ВИДЕО – Димкоски: Без пчелите ќе имаме многу малку храна, направивме над 5.000 „Цветни бомби“ за зачувување на опрашувачите


Наш соговорник е професорот Филип Димкоски во СОУ „Орде Чопела“ – Прилеп и член на здружението Слоу Фуд Македонија, кое што пред неколку денови, односно на 21 март, Денот на пролетта организираше еден навистина интересен настан, со уште поинтересно име, односно „Фрламе цветни бомби“. Со Димкоски поразговаравме околу тоа за каков вид на бомби станува збор и како помина целата таа акција, чија што цел е зачувување на опрашувачите во нашата држава и биодиверзитетот.

За да им стане појасно на нашите гледачи се наоѓаме како што кажавте во стакленикот на СОУ „Орде Чопела“ во Прилеп кое беше дел од 63 училишта на ниво на Македонија кои учествуваа токму во оваа акција „Фрли цветна бомба“, од она што вие го имавте наведено како податок е дека токму од тие опрашувачи чија цел е да се зачуваат со оваа акција зависат 80% од дивите растенија кои растат во природата и 75% од оние култивирани растенија од кои ние добиваме исхрана, односно не би имале толку храна ако не се тие опрашувачи, односно пчелите и инсектите.

Димкоски: Кога го изучуваме земјоделството треба да имаме на ум дека тоа е еден процес кој всушност ја пресликува целата природа и секој инсект, секое растение, секое животно, човекот како ете да речеме најсовршено суштество во природата, сите имаат улога, сите имаат дел и сите се важни. Значи ништо не се исклучува, така е и со инсектите, особено со пчелите. Кога не би ги имале пчелите, би имале многу оскудна храна, таа би се сведила на растенија како компирот и многу мал дел растенија кои не се зависни од опрашувањето, меѓутоа би останале без сите оние шарени овошја и зеленчуци кои не‘ привлекуваат на пазарите, ги купуваме и се особено важни заради нивните нутритивни својства да ги имаме секојдневно во исхраната. Токму тоа е целта на акцијата „Пролетна офанзива, фрли цветна бомба“.

Токму така пчелите се едни од живите суштества на оваа планета без кои животот кој го познаваме во оваа форма не би бил таков каков што е доколку тие не постојат и навистина треба да се грижиме за нив. Една од тие мерки кои ние како држава и вие како организација ја преземате е „Фрли цветна бомба“. Како помина таа акција која се одржа на Денот на пролетта?

Димкоски: Годинава мислам дека беше најмасовна, односно сигурен сум, иако неколку години наназад се случува, некако како да се препозна важноста и освен огромен број на училишта, 63 на ниво на држава, на 63 локации, радува фактот што дури и пчеларски здруженија се вклучија во тоа, други здруженија граѓанска и помина многу успешно. Направени се преку 5.000 бомби, на 63 локации, многу  ученици, училишта и граѓани се вклучија, така што навистина освен во нашиот град, училиштето „Орде Чопела“ тоа го спроведе со ООУ „Климент Охридски“, меѓутоа цветни бомби се правеа и фрлаа и во „Кире Гаврилоски“, „Гоце Делчев“ итн., меѓутоа и ширум Македонија, Скопје како главен град, Битола, се вклучи и Струмица, Гостивар, многу населени мести како Могила, Тумчевиште итн.

Цветните бомби од што се прават и како изгледа еве една цветна бомба, чија што цел е да се расфрли овој семенски материјал кој помага за растење на тие медоносни растенија?

Димкоски: Еве сега ќе ви презентирам како тоа го правевме ние со нашите ученици овде, всушност направивме ние 110 бомби, им ги поделивме на малите основци од „Климент Охридски“ и заедно го направивме тоа бомбардирање. Ние годинава избравме семе од сончоглед да биде, значи тематски се нашите бомби. Зошто сончоглед, ние со учениците по полјоделство го изучуваме како маслодајна култура, меѓутоа има многу други значења, тој многу ги привлекува пчелите, познато е дека жолтата боја особено ги привлекува инсектите. Понатаму за птиците е корисен, ги привлекува, тие пак доаѓаат по зрната сончоглед но успеваат да отстранат и некои инсекти кои нас ни прават проблеми во градинарството како вошките на пример и имаме плус едно уживање, декорација и прекрасен изглед кој се надевам наскоро ќе се случи, ќе расцветаат и ќе имаме атрактивен училишен двор.

Сега ќе импровизирам, ние со учениците баш во голема количина тоа го правевме. Значи потребна ни е глинеста почва, во случајот ова не е баш глинеста, ама ние ќе се снајдеме. Потребен ни е и хумус. Зошто глинеста, потребна ни е за да се стврдни бомбата. Инаку, да ви спомнам дека ова е многу стар начин на изработка на расејување, го користел научникот Масанобу Фукуока, агроном и филозоф кој вака ги оплеменувал оние подрачја каде немаме можности да ораме, да обработуваме и немаме наводнување. Бомбата еве вака, ставивме хумус и земе од сончоглед, сега тука промешуваме, додаваме вода за да образуваме една цветна бомба. Кога би имале поголемо количество на глина оваа топка ќе биде поцврста, но чисто да видите како тоа би треба да изгледа. Сега оваа бомба треба да се остави вака да се исуши, да се стврди и потоа да настане расфрлањето. Зошто, хумусот дава храна, глината го зацврстува и дава можност да се исуши, семето добива влага доволно и е подготвено така трпеливо да чека додека падне првиот дожд за да почне да рти и да се создаде новото растение.

Каде се фрлаат овие таканаречени цветни бомби?

Димкоски: Овие цветни бомби се фрлаа на подрачја, во акцијата сите кои се вклучуваа избираа сами, или некој позапуштен дел од училишниот двор, или локација во градот која е позапуштена, необработувана, секој имаше право да избере. Ние го избравме предниот дел на училиштето, тоа е еден посув терен, попразен и одлучивме таму да расцветаат нашите сончогледи.

Колку овие акции се спроведуваат годишно во Македонија и дали е прв пат оваа акција?

Димкоски: Оваа акција неколку години наназад се случува, меѓутоа расте спонтано. Самата организација се вика Слоу Фуд и кај нас оставаме да оди бавно и спонтано, самите луѓе се приклучуваат затоа што луѓето се најважниот фактор на Слоу Фуд. Нема тука нешто задолжително, некоја тензија, туку секој кој ја сватил важноста самостојно пристапува и се вклучува. Минатата година беше така поинтензивно, а годинава досега е најмасовно. Инаку и претходни години во помала мера се спроведуваше ова. Се случува еднаш годишно, но најчесто се случува многу училишта и здруженија да разберат за акцијава во некои делови после самото случување, па самоиницијативно да ја спроведат и нам тоа воопшто не ни пречи. Јас тоа го спроведувам и во мојата градина кога не е тоа дел од кампања или не знам што, едноставно секој кој може да проба и да види дали тоа одговара за неговот подрачје и да го свати како еден начин на исполнување на својата одговорност кон животната средина.

Еве за крај рековте во Слоу Фуд Македонија се оди така полека, побавно, каде се гледате во иднина во однос на ова зачувување на животната средина?

Димкоски: Дај Боже да нема вистински бомби и да постојат само цветни, да успееме во цела држава барем по една институција или училиште во секој град да се вклучи и би биле среќни. Искрено како што годинава тргна за следната мислам дека таа цел ќе биде постигната. Меѓутоа и Слоу Фуд Прилеп, како огранок на Слоу Фуд Македонија и сите други конвивиуми, односно ограноци, на различни начини постојано се трудат да направат нешто во однос на подобрување на квалитетот на храната и зачувување на животната средина. Каде се гледаме? Полжавот е нашиот заштитен знак, се движи бавно, но линиите се прави и се надевам дека одиме кон некои подобри и повисоки цели.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи