Мариово се запоставува и комплетно уништува веќе 60 години. Тука се прави брутален егзодус. Редно е државата да се заинтересира за оваа област и овие луѓе. Со вакви пораки денеска Мариовци излегоа на протест и го блокираа регионалниот пат Прилеп-Витолиште кој е единствената врска на Мариово со светот. Велат дека Маирово и преостанатите 100-тина жители се буквално заборавени од сите. А секогаш оправдувањето на сите досегашни власти била „Таму нема луѓе, зошто да инвестираме?“
„Катастрофа. Овој простор е оставен надвор од сите димензиии и зафати на некакво уредување на животот, струја, вода. Во Витолиште се случува да нема струја и по една недела. Тие луѓе колку се толку се, а посебно за оние кои имаат и други потреби таму како земјоделствои, строчарство, пчеларство, авантуристички причини, риболо... Особено одржувањето на црквите. Тие луѓе прават згради на 1.300 мнв, со катастрофални патишта, а државата со сите институции не можела ништо“, вели Тренчо Димитриоски, Иницијативен одбор за поттикнување на развојот на областа Мариово – Прилеп.
Во Мариово во 21 век нема основни услови за живот. Нема превоз, по селата нема патишта, нема вода, за канализација не станува ниту збор. Дури и кога ќе настане дефект нема струја и по цела недела.
„Одам таму имам пчели, нема превоз. Од Прилеп до Витолиште таксито ми зема по 1.600 денари во правец. Тоа се 3.200 денари за да отидам таму и да се вратам назад“, рече Стојан Ристески, жител на Витолиште.
„Не се води ред никаков ниту за здравство, ниту за струја, луѓево и ако имаат некое јадење во фрижидерите им се расипува бидејќи нема струја и по цела недела. Порано имаше и амбуланти и лекари, сега ништо. И како да не се селат луѓето, насила ги иселија“, додаде Дано Даркоски, жител на Витолиште.
Жителите велат државата ги крши законите и нивните основни човекови права.
„Законски обврски имаат, да го одржуваат патот, да уредуваат здравство, да следат социјала, да ги следат проблемите на земјоделците, на пчеларите, на сточарите, на рибарите. Тоа е регулирано во посебните закони. Ако тие законските обврски не ги прекршуваат што следи? Еве ние ако прекршиме сообраќајно правило ќе не казнат? Како да ја решиме нивната одговорност“, кажа Димитриоски.
Мариовци се заканија дека ќе ги радикализираат мерките доколку и понатаму никој не презема ништо за оваа област.