РЕПОРТАЖА: Црквата „Св. Благовештение“ во Прилеп – една од најстарите цркви на Балканот, изградена со турски ферман

Соборната црква на прилепското архиерејско намесништво, црквата „Свето Благовештение“, изградена е во 1838 година по иницијатива на угледни личности од градот, чорбаџиите и знаетчискиот еснаф, а како главен иницијатор бил Христо Дамјанов – Аџи Христо Логотет. Црквата е изградена според добиениот царски ферман од 1835 година, на местото кое го подарила извесна баба Мита. Црквата е изградена од прилепските мајстори Коста Лауцо и Ристе Тасламиче, а осветена е од митрополитот Пелагониски господин Герасим, на празникот Рождество на Пресвета Богопродица (Мала Богородица) на 8 септември 1838 година според Јулијанскиот календар.

Таа е трикорабна градба без купола. Црквата ги има следниве димензии: должина – 32 метри; ширина – 26,5 метри; висина – 9 метри. Монументалниот иконостас во резба, амвонот и троделниот стол се изработени од Димитар Станишев, зетот на Петре Филипоски-Гарката, кој, пак, го изработил прекрасниот владички стол, кој претставува ремек-дело и е единствен од таков вид не само во неговото творештво, туку и во Македонија. Импозантниот иконостас има димензии: должина – 16,8 метри и висина – 6,2 метри. Освен владичкиот стол, Петре Филипоски-Гарката го изработил и амвонот, кој богато е исполнет со билна орнаментика, птици и животни.

Иконите од иконостасот имаат богата уметничка и културна вредност, а централно место заземаат престолните икони. Тие се работени од три групи мајстори-иконописци, и тоа од Прилеп, Крушево и дебарскиот крај. Меѓу иконописците најмногу се истакнуваат Адамче Најдов Јанов и Јован Атанасов Будимовски. Најстара икона е иконата посветена на свети Архангел Михаил која е датирана со 1838 година. Во црквата има скромен фрескоживопис кој се наоѓа во апсидата и на сводот на централниот брод.

Црквата денес има богата колекција на стари и богослужбени книги, а особено место заземаат Номоканонот од XVIII век, Зборникот со духовни поуки, Катастихот, Стихуваниот пролог од XIV век. Се чуваат и прилепскиот ракописен антиминс од 1727 година, антиминсот од Александриската патријаршија од 1730 година и антиминсот од светогорските манастири од 1842 година. Грижливо се чуваат и протоколарните книги од 1841 година, па наваму кои се депонирани во прилепскиот архив. Во јужниот трем од црквата е згрижен и надгробниот крст од Аџи Христо Логотет.

Во 2003 година, за време на интервенирањето на кровната конструкција беа откриени околу деведесет графички листови, кои подоцна се конзервирани и реставрирани од Заводот за заштита на споменици и музеј во Прилеп и истите се изложени за јавност.

Извор: протоереј Златко Ангелески

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи