Во Кичево одбележан Денот на пролетта во соработка со локалната заедница – „Климата се менува, зошто не и ние?“


Денес здружението „Рурална Коалиција“ во соработка со основното училиште „Кузман Јосифоски-Питу“ од Кичево како и градинката “Олга Мицеска“ од овој град засадија 60 дрвја од видот јавор, јасен и бреза. Овие дрвја се одбрани што испуштаат висок процент на кислород кој што треба да придонесе за намалување на загадувањето на територијата на општина Кичево. Акцијата е направена токму со најмалите и учениците затоа што токму од тука започнува да се гради и развива еколошката свест и совест.

Со денешната акција сакаме да испратиме порака дека оваа планета Земја е наша и дека друга немаме, а колку ќе ја одржуваме и чуваме зависи само од нас самите. Веќе важиме за еден од најзагадените градови во државата, а и на национално ниво состојбата не е ништо подобра, па токму ваквите мали чекори треба да поттикнат и поголеми акции кои што ќе ни го направат нашето место подобро за живеење – смета извршната директорка на Рурална Коалиција Лилјана Јоноски. Директорката, па на основното училиште Кузман Јосифоски – Питу, Ирина Стојаноска, спомена дека ваквите акции, но и соработката помеѓу сите институции и локални чинители треба да бидат почести, но и долгорочни како би имале и долгорочен ефект. Таа и додаде дека со учениците постојано се работи и на часовите секаде каде што се дозволува токму во наска на едукација на децата за заштитата на животната средина и јакнење на нивната еколошка свест“, истакна Лилјана Јоноски, извршна директорка на Рурална Коалиција.

 

 

Директорот, пак на градинката „Олга Мицеска“, Садик Ахмети спомена дека токму градинките се местата од каде што треба да се почне да се гради и развива свеста кај децата за екологијата и за заштитата на животната средина затоа што само кога децата гледаат и се вклучуваат во активности разбираат дека е тоа важно и за нив и за нивните најблиски.

Така ќе создаваме генерации кои што ќе ја имаат потребната едукација и свест да вложуваат во здрава и чиста животна средина“, рече Ахмети.

Акцијата на садење дрвја е дел од промотивната кампања за чиста животна средина во локалната заедница, но и дел од мерките предвидени во Локалниот еколошки акциски план на општина Кичево кој што беше изработен со поддршка на Рурална Коалиција, а во рамките на проектот “Локални партнерства за локални климатски акции“.

Проектот “Локални партнерства за локални климатски акции“ го имплементира Рурална Коалиција како институционален грант, а во рамките на проектот „ГОи во акција за климатските промени“, спроведуван од Еко-свест во партнерство со Македонското здружение на млади правници – МЗМП и Организацијата за промовирање на природните вредности и луѓе – ЦНВП Македонија.

 

 

Оваа објава е создадена со финансиска поддршка на Европската Унија, ко-финансирана од Шведска. Содржината е единствена одговорност на Рурална Коалиција и не ги одразува ставовите на Европската Унија или Шведска.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи