Одбележан денот на Првата пешадиска бригада во армијата

Facebook
Twitter
Email
Print

Со воена свеченост во касарната „Страшо Пинџур” во Петровец денес беше одбележан денот на најголемата борбена единица во армијата, Прва пешадиска бригада.

На свеченоста имаше воено дефиле и приказ на вооружувањето и опремата со кои располага бригадата, како и доделување на стимулативни мерки.

Во своето обраќање пред присутните министерката за одбрана Славјанка Петровска истакна дека Првата пешадиска бригада е најмоќната и најбројната воена формација која го добива ликот на модерна и современа НАТО борбена структура која во 2022 година покажа дека е борбено способна според НАТО стандардите.

„Согласно највисоките стандарди на Алијансата покажавте вештини и знаења кои се неспорен доказ дека функционирате беспрекорно и дека сме на одличен пат да ги исполниме сите зацртани НАТО цели на способности. Немам никаков сомнеж дека на оценувањето кое ни претстои во 2026 година, овој успех ќе го повториме и надградиме и ќе покажеме дека стандардите на Алијансата се втемелени во нашата Армија“, истакна министерката Петровска.

Петровска додаде дека со растот на одбранбениот буџет се гарантира стандардот на припадниците на Армијата, но и процесот на модернизација кој во овој обем се случува за прв пат во нашата историја.

„Исто како што со целосно внимание му пристапивме на проектот за модернизација, се фокусираме и на растот на вашиот стандард, затоа што знаеме дека секоја успешна реализација на секоја една задача зависи од секој еден од вас“, посочи Петровска.

Командантот на командата за операции, бригаден генерал Бесник Емини, честитајќи им го Денот на единицата на припадниците на бригадата, истакна дека брзите промени и новите побарувања наметнуваат Првата пешадиска бригада брзо да се адаптира и да ги исполнува сите задачи, брзо, навремено и квалитетно.

„Несомнено, добрите резултати се придонесени и од присутноста на различните родови и служби кои ги има во Првата пешадиска бригада, кои придонесуваат единицата да биде со врвни капацитети во извршување на сложените задачи. Задачи кои побаруваат добра организација, планирање и координирање помеѓу единиците во бригадата, но и со сите останати во Армијата и НАТО сојузниците“, кажа генералот Емини.

Командантот на бригадата, бригаден генерал Сашко Лафчиски истакна дека Првата пешадиска бригада е примарниот капацитет при исполнувањето на обврските произлезени од членство во НАТО, дефинирани преку целите на способност.

„Слободно можам да кажам дека највисок приоритет на единицата е развојот на лесната пешадиска баталјонска група, која е наша следна НАТО цел за 2027 година, а истата треба да се формализира со НАТО оценувањето на борбената готовност во 2026 година. Во оваа наша мисија секој припадник е важен, секој капацитет и ресурс е значаен. Нè очекува уште многу работа, уште многу предизвици при градењето на потребните капацитети“, истакна генералот Лафчиски.

На свеченоста, по повод денот на единицата, се доделија повеќе стимулативни мерки за припадниците на бригадата, а беше прогласена и најдобрата единица во бригадата, кое признание оваа година го доби командната чета од 2 пешадиски баталјон.

Покрај доделените стимулативни мерки за постигнатите резултати, се доделија и признанија за најдобрите натпреварувачи на натпреварите во воени вештини, а беше вклучена и изведба од културно-уметничките друштва „Бајрам Шабани“ од Куманово и „Јонче Христовски“ од Аеродром, Скопје.

На свеченоста присуствуваа и заменикот на министерката за одбрана, Тирон Јајага, посебниот советник за безбедност од кабинетот на претседателот, Блерим Кољали, генералите во Армијата, поранешни команданти на единицата, воени аташеи, воени раководители од Генералштабот и Министерството за одбрана и претставници на локалната самоуправа и институциите со кои соработува единицата.

Со одлука на претседателот и врховен командант на Армијата, 2 април е одреден за Ден на 1.пбр, како датум на кој оваа единица ги презема задачите и одговорностите на двете поранешни бригади, со што стана најголемата борбена единица со застапеност од повеќе армиски родови.

Првата пешадиска бригада е главна борбена сила на Армијата на Република Северна Македонија, која обезбедува готови сили за заштита и поддршка на националните интереси и дава поддршка на цивилното население при природни катастрофи, епидемии и други непогоди, а надвор од територијата на Републиката со декларираните единици учествува во операциите предводени од НАТО, ОН и ЕУ.

Во составот на оваа бригада се наоѓаат повеќе родови и служби, а истата е препознатлива по стекнатото искуство во мировните операции, вежбовни активности, НАТО оценувањата на декларираните единици од нејзиниот состав, како и асистенцијата која оваа единица ја дава на граѓаните и институциите, секогаш  кога за тоа се укажува потреба.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи