Под мотото „Промени се, промени сѐ“ во Прилеп започна 58-то издание на МТФ „Војдан Чернодрински“. Фестивалот се отвори со претставата „Хеда Габлер од Драмски – Скопје, а до 14 јуни публиката ќе има можност да погледне 11 претстави во продукција на националните театри и 5 претстави во придружната програма обединети под концептот „Ново читање“. Освен во Домот за култура и салата на театарот, претстави ќе се играат и на отворено, на плоштадот, под Градскиот саат, во дел од кафулињата.
„Логото е инспирирано од нашиот „Автор во фокус – Горан Стефановски – Промени се, промени сѐ“. Идејата е да се менуваме самите себеси да го менуваме светот што го создаваме, а театарот е еден од најубавите светови, така што можноста за промени е огромна. Од денес, па се до петок ќе гледаме пртетстави на сите страни во Прилеп, ќе гчедаме на сцената во Центарот за култура „Марко Цепенков“, во театарот „Војдан Чернодрински“, на фестивалските зони насекаде низ градот, ќе зоруваме за театарот, ќе го славиме театарот, ќе учиме за театарот“, истакна Ана Стојаноска, уметнички директор на фестивалот.
Наградите за животно дело годинава го добија актерите Мими Таневска Србиновска и Јордан Витанов. Наградите беа изработени од автентичен прилепски мермер.
„Театарот е вечна промена. Логото е многу погодено, а театарот никогаш не се задоволувал со некои свои комотни позиции. Постојано истражувал, барал нешто ново, препорачувал нешто ново, нудел општествени модели и секакви други“, рече Јордан Витанов, добитник на наградата за животно дело.
„Тетарот се менува, тој низ годините понекогаш заостанувал, понекогаш бил во подем, но тоа е нормална работа. Ми се допаѓа ова лого бидејќи за да промениме нешто во театарот, за да промениме сѐ, терба прво да се промениме себеси, а тоа е најтешко нешто. Но мислам дека сме на добар пат“, вели Мими Таневска Србиновска, добитник на наградата за животно дело.
Годинава новина е и тоа што повторно публиката ќе може да гласа за најдобра претстава. Кутиите за гласање се поставени во салите, а на секоја карта има оценка од 1 до 5.
„Историја за Прилеп е овој Фестивал затоа што Прилеп е препознатлив по овој настан и во целиот свет така што традицијата треба да продолжи и понатаму. Реално публиката требаше да гласа и досега, досега гласаше само жирито и некако оценките беа сентиментални, публиката ќе го каже своето“’, рече еден граѓанин.
„За прилепчани многу значи, за Македонија многу значи овој Фестивал и треба да си продолжи. Публиката гласа секаде, како на Евровизија. Мислам дека тоа е едно гласање, затоа се одбира победник од публиката и другото е победник од жирито“, додаде друг граѓанин.
На 9 јуни ќе биде ден посветен на „Авторот во фокус – Горан Стефановски“, на кој ќе се презентираат сите актуелности поврзани со зачувувањето на ликот и делото на Стефановски во македонската култура.