Помина уште една година во која не ги вложивме нашите максимални напори како држава за да го подобриме квалитетот на живот во руралните средини, потенцира во интервјуто за Инфо Компас, Лилјана Јоноски, извршна директорка на „Рурална Коалиција“, граѓанска организација која одбележа 10 години од своето постоење. Според Јоноски имаме се помало локално домашно производство на храна кое што секоја година е се помало од претходната. Само во првите 7 месеци од 2023-та извозот пораснал за 7,3%, но увозот на овошјето и зеленчукот за двојно повеќе односно 15,8%. ИПАРД програмата и понатаму останувала недостижна за помалите земјоделски стопанства. Во 2024-та во фокус ќе им биделе младите и жените и унапредувањето на нивните права и положба во заедницата.
Колку според Вас беше успешна 2023 година ако го земеме во предвид руралниот развој?
Јоноски: Искрено, сметам дека зад нас е уште една година во која што според мене не ги вложивме нашите максимални напори за да го подобриме квалитетот на живот во руралните средини. Се уште сме во економска, па и енергетска криза, а тоа го докажуваат и високите цени на овошјето и зеленчукот кои што ги искусивме оваа година сите како граѓани на оваа држава, па дури и мораше да имаме интервентни мерки за замрзнување на цените на овошјето и зеленчукот за да може колку толку да го имаме на нашата трпеза. Високите цени освен што говорат за високите трошоци за производство говорат и за еден друг сегмент, а тоа е дека имаме се помало локално домашно производство на храна кое што секоја година е се помало од претходната. Тука само би навела како пример дека за првите 7 месеци од 2023 година извозот пораснал за 7,3%, но увозот на овошјето и зеленчукот за двојно повеќе односно 15,8%. Поради војната со Украина и понатаму се бележи пад на извозот на јаболкото, а поради лошите временски услови приносите од жито беа далеку помали во споредба со претходните години што доведе и до зголемување на откупната цена на житото, но и на цената на лебот, брашното, како и увозот.
Тука секако дека треба да ја споменеме и искористеноста на средствата од ИПАРД 2 програмата која што е најдобра во регионот, како и на Програмата за рурален развој, но при тоа мора да споменеме и дека ваквите средства во најголем дел ги користат големите земјоделски стопанства или пак преработувачките капацитети во секторот, а малите земјоделски стопанства и понатаму се на маргините поради нивната слаба финансиска моќ. Особено се вложуваше во развојот на малите семејни винарии на територијата на нашата држава, а како напредок може да се смета и донесувањето на Законот за советодавни услуги кој што треба да ги унапреди професионалниот и квалитетен развој во руралните средини, како и објавувањето на огласот за регистрација на Локалните акциски групи (ЛАГ-ови) кои што како форми на здружување кои ги обединуваат сите локални засегнати страни кои што може да придонесат кон локалниот и рурален развој. Да се надеваме дека 2024 година ќе биде година на пресврт, година кога навистина ќе го имаме како приоритет руралниот развој со оглед на тоа што се декларираме како рурална и земјоделска земја.
Што Вие би издвоиле од Вашата работа како вредно за одбележување во 2023 година?
Јоноски: 2023 година најпрво за нас беше јубилејна година кога одбележавме и 10 години од нашето постоење и делување во граѓанскиот простор. Годината ја започнавме со фокус на младите во руралните средини со кои што работевме на зајакнување на нивните капацитети за нивно активно делување во средините од каде што доаѓаат, како и поттикнување промени кои што ќе го подобрат квалитетот на живот во руралните средини во соработка со општините, бизнис секторот и останатите локални чинители.
Работевме на зголемување на нивните знаења, но дававме и логистичка и техничка поддршка за основање и вклучување во Локалните младински совети, како и на теми поврзани со модернизација на земјоделското производство, современ и модерен рурален развој, како и справување со климатските промени. Понатаму 2023 година исто така ни ја одбележа нашата работа во делот на унапредување на родовата еднаквост во руралните општини, па така со 17 општини работевме на изготвување на првите иницијативи за родово-одговорно буџетирање, работевме со Комисиите за еднакви можности на унапредување на нивните програми за еднакви можности, за вклучување на жените во процесите на креирање на политики и донесување на одлуки, а работевме и на застапување за правото на породилно отсуство за жените регистрирани како индивидуални земјоделки.
Успеавме да ја формираме и локалната акциона група ЛАГ Треска кој што ќе делува на територијата на општините Кичево, Пласница и Македонски Брод, а за прв пат работевме и на полето на јавните набавки на општините и јавните институции, како и на економска анализа на мерки на општините за надминување на кризата со храна на локално ниво.
Годината ја заокруживме со нашите заложби во шестиот по ред Национален Акциски план за Отворено Владино Партнерство 2024-2026 каде што во наредните 2 години ќе работиме на зголемување на информираноста на јавноста во делот на климатските промени, понатаму на унифицирање на механизмите за вклучување на граѓаните во процесите на креирање на политики во општините, како и на зголемување на бројот на општини кои што редовно ги поднесуваат годишните извештаи за унапредување на еднаквите можности помеѓу жените и мажите.
Го имавме на гости и претседателот на државата со кој што разговаравме за предизвиците со кои што се соочуваат жените од руралните средини и како истите може да се надминат со поддршка од институциите, а го одбележавме и Меѓународниот ден на руралната жена испраќајќи порака за ранливоста на жените од климатските промени и потребата да се делува на ублажување на ефектите од истите. Крајот на годината го посветивме на нашите социјални активности и како и секоја година во соработка со основните училишта изготвивме новогодишни пакетчиња кои што потоа ги доделивме во центрите за нега на лица со попречености.
Што очекувате во 2024 година и кои се Вашите работни планови?
Јоноски: 2024 ја започнуваме со работа на унапредување на индексот на отвореност на општините низ државата, како и на унапредување на алатките за е-консултации со граѓаните, во 2024 година ќе работиме на имплементација на родово-одговорните буџетски иницијативи кои што ги подготвивме во 2023 година, ќе ги промовираме трите локални еколошки акциски планови за општините Кичево, Пласница и Македонски Брод чија што изработка е при крај, ќе спроведеме бројни еколошки акции, а ќе работиме и на зголемување на свеста кај јавноста и земјоделците за потребата од прилагодување кон климатските промени.
И во текот на 2024 година во фокус ќе ни бидат младите и жените, па ќе работиме на унапредување на нивните права и положба во заедницата, ќе ја активираме работата на ЛАГ Треска, а и понатаму ќе бидеме активни во делот на мониторингот на јавните набавки, дигитализацијата на јавните услуги, како и унапредување на нашата логистичка и техничка поддршка за е-комуникација со институциите и општините која што ја обезбедуваме веќе трета година по ред преку Локалниот е-центар за поддршка на е-владеење во локалната заедница.
Ќе се фокусираме на искористување на сите можности за унапредување на руралниот развој и подобрување на квалитетот на живот во руралните средини. Планот ни е исто така да ја зацврстиме нашата соработка, но и вмрежување на регионално и меѓународно ниво, како би можеле да го прошириме нашето влијание, но и преку размената на искуства и знаења да продолжиме да ги градиме и нашите капацитети и знаења преку кои што ќе можеме и оваа 2024 година да поттикнуваме позитивни промени во локалната заедница.