ВИДЕО – Јакнењето на националниот дух, борбата за сопствена Македонска црква и изградбата на храмот „Св. Кирил и Методиј“ – Параклис


Црквата Свети Кирил и Методиј во Прилеп или кај народот позната уште и како Параклис има навистина богата и интересна историја на нејзинота создавање и изградба, која од друга страна и малку позната кај прилепани. Имено во 19 век култот кон Светите браќа Кирил и Методиј доживува препород и добива на значење, а тоа е поврзано со прославите од 1.000 годишнината на Моравската мисија 1863 година и 1.000 години  од упокојувањата на Рампоапостолите, Свети Кирил 1869, Свети Методиј 1885 година.

Ова е перидот и кога подемот на Прилеп во 19 век придонесол градот на стане центар на силен национален дух, што пак од друга страна придонесува Прилеп да стане и центар на борбата против Бугарската Егзархија и Грчката Патријаршија. Во тој момент во градот Прилеп постојат и фунционираат и двете цркви Свето Благовештение и Свето Преображение.

Практично ова позади нас е местото од каде започнала целата приказна, односно целата историја околу изградбата на храмот „Св. Кирил и Методиј“ кој кај народот е познат како Параклис?

Да, точно така, се наоѓаме точно пред тоа место, но интересно за гледачите е да се спомне како дошло до изградба на параклисот, односно првичната црква посветена на Светите рамноапостоли, Св. Кирил и Методиј. Варошкомалците, во населбата во која се наоѓа и самиот објект биле познати по својот борбен, патриотски дух и сакале тие да имаат служба на свој мајчин јазик и своја црква каде ќе можат да ги обавуваат религиозните обреди. Малку тешко одеше истражувањето кога е подигната таа првична црква, или првичниот параклис, односно кога е ставен во употреба, бидејќи податоците се сосема оскудни, но сепак се доволни да направиме некој хронолошка детерминација на годините од кога е откриен како што се вели во тие извори самиот параклис. Така Тодор Станков во своите спомени по повод чевствувањето на 1.000 годишнините од Св. Кирил и Методиј во Прилеп ни оставил податок дека неколку години подоцна, во 1884/5 година во Варошко маало беше откриен параклис. Со една реченица ја споменуваат и Георги Трајчев во неговата книга за град Прилеп и Јован Хаџивасилјевиќ во неговата книга „Прилеп и негова околина“, во која наведува дека во 1890 година во Варошко маало беше откриен параклис на Св. Кирил и Методиј“, истакна Д-р Ели Луческа, научен советник во ЈНУ Институт за старо словенска култра Прилеп.

Според Д-р Ели Луческа, научен советник во ЈНУ Институт за старо словенска култра Прилеп покрај овие податоци од архивата на црквата можело да се дознае и тоа дека според записите на прота Борка Талески кои се однесуваат на црковното пеење во Прилеп и кој споменува дека уште во 1884 година била купена и приспособена за црква куќата на Мотевци под иницијатива на поп Спасе Игуменов и на Томе Шапчески и Стеван Зарески.

Меѓутоа, покрај овие иницијатори, Стојан Ковилоски пак доаѓа до сознанија, и во науката е тоа така најверојатно прифатено, дека сепак иницијатор покрај поп Спасе Игуменов како еден од поважните е и свештеникот Алекса Попов, или Алекса Ковачевиќ, кој бил претседател на српската црковна православна училишна општина, кој што се залагал во таа општина наставата да се одвива на мајчин македонски јазик и исто така религиозните обреди во црквата Св. Кирил и Методиј да бидат на македонски јазик. Во 1887 година ваквите ставови ги изнесол пред бугарската егзархија со следните зборови, кои е значајно да ги цитираме, им рекол: “Убаво е човек да знае јазици на другите народи, но кога во црква се чита и пее на мајчиниот јазик, ете од тоа немало поубаво на светот. Несреќите ќе не следат, ќе паѓаат македонски глави, се додека со сопствена македонска црква, со сопствени македонски училишта и со сопствени сили не се извојува победата за Македонија, додаде Луческа.

Тој поради овие ставови е прогонет во селото Тополчани каде заедно со неговиот син продолжуваат со активностите каде им се придружува и поп Спасе Игуменов.

Кои на 2 јули 1887 година испраќаат барање до Истанбул, односно османлиските власти и потпишуваат една изјава, која исто така е интересно да се цитира, во која се вели: „Сакаме да имаме македонско народно училиште бидејќи не сме родум Бугари, затоа не познаваме ни бугарска црковна општина и нивните училишта. Заради религиозна заштита го познаваме Папата, но без измени на догмите на православната црква

 Нивното барање во Цариград им било прифатливо, но без придавката македонски, нешто со што и денеска се соочуваме со доделување на томосот за автокефалност на нашата Македонска православна црква Охридска архиепископија, во која не нарекуваат само Охридска црква, без придавката македонска. Значи овој проблем не сегашен, туку се провлекува низ годините. Меѓутоа Србите сепак успеале да се наметнат, бидејќи и тие покрај Бугарите и Грците се бореле и имале своја српска пропаганда уште во 19 век од една страна, но од друга страна кога најрано профункционирал параклисот дознаваме повторно од архивата на црквата Св. Кирил и Методиј, во која се чува книга за крштените деца од 1829 до 1890 година, каде првото крштевање во параклисот Св. Кирил и Методиј е споменато во 1872 година и каде се вели дека на ден 20 февруари 1872 година е извршено крштевање на Милан, осмото дете на Јаким и Јованка Јошевиќ, од страна на свештеникот Никола Стевановиќ. Второто крштевање заведено под датумот 6 јануари 1875 година и потоа сите години редум имаме крштевање во параклисот, односно црквата“, истакна Луческа.

Како што може да се забележи во разни документи се споменувата различни години, сепак според црковните лица како почеток на функционирање на параклисот се зема 1872 година кога е направено и мало осветување, за да потоа параклисот прерасне во црква околу 1884 година, а во 1890 е направено големо осветување.

Луѓето кои сакале да го слават Бога на свој мајчин јазик правеле прво мали цркви или параклиси бидејќи не биле толку финансиски моќни, а потоа собирајќи средства или донации токму од месното население што живеело во ова место, како што го нарекуваат прилепчани Варошко маало, собирале донации и почнале да ги градат црквите посветени на Светите браќа Кирил и Методиј. Тоа е и денешната црква и се вели дека всушност и таа е осветена од Светиот Николај Велимировиќ. Постојат 3 типа на луѓе, едни кои веднаш и без размислување го отфрлаат и негираат Бога, други кои ги читаат житијата на светиите и се воодушевуваат, а третите се оние кои ги читаат и ги исполнуваат, живеат по нив. Самиот Господ Исус Христос на овој свет доаѓа да го спаси човечкиот род, а спасувањето не се случува автоматски, туку бара и наша активност, односно бара енергија помеѓу човечкиот труд и благодатта божја. Благодарение на разбирањето на словото божјо на својот словенски јазик и нашите предци учествуваат во тој влог за спасението на нивните души и со тоа се случува едно божествено воскресенско македонско и сесловенско просветение. Токму и овој храм е посветен на Светите браќа и македонски и сесловенски просветители Кирил и Методиј, кои се вложиле за да не просветат нас преку тоа разбирливо слово, глаголицата, првата азбука која ја напишале и со тоа се истакнале пред сите сесловенски народи. Овој храм е значаен и по тоа што тука имаме мошти на Светиот Климент Охридски, кој бил нивни ученик и е патрон на нашата Света Македонска православна црква Охридска архиепископија. Исто така имаме мошти и од  Светиот Пантелејмон Чудотворец и парче од облеката на Светиот Јован Кронштадски“, изјави протоереј Дејан Секулоски.

 Сегашниот храм започнува да се гради во 1926 година, а изградбата завршува во 1936 година.

Оваа црква е изградена кога Македонија се наоѓа во кралството СХС и е позната како црква на српскиот крал Петар Ослободител и повторно тука српските власти сакале да го наметнат своето влијание и да ја преименуваат во нивниот светител, заштитник, покровител, Св. Сава, но поради борбениот дух на варошкомаалците не успеале, бидејќи тие им се обратиле со зборовите: ниту црквата е ваша, ниту вие имате право да ја именувате, и на тој начин си останала дедикацијата на солунските браќа Св. Кирил и Методиј. Комплетно архитектонскиот изглед го има обработено колегата Кохан Грчев во неговото дело „Црковно градителство во Македонија 1918 – 1940 година“, во кое кажува дека само источната фасада е започната со изградба од 1927 и траела до 1935 година, додека останатите делови од објектот се изградени од 1930 па до 1935 година. Заслужен за ваквиот изглед бил тогаш доста познатиот архитект Момир Коруновиќ и ова е едно од неговите највеличествени и најзначајни дела“, истакна Луческа, од Институтот за старо словенска култра Прилеп.

Интересно е да се каже дека иконите од сегашниот иконостас, потекнуваат од старат црква, што само по себе зборува дека и таа биле со големи димензии како сегашната.

Иконостасот кој го имаме пред нас и сите овие престоли кои ги гледаме потекнуваат од старата црква. Тоа го дознаваме по годините и по зографот. Имено, зографот на овие престолни икони е всушност последниот зограф во Прилеп кој сликал по средновековните традиции, особено по традициите на дебарско-зографската школа и примерот на Дичо Зограф од село Тресонче. Станува збор за Јован Атанасов Будимовски, или познат Јован Прилепчанин или Јован Зограф. Тој бил зет за сестра на Адамче Најдов, од кого го учел занаетот и 17 години заедно работеле, најпрво како ученик, а потоа како ортак. Овие престолни икони се насликани во 1892 година, со исклучок на престолната икона посветена на Св. Трифун, која е сликана во 1893 година. Заедно со дверите на кое е преставено богородичното благовештение, тие претставуваат една комплексна целина и од тука заклучуваме всушност за димензиите на првичната црква за која што стана збор, значи таа не била сепак параклис, таа сепак била приспособена, бидејќи во изворите се велеше дека куќата на Мотевци била приспособена во црква и црквата ги имала практично овие димензии“, додаде Луческа.

 

Сакам да потенцирам за гледачите кои не се запознати дека и оваа црква има практично 2 цркви, овој простор каде сега се наоѓаме и веднаш под него се наоѓа уште еден простор каде има крипти, каде се наоѓаат посмртните останки на војниците загинати во Прва светска војна?

Да оваа црква е и по тоа една од поуникатните, составена од 2 цркви, таканаречена долна црква во која исто така има иконостас и каде најпрво започнало службувањето, со спомен костурниците од двете страни, од левата и десната, како и горна црква во која и денес се одвива службата“, нагласи Лучска.

 

Тука во подрумот во храмот имаме крипти, односно коски од војниците кои всушност учествувале во Балканските војни и сите војни кои се одвивале тука, односно најблиските фронтови кои биле тука отварани према Солун и на број се околу 4.500 војници, според неофицијални податоци. Свештеничкото братство секоја година во слава и чест, молитвено застапништво, се моли за покој на нивните души и ги слави и спомнува пред Престолот Божји“, потенцираше протоереј Дејан Секулоски.

Храмот Свети Кирил и Методиј или Параклис е едно од велелепните архитектонски зданија во Прилеп изграден во правецот кој се нареува романтичен експресионизам. Скоро еден век со својата убавина, но и благодатта на богослужбите ги привлекува верниците од градот и пошироко.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи