Списокот на производи кои ќе имаат ограничена маржа произлезена од Законот за нефер трговски практики е веќе подготвен и ќе биде испратен до бизнис заедниците кои ќе имаат 10 дена да го кажат своето мислење и да дадат свои сугестии за тоа кои производи треба да се најадат на списокот, изјави денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
„Списокот има над 2.500 земјоделски и прехранбени производи. Тој деновиве ќе биде доставен до бизнис заедниците кои ќе треба да го разгледаат и да дадат свои сугестии. Најдоцна за 10 дена ќе имаме предлози и сугестии и согласно тоа ќе го подготвиме списокот, потоа сите трговци ќе треба да ги усогласат цените“, рече Бектеши.
Нагласи дека доколку во периодот на адаптација на законското решение од шест месеци има зголемување на цените како Министерство за економија ќе и предложат на Владата одредени мерки со цел да бидат ублажени цените.
„Верувам во општествената одговорност на трговците, посебно на големите синџири на маркети зашто повеќе ги нема трошоците кои влијаеја на цените, но ако тоа се злоупотреби Министерството за економија ќе донесе соодветни мерки во корист на граѓаните. Тоа може да биде замрзнување на цени, услови кои би им ги дале на одредени трговци, а крајната мерка е затворање на одредени синџири на супермаркети преку носење на уредби и одлуки согласно кои инспекторатите и надлежните институции ќе постапуваат како што е предвидено во Законот за трговија“, посочи Бектеши.