Со државнички активности денес се одбележуваат 20 години од трагичната авионска несреќа во која по падот на владиниот Кингер кај Мостар животот го загубија тогашниот претседател на Македонија, Борис Трајковски, членовите на делегацијата, како и членовите на екипажот.
20 години подоцна, на местото на несреќата, Македонија се сеќава на делото и политичкото наследство на Трајковски.
„Ова спомен-обележје не е само паметник на трагичниот миг. Ова е потсетник за сите генерации дека Македонија имала и има доблесни и решителни луѓе кои следејќи ја својата визија, својот сон, имаа храброст да гледаат во иднината. Денес нашата земја е членка на НАТО и на дофат и е членството во Европската Унија. Визијата на Трајковски ме остава во уверување дека и сега тој не би се двоумел што е најисправно да се направи иако и самиот знаел дека луѓето со визија се осудени да бидат подоцна разбрани“, изјави министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска пред спомен – обележјето на местото на несреќата во Ротимље, Босна и Херцеговина.
Трајковски беше избран за претседател на изборите во 1999 година, а претходно стана популарен кај граѓаните со изјавата кој ја даде како заменик министер за надворешни работи во врска со бегалците од Косово.
„Ова е срам за меѓународната заедница. Никој не прашува какви се проблемите на оваа држава – вие убаво, од далеку, од Шведска следите… Јас ќе ви предложам нешто – пратете 100 авиони и пренесете ги бегалците во Стокхолм“, рече тогаш Борис Трајковски.
Претседателот Трајковски важеше за човек близок до народот на Македонија, патувајќи низ целата земја, слушајќи и разговарајќи со граѓаните, избраните функционери, бизнисмени, едукатори и верски лидери. Одржуваше одлични односи со сите членови на владата, како и со амбасадори и претставници на странски земји и организации со седиште во Македонија.
Имаше визија каде Македонија ќе биде општество засновано на индивидуалци, а не на разни групи, општество засновано на доверба.
„Ние мора да создадеме општество засновано од индивидуалци, не од колективни групи и граѓани, не од етнички групи. Мојата визија е да создадеме општество засновано на демократија, владеење на правото и слободна пазарна економија и конечно да создадеме општество засновано на доверба. Ние го правиме тоа, но не е доволно само да се зборува за демократија, а истовремено да се дозволува цветање на криминалот и корупцијата“, говореше прерано починатиот македонски претседател Борис Трајковски во неговото последно интервју, неколку денови пред несреќата.
После падот на авионот, мировната мисија на СФОР не допушти пристап до местото на несреќата и не можеше да се изведе спасувачката мисија. Контролата на летање беше воена на меѓународната мисија и за неа се грижеше француската армија. Истрагата ја водеа 2 меѓународни комисии и се појавија две теории, првата дека дента на трагедијата имало магла и пилотите згрешиле и прерано се спуштиле, а втората дека биле наведени порано да го почнат спуштањето, односно дека станува збор за атентат. Сите истраги во странство беа затворени како пилотска грешка, додека македонското обвинителство се уште го држи случајот како отворена истрага.
Покрај претседателот Трајковски, во падот на Кингерот загинаа службениците од неговиот кабинет Димка Илкова Бошковиќ, Ристо Блажевски и Анита Лозановска, дипломатот Миле Крстевски, телохранителите Аце Божиновски и Борис Велиновски, и пилотите Марко Марковски и Бранко Ивановски.