е само дел од големиот проект, кој се спроведува во рамките на „Отворен Балкан“ и со кој Македонија треба да фати приклучок кон железничкиот коридор Будимпешта – Белград – Ниш – Скопје. Во перспектива, релацијата Скопје – Белград ќе се минува за три часа, односно возовите од Белград до Ниш ќе се движат со брзина од 200 километри на час, а од Ниш до границата со Македонија – од 120 до 160 километри на час.

„Нашата посветеност за соработка со сите држави од регионот има бенефити за граѓаните и компаниите. Ние немаме толку силни економии како во земјите од Европската унија и затоа е важно да соработуваме затоа што силата е во заедништвото. Наш фокус мора да остане Европската унија бидејќи државите од регионот таму и припаѓаат“, рече Ковачевски на прес-конференцијата по потпишувањето на Меморандумот.

Според српската премиерка Брнабиќ, со денешното потпишување на Меморандумот се трасира патот за идниот развој на односите меѓу двете држави. Од српска страна завршена е брзата пруга од Белград до Нови Сад, а до крајот на 2024 година планирано е да се заврши и делот до Суботица така што ќе го имаат завршено целиот дел до Унгарија.

„Очекуваме до крајот на 2025 година и Унгарија да ја заврши делницата од Будимпешта до Суботица. Продолжуваме да вложуваме во железничкиот Коридор 10 со модернизција на пругата од Белград до Ниш. Нашиот план беше и од Ниш до Прешево, но веќе во последните неколку месеци почнавме да разговараме и оваа делница до Скопје и денес веќе го потпишуваме Меморандумот“, рече Брнабиќ.

Како што истакна Брнабиќ, во најкраток можен рок ќе се формира заедничка работна група за изградба на акционен план за изградбата на пругата од Ниш до Скопје.

„Ќе разговараме со партнери од Северна Македонија за понатамошната изградба на пругата од Скопје до Солун и понатаму од Солун до Атина. Србија потоа ќе биде на транспортната рута од пристаништето Пиреја до Западна Европа, што ќе донесе огромни придобивки за нашата земја. Економската соработка на нашите две земји бележи рекорди во размената на стоки, кои изнесуваат 1,48 милијарди евра, што е зголемување за 2,8 пати“, рече српската премиерка.

Македонија во овој момент работи на изградба на пругата на источниот дел на Коридор 8 кон Република Бугарија, инвестиција вредна повеќе од 200 милиони евра, а веќе е завршена реконструкцијата на јужниот дел од Коридорот 10 во должина од 30 километри.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи