ВИДЕО – Силјановска Давкова: Говорот на омраза не доликува на ниту една сериозна партија, а не пак на социјалдемократска партија


Таквиот говор, говорот на омраза не доликува на ниту една сериозна партија, ама не доликува воопшто на социјалдемократска партија. Тоа е говор на некоја крајна десница што се служи со патријархалност и парохијалност, па така гледа на жените и возрасните. За мене возраста, како во антиката значи мудрост, значи знаење, значи искуство, па мислам дека многу претседатели имале бела коса и биле успешни, истакна вечерва во Прилеп, кандидатот за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова.

„Не плашете се за мене, јас сум сосема во ред и психички и физички, орна сум за дебата, ама нема кандидати за дебата, па кампањава некако ми е прокси, преку некој друг. Само најавуваат, најавуваат и никако да се појават таму каде што ни е место, пред одговорни новинари. Затоа можеби нивните средби се такви какви што се, во нив има говор на омраза, за да се дефокусираме од она што е најважно, состојбата во која се наоѓаме, а таа е далеку од европска, далеку од европските стандарди во поглед на владеењето на правото.

Не, нема владеење на право, има една мала група на луѓе, јас ги нарекувам неколкумина конзули, значи конзулскиот систем не е демократски систем. Политичкиот систем не е демократски затоа што нема поделба на власта, власта е концентрирана не само во неколкумина, туку само во владата.

Меѓутоа ако имате влада која не креира политики, здравствена, економска, социјална, образовна, тогаш имате сериозен проблем, бидејќи ако нема креирани политики, тогаш нема да има ни реализирани програми. Ако немате вистински актери нема да има кој да ги реализира, ако се грабаат ресурсите нема да дојдат на вистинското место и затоа стигна оценката.

Оценката доаѓа од Фридом Хаус и таа вели цикличен хибриден режим, режим што се врти во круг. Во кругот се тие актерите, се борат околу ресурсите кој повеќе да земе за да го искористи статусот политичар во власта, но тогаш нам ни се случува најголема сиромаштија, смртност, понатаму несреќа, ни се случува да немаме здравство во кое граѓаните веруваат, ни се случува зависно, политизирано и партизирано судство, ни се случува уставен суд што не го штити уставот и законите“, рече Давкова.

Таа нагласи дека Македонија има слаби институции, речиси распаднати, но пресилни поединци кои аздисуваат.

„Мора да им ставиме крај, мора да дојдат одговорни луѓе кои секој ден ќе ве убедуваат и како претседател и како премиер и како министри и како пратеници дека се тука заради вас, заради задоволување на човечките потреби и интереси. На европски стандарди, на европски начин, убедена сум дека тоа одамна го нема, особено не овие неколку години. Како ќе ве консултирам јас вас, знам дека се повторувам, но тоа е надлежноста на претседателот, преку народни канцеларии каде ќе може да се дојде до вашите проблеми, до вашите барања, до вашите сугестии. Тие мора да стигнат до претседателот, затоа што тој ве преставува вас, граѓаните. Треба да добиете одговор, ако не е тој надлежен треба да ве упати до надлежните институции, односно оние кои работат со него. Така народот ќе знае дека претседателот навистина не е наш како што викаат, а тоа значи партиски, туку дека е ваш, дека е твој, дека е навистина некој кој постои заради граѓаните, а не заради кариерата и партијата со него“, додаде Давкова.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи