„Тила“, единствениот македонски бренд за деца, овој пат во една малку поразлична добротворна акција, поттикната од добрата и јасна цел на едно деветгодишно дете да помогне на природата со пошумување на дрвја.
Оваа акција се одвива на опожарениот дел на планината Селечка, во близина на манастирот Св. Димитрија во с. Селце, со вкупен број на 2.000 садници кои ги обезбеди ОOУ „Кочо Рацин“ и компанијата „Тила“ од Прилеп, а ќе бидат насадени од страна на сите дечиња од IV до IX одделение.
„Кога се децата во прашање, ние имаме слух за нивните потреби, се разбира во рамките на нашите можности. Досега сме помогнале со разни донации на гардероба од нашиот бренд, но овој пат наидовме на нешто сосема поразлично. Искрено и од сѐ срце ја поддржуваме оваа идеја за да испратиме убава порака до сите дечиња, па и до нас возрасните, за тоа колку малку треба за да се направи едно добро дело“, вели управителот на „Тила“, Ивана Зајкоска.
Помошта за реализација на оваа искрена идеја на едно дете не запира тука. Јавното претпријатие „Македонски шуми“ од Прилеп го подготви теренот за ова пошумување, додека компанијата „Дам Дам градина“ од Прилеп е тука за да ги едуцира и води децата низ процесот на пошумување и за нашето влијание врз природата. Превозот на учениците до локацијата го обезбеди ПУП Општина Прилеп.
Деветгодишното дете ја предложило оваа идеја пред своите соученици од IVа одделение во ООУ „Кочо Рацин“ од Прилеп за време на изборот на претседател на класот. Предизвик, а воедно и цел, на ова дете било да направи нешто што би било добро за сите дечиња, со што ја добило довербата на неговите соученици.
Со цел да се реализира оваа добра мисла, „Тила“, како општествено одговорна компанија чиј свет е исто така детскиот свет и нивните потреби, ќе ги поддржи најмладите, заедно со одделенскиот наставник Анета Станкоска и директорката на училиштето – Јулијана Тренкоска.
„Оваа поддршка на едно училиште во воспитно-образовниот процес на децата е исклучителна и од големо значење и само на овој начин ќе успееме заедно во создавањето на совесни и одговорни млади личности“, вели Ивана Зајкоска.