Колку голема духовна наслада е искажана во прекрасните духовни песни, кои светата Црква низ молитвеното пеење ги соопштува на овој спасителен ден. Ако внимателно ги слушавме зборовите, кои богомудрите писатели ги составиле за да го величаат денешниот празник, во нашата меморија засекогаш ќе се врежат следните стихови, кои се наоѓаат токму во стихирите, кои ги испеавме денес: „Ете, денес се откри нашето избавување… Бог се соединува со луѓето… Девојката прима радост… Светот се ослободува од древното проклетство!“. Во друга, пак, песна се вели: „Денес сè што е створено се радува, зашто се разреши клетвата над праотецот“. И на крај, уште во една стихира од утринската богослужба, ги слушнавме и овие зборови: „Воплотувајќи се Словото, Кое ја надминува секоја природа, во Тебе се всели… Богородице Дево, и го издигна од древното проклетство паднатиот човечки род“.
Со сите овие зборови од богослужбата, посветена на празникот Благовештение, светата Црква ни покажува, колку големо богатство ни е дарувано преку благата вест. А, тоа богатство е ослободувањето од проклетството, кое Господ Бог, заради првородниот грев, му го наложи во рајот на нашите прародители, а преку нив и на целото човештво.
Ужасна несреќа би била за нас тоа проклетство. По својата суштина, тоа било разделување на луѓето од Бога, или, поинаку кажано, тоа било скусување на рајското блаженство, како на земјата, така и во идниот живот, зашто по паѓањето во грев, рајските двери биле затворени дури и за старозаветните праведници.
За првпат по паѓањето во грев, Бог се соединил со човекот при Благовештението, кога во утробата на Пречиста Дева Марија се случило зачнувањето на Бог Слово, односно, Неговото воплотување. Тогаш за луѓето настапило време да им биде вратено изгубеното рајско блаженство.
На таков начин, Благовештението за нас постанало почеток на нашето избавување од проклетството, почеток на соединувањето со Бога и на враќањето на рајското блаженство. Имено, во тоа и се состои основното и спасително значење на празникот Благовештение. Не залудно светата Црква во тропарот и го нарекува овој ден – почеток на нашето спасение.
Се разбира, во самиот момент на Благовештението, се случило само соединувањето на Бог со човекот, а рајското блаженство сме почнале да го стекнуваме откако била создадена Христовата Црква на земјата. Тука ние го примаме тоа блаженство во многубројните благодатни извори: во молитвите и богослужбите на Црквата, во светите Тајни, во зборовите на Светото Писмо, во учењето на светите отци и житијата на светите Божји угодници.
Тоа рајско блаженство го достигнуваат само оние, кои по пат на непоколебливо извршување на Божјите заповеди, сами тежнеат кон него. Зашто, како што преку нарушувањето на Божјата заповед било загубено рајското блаженство, така, преку запазувањето на заповедите, ние повторно го стекнуваме со помош на благодатта на Светиот дух.
Затоа, денешното соопштување на благата вест, треба да нè поттикне сите нас, кон исполнување на сите Божји заповеди. Потребно е ревносно да ги одбегнуваме гревовите. Зашто, непослушноста кон Бога, пројавена преку неисполнување на Неговите заповеди, доведува до проклетство, што претставува отцепување и оддалечување од Бога. Тоа проклетство веќе ни било најавено во Божјите зборови, упатени кон Адам и Ева: „Во кој ден ќе вкусите од дрвото за познавање на доброто и злото, во тој ден и ќе умрете“. Се разбира, плодот од дрвото, не е во состојба да нè доведе до таква ситуација, туку непослушноста и непочитувањето на Божјите заповеди. Токму затоа, откако нашите прародители не ја исполниле таа заповед, паднале во првородниот грев и проклетството стапило во сила.
На таков начин, ако немаше првороден грев, немаше да има ниту проклетство. Последното е последица, а првородниот грев е причина. Ако, пак, не беше извршен првородниот грев, тогаш Спасителот немаше да има потреба да доаѓа во светот, за да нè искупи од првородниот грев и да нè избави од проклетството. Ако Адам и Ева не згрешеа, тогаш во Божјиот план за спасувње на светот и човекот, немаше да има место за Неговото раѓање, за Неговите страдања, смрт и воскресение, за испраќањето на благодатта на Светиот Дух на апостолите. Во таков случај, немаше да има место ни за самото Благовештение, за тој почеток на нашето спасение, зашто сите тие настани биле поттикнати од првородниот грев и од проклетството, наложено за тој грев. Оттука треба да ни биде јасно, како треба да ја чуваме својата вера и во каква кристална чистота треба да ја исповедаме.
Затоа, потребно е да ги исполнуваме сите Божји заповеди, а посебно грижливо и со ревност треба да ја исполнуваме Божјата заповед за чување на својата вера. Тогаш сите плодови од Благовештението: избавувањето од проклетството, соединувањето со Бога и рајското блаженство ќе бидат наше достоинство! Тогаш, уште тука, наоѓајќи се во тело, ќе почувствуваме поголемо блаженство од она, кое го почувствувале првите луѓе во рајот во својата состојба на невиност. Кога ги велиме овие зборови, повторно ќе се потсетиме на една црковна песна, кога од името на Пресветата Богомајка, Црквата ни вели: „Ќе Го родам бесплотниот… за да го изведам човекот во првото наследство, преку соединувањето“. Овде се мисли на враќањето на она рајско блаженство, кое го искусиле првите луѓе. Но, што значат зборовите, кога се вели дека ние ќе бидеме изведени во тоа блаженство во многу поголем степен преку соединување? Според сфаќањето на светите отци, тоа соединување не е ништо друго, освен страшната и највеличенствена Тајна на Телото и Крвта на нашиот Господ, во која ние со целото свое битие се соединуваме со Христа, нашиот вистински Бог, постануваме единство со Него и постануваме богови по благодат. Така прекрасно, тесно и роднинско единство со Бога немале можност да имаат првите луѓе, Адам и Ева, во рајот. Затоа, новозаветните праведници, светите Божји угодници, за своето неотстапно запазување на заповедите, искусиле таква божествена радост, каква што немале нашите прародители пред своето паѓање во грев. Тоа се подразбира само по себе, зашто тогаш сеуште не постоела великата Тајна Евхаристија – Причест и не суштествувале Телото и Крвта Христови – тој највеличенствен плод на Благовештението.
Поздравувајќи ве со празникот Благовештение, од сè срце молитвено ви посакуваме да постанат ваше достоинство сите плодови на Благовештението, заедно со Боженствената радост од примените, од Ваша страна, свети и пречисти Тајни. А, како што без исполнување на спасителните заповеди сето тоа не може да биде постигнато, тогаш, дај Боже, сите ние секогаш и неотстапно да ги исполнуваме Божјите заповеди и над сите нас секогаш да се исполнуваат зборовите на нашиот Господ и Спасител Исус Христос: „Ако ги запазите Моите заповеди, ќе останете во љубовта Моја… за да остане радоста Моја во вас, и радоста ваша да биде полна“, (Јован 15: 10-11) односно, совршена.
Автор: протоереј Златко Ангелески