ВИДЕО – Тројца прилепчани за 2 недели планираат да поминат околу 2.000 км. со велосипед од Швајцарија до Прилеп


Наши денешни соговорници се Филип Илиоски, претседател на здружението Маркови Точакџии од Прилеп и членот на здружението Влатко Крстески, кои планираат да направат еден навистина интересен подвиг за кој ќе поразговараме малку подолу во овој разговор, а ова интервју ќе го започнеме со Филип околу планинскиот велосипедизам.

Знаеме дека сезоната на планински велосипедизам веќе е официјално отворена, односно сите клубови како вашиот, како Маркови Точакџии имаа свои тури кои ги возат и има календар на сите тие настани во текот на целата година. Првиот настан се случи пред 2 недели во Штип, а последниот изминатиот викенд во Велес?

Илиоски: Здраво пред се, да ве поздравам сите, како што кажавте официјално сезоната на велосипедски настани се отвори, првата тура Ден на пролетта во Штип, потоа во Велес и следи сега редоследно календарот, имаме календар на велосипедски настани од сите здруженија кои имаат буквално барем по една официјална тура.

Колку вакви тури има на ниво на Македонија, т.е. скоро секоја недела или буквално секоја недела?

Илиоски: Па не буквално, можам да кажам дека повеќето се резервирани и се‘ поголем замаф зема особено планинскиот велосипедизам и навистина годинава е збогатен календарот, се регистрираа нови здруженија, со нови тури и не само по една, секое здружение почнува и по повеќе тури да организира.

Колку ги има на ниво на држава?

Илиоски: Не знам точна бројка, но ги има доста.

Како што кажавме, првата беше во Штип, втората беше сега во Велес, го посетивте селото на добро познатата Атиџе.

Илиоски: Да, баш така, Бекирлија од познатата Атиџе, доста интересна тура, шеста година се одржува, бевме во голема бројка појдени и доста добро поминавме.

Овие тури освен за развој на овој спорт допридонесуваат и за промоција на убавините на нашата држава.

Илиоски: Да, да, точно, со самите тури се повеќе се посетени и доста луѓе што не биле претходно се повеќе се заинтересирани и се запознаваат со сите убавини на нашата држава, бидејќи има многу места што не се истражени, а вреди да се посетат.

По колку километри трае една тура?

Илиоски: Па зависи, планинските тури не се многу долги бидејќи бараат поголема спремност, повеќе време траат, од 30 до кај 70 километри од прилика во просек.

Значи на тие тури учествуваат сите здруженија од Македонија, односно оние членови кои се во можност да дојдат?

Илиоски: Да, имаат можност да присуствуваат сите, било кој кој е заинтересиран и има желба за возење може да присуствува.

Колку се тешки и какви се терените кои ги нуди Македонија за развој на овој спорт?

Илиоски: Овие што се рекреативни тури се релативно полесни за да може секој рекреативец да ги вози, да можат и деца и жени да ги возат, да не се екстремни како некои даунхил трки, овие се наменети баш за сите и секоја тура си има во описот, пред време е најавена тежина на турата за секој да знае и да предвиди дали може да ја извози.

За овој спорт еден човек да се занимава потребна е и опрема, односно специјални велосипеди како овој што го имате.

Илиоски: Па пред се‘ треба желба за возење, најбитна е желбата, љубов кон велосипедизмот, нормално здрав начин на живот, потоа колку повеќе време секој се занимава само по себе иди, си бара подобар велосипед, подобра опрема, но најбитно е исправен велосипед и заштитна опрема.

Колку чини еве една просечна опрема за да се занимава еден човек со овој спорт?

Илиоски: Па не е скапа, можам да кажам дека не е скапа, најбитно е да има кацига, задолжително на секоја тура за наша безбедност нормално и спортска опрема како дрес, облека која навистина не е скапа, може секој просечен човек да си ја дозволи.

Вие како здружение Маркови Точакџии на колку тури во текот на годината учествувате?

Илиоски: Па гледаме на колку што можи повеќе, можеби не на сите, но колку што сме во можност гледаме на колку може повеќе барем по неколку претставници да има, бидејќи нормално треба да се поддржуваме едни со други.

Освен овие тури што се организираат низ повеќе градови од нашата држава, Маркови точакџии една ваква тура за прв пат организираше лани, насловена Рамниште, по пештерата која се наоѓа во близина на Прилеп кај селата Ореовец и Крстец.

Крстески: Да, ја организираме ние таа прекрасна тура која се вика Рамниште. Ланска година временските услови не изненадија, но годинава го сменивме датумот и се одвива многу добро. Ќе се посети планинарскиот дом Дервен, прекрасен дом, имаме живописна шума што може да се види, имаме прекрасни манастири, имаме прекрасна пештера по која ја крстивме и ние нашата тура Рамниште.

Интересно е што пештерата додека се посетува исто така е осветлена.

Крстески: Да, таа со наши финансии ја осветлуваме, добро се гледа, нека ја посетат и ќе се уверат.

Кога е точно датумот на оваа тура?

Крстески: 28 и 29 септември. Сменет е датумот годинава за да видиме со временските услови како ќе поминиме.

И минатата година беше 2 дена и оваа година ќе биде 2 дена?

Крстески: Ќе имаме доста забава, вечерта ќе имаме организирано настан, група наша прилепска, ќе имаме пиво, изненадување, па ќе видиме. Нека биде изненадување.

Како што споменав на почетокот од овој разговор, вие двајцата планирате навистина еден доста интересен подвиг, а тоа е од Швајцарија до Македонија да дојдете со велосипед. Навистина нешто што не е секојдневно.

Крстески: Да, ние секоја година правиме некое изненадување, баш со претседателот наш го имаме посетено Истанбул, ја имаме посетено Атина, сега годинава сакаме да ја посетиме Швајцарија, но обратно ќе направиме, од Швајцарија кон Македонија. Значи ќе посетуваме повеќе држави, па ќе видиме.

Дали некој досега има извозено толку километри, од Швајцарија до Македонија?

Крстески: Да не потценам никој, мислам дека нема никој, овој подвиг што го правиме со Филип и Христијан Мојсоски кој моментално е во Швајцарија, ќе ги возиме Алпите, кои се малку специфични и со висока надморска висина и ќе слегуваме према приморје.

Значи од Македонија летате со авион до Швајцарија и од Циришкото езеро тргнувате кон Прилеп.

Крстески: Да, така е според планот, па ќе видиме, здравје Господ.

Дали веќе е утврдена рутата, колку денови би траела, колку километри во текот на денот би се поминувале и која е најтешката етапа?

Крстески: Ние имаме планирано 14 денови, а и толкави се и можностите со работните обврски. Почнуваме од Циришко езеро, се упатуваме кон Алпите, тие 2-3 дена малку се потешки денови, а другите денови мислиме дека ќе биде полесно.

130-140 километри во текот на денот и не е така мала бројка да се поминат со велосипед, досега колкава е најголемата рута што ја имате поминато во текот на еден ден.

Крстески: Па најмногу имаме над 100, 120-130 километри. Зависи, временските услови сега беа малку ладни, отсега почнуваме со 180-200 во денот да ги возиме, да се спремаме полека до самото почнување на турата.

Тоа е во месец јуни, дали до месец јуни имате посебни подготвителни тренинзи како што споменавте?

Крстески: Да, имаме цело време возиме, ги посетуваме и турите, но во меѓувреме се спремаме и возиме и по 100-120 километри. Значи во викенд, како што имаме можност, сега и часновникот е понапред и можиме да возиме повеќе и во нормален ден.

Велосипедите за оваа тура се различни од планинскиот велосипед кој имавме можност да го видиме кај Филип.

Крстески: Да, овие велосипеди се роуд, побрзи се, полесни и можиме побрзо да се движиме и да ни биде полесно нас, во споредба со планинскиот велосипед.

Филип дали веќе ја имате утврдено рутата, како што спомнавме, во близина на Цирих, па се до Прилеп, како би се движеле?

Илиоски: Да, точно е утврдена рутата, од прилика релативно добро ги знаеме местата каде би се одвивале етапите, која до каде се вози. Подетално тргнуваме баш од Циришко езеро и се упатуваме кон Австрија. Првиот и вториот ден се како што кажа Влатко со најголема тежина, со многу голема елевација, тргнуваме од 500 метри надморска висина и треба да се искачиме се до 2.400 надморска висина, на превојот Флуела пас во Швајцарија, тоа ни е и највисоката точка на рутата. Потоа преку Алпите од Швајцарија преминуваме во Австрија и слегуваме надолу кон Словенија, Хрватска, Србија и Македонија.

Дали можеби се плашите од временските услови кои може да ве снајдат на патот?

Илиоски: Па со самото искуство, бидејќи долги години се занимаваме со тоа, од прилика очекуваме се‘, буквално. Времето може да биде променливо на такви големи висини, иако е лето може многу брзо да се смени, да паднат температурите и сме спремни на се‘.

Дали ќе имате пауза во текот на тие денови возење?

Илиоски: Имаме предвидено во текот на целата рута 2 дена каде ќе одмараме, првата пауза ќе ја правиме во Крањ, Словенија, а втората во Белград. Од прилика на средина да ги распределиме, малку да одмориме од целокупната тура.

Како што спомена Влатко навистина ретки се оние велосипедисти од Македонија кои би се нафатиле на еден ваков подвиг.

Илиоски: Да, точно, не дека ги нема, но се навистина ретки, бидејќи бара доста голема психофизичка подготвеност.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи