Во ова издание на ЗБОР 2 ќе ви го прикажеме Музејот на НОВ во Крушево изграден во 1988 година и пуштен во употреба во месец април. Знаеме дека месец април пак е месецот кога е формиран партизанскиот одред „Питу Гули“ во Крушево, во далечната 1942 година. Низ поставката не прошета историчарот и кустос во Историскиот музеј од Крушево, Јоргу Папакоча.
Се наоѓаме пред објектот на Музејот на НОВ во Крушево, изграден 1988 година и пуштен во употреба во месец април. Знаеме дека месец април е месецот кога е формиран партизанскиот одред Питу Гули во Крушево, во далечната 1942 година.
Папакоча: Точно. Внатре поставката во музејот се состои поголемиот дел од периодот на Втората светска војна, или периодот на партизанското делување не само во Крушево и крушевско, туку и во поголемиот дел низ Македонија.
Ова е еден од многуте музеи кои го опфаќаат историскиот период на Крушево, кои ја раскажуваат неговата историја, па ајде да погледнеме како изгледа поставката во Музејот на НОБ.
Папакоча: Секако.
Влеговме во Музејот на НОБ, интересна поставка, од каде почнува?
Папакоча: Почетокот на поставката почнува од левата страна при влегување во Музејот, почнува со илинденскиот период и Крушевската Република, како еден вид на континуитет за почетокот на поставката во самиот музеј.
Се наоѓаме пред првиот дел од поставката во музејот, позади нас се наоѓаат паноата на кои се забележуваат Илинденците или нашите великани од илинденскиот период, а тука е и Крушевскиот Манифест, кои на некој начин го означуваат континуитетот на борбата на македонскиот народ за создавање на своја сопствена и самостојна држава.
Папакоча: Токму така, точно е тоа што го кажувате, како дел од замислата за почетокот на поставката е повикување на континуитетот, затоа што претходно од периодот за кој што сака да зборува овој музеј се токму Илинденците и како што течела историјата тоа да биде вклопено во една целина.
Тука го имаме и Крушевскиот Манифест кој ги повикува сите заедници од таа територија да се вклучат во борбата.
Папакоча: Поставени се и слики од Илинденците, од борците, најбитните личности кои ја одбележале илинденската епопеја во Крушво.
Како доказ за тоа е што првиот партизански одред во Крушево го носи името на великанот Питу Гули?
Папакоча: Точно, тоа е еден вид на тоа што го зборуваме, односно продолжување на континуитетот на борбените дејствија на нашиот народ.
Понатаму во поставката може да забележиме дека тука се голем број на фотографии од комитите, војводите од илинденскиот период. Кој се може да се најде на овие фотографии?
Папакоча: Една од поглавните фотографии е токму фотографијата на одредот на Питу Гули кој на Мечкин Камен го бранел градот Крушево кога било нападнато, односно перидот кога се бранела Крушевската Република. Токму тука е прикажана борбената моќ на нашиот народ и колку ја сакале и се бореле за слободата.
Доаѓаме до делот кој следува веднаш по Илинденското востание, оној период на Балканските војни и поделбата на Македонија.
Папакоча: На сликата е претставена токму поделбата на Македонија после Втората балканска војна. Има и фотографии од крушевчани кои биле дел од Балкнаските војни, кои биле учесници на страна на некоја од војскиот кои во тој временски период војувале меѓу себе. Еден од најглавните делови е токму картата која е прикажана, односно поделбата на Македонија после завршувањето на Втората балканска војна. На горната страна се гледаат куќи и градови кои биле разрушени за време на воените дејствија, како и загинати борци кои го дале својот живот во времето на воените дејствија.
На таа фотографија рековте се крушевчани?
Папакоча: Да, крушевчани учесници во Првата светска војна, по Балканските војни.
Веднаш тука доаѓа периодот по Балканските војни и формирањето на оние први зачетоци на партизанското движење тука во Крушево?
Папакоча: По Балканските војни и Првата светска војна, доаѓаме до 1935 година и формирање на првите ќелии на комунистичката партија во Крушево, каде Никола Ѓурковиќ е претставен како прв секретар на тие ќелии. Понатаму се фотографии од излети, културни настани на младината во Крушево, различни случувања во градот, до пред почетокот на Втората светска војна.
Дали се знае како функционирала тука Комунистичката партија во тој период до почетокот на Втората светска војна, тие кружоци?
Папакоча: Првиот дел е објаснување на самиот зачеток на првите ќелии, затоа што тогаш било во помал интензитет, за понатаму со случувањата во Втората светска војна да се катализираат повеќе настаните, со што се правеле поголеми случувања. Токму ова е прикажано затоа што е самиот зачеток на формирање на ќелиите на Комунистичката партија во градот, за да понатаму се прикажани случувањата од културниот живот во градот Крушево.
Што се случува со преживеаните Илинденци во овој период?
Папакоча: Од преживеаните Илинденци во тој временски период кој што можел секако дал придонес, затоа што слободарската мисла и амбиција на Македонскиот народ е секако во континуитет. Но тука сепак повеќе зборуваме за младината на Комунистичката партија и правење на подмладоци кои ќе го носат понатаму стожерот на борбите што ќе се случуваат.
Веќе во април 1941 година, и покрај тоа што претходно имаа потпишано пакт, Кралството на СХС е нападнато од страна на нацистичка Германија и практично доаѓа до поделба на Југославија, а со тоа и на Македонија на различни сфери на влијание.
Папакоча: По нападот од страна на нацистичка Германија, Југославија била поделена на повеќе зони, а нас не интересира поделбата на нашата територија, на Македонија, која во најголемиот дел припадната кон фашистичка Бугарија, а останатиот дел е подрачје под италијански протекторат. На сликата е прикажана точната поделба на териториите. Другите фотографии се од доаѓањето на Бугарите во Крушево. Има фотографија и од одбележувањето на 39-годишнината од Илинденското Востание, односно еден вид на нивната пропаганда која сакале да ја спроведат во Крушево и целиот регион на Македонија. Посебно е поставена фотографија од личности кои што сакале да го прикажат како заедничко чествување, или дел од истата историја, или во најкратки црти тоа е дел од нивната пропаганда која сакале од почетокот да ја воспостават, конкретно во регионот на Крушево.
Ова се тие фотографии. Како било прифатено тоа од народот кога дошла бугарската фашистичка власт тука да го окупира овој дел?
Папакоча: Прифаќањето на било каква фашистичка окупација од народот било со одбивност прифатено, затоа што во поголемиот дел доаѓале учители кои спроведувале настава на бугарски јазик, спроведување на нивните политики, спроведување на нивната национална свест која сакале да ја прикажат према месното население. Во тој временски период се уште не биле организирани партизанските ќелии, но сепак самиот народ имал одбивност према наметнувањето на туѓа мисла, затоа што и тоа како знаеме кои сме, што сме и на кој дел од историјата ние треба да бидеме горди.
\
Понатаму како се одвива текот на Втората светска војна во Крушево?
Папакоча: Во периодот откако е окупирана Југославија, Комунистичката партија била единствената сила која се спротивставила на фашистичкиот окупатор и токму тоа е прикажано преку фотографии. Централниот комитет на КПЈ на 27 јуни 1941 година го дава решението за почетокот на формирање на првите одреди и почетокот на организирани борби, или давање отпор на фашистичкиот окупатор, за да може да почне поорганизирана борба, или да се даде дознаење дека не само од месното население, туку од цел народ на Македонија ова што сакаат да го спроведат е одбиено.
Кога се формира првиот партизански одред тука?
Папакоча: Како почеток на формирањето на партизанските одреди во поголем реон е поставено на местото Црвени стени во прилепско и тоа е почеток на првите организирани одреди. Понатаму имате фотографии од борци од првите одреди од прилепскиот реон, како личности кои биле дел од НОБ. Исто така многу битна за нас во Крушево е месноста Груева нива, или месноста каде на 16 април 1942 година е формиран првиот крушевски одред Питу Гули, како еден вид на традиција преку земање на името на еден од главните личности кои го дале животот за Македонија. Тука е куќата каде било донесено решението за формирање на самиот одред. Има и мапа на воените штабови во Македонија во перидот на 1941 година, обележани со места каде биле најсконцентрирани партизанските одреди. Исто така многу битно е да се каже дека на 4 јули 1941 година КПЈ донесува решение за формирање на партизански одреди кои ќе бидат распределени на територијата на цела тогашна Југославија и веќе почеток на интензивни вооружени борби против фашистичкиот окупатор.
Тука можеме да погледнеме голем дел на оружја кои се користеле за време на Втората светска војна. Ова се оружјата кои биле дел од таа борба?
Папакоча: Оружјата се поставени како илустрација со какво оружје располагале борците, во поголемиот дел од витрината каде се наоѓаат се пушки, дел има и автоматски оружја со што се прикажува дека располагале со различен тип на оружја со кои се бореле во тој временски период.
Има и фотографии од членовите на партизанскиот одред Питу Гули.
Папакоча: Да, 22 фотографии од попознатите луѓе се поставени, кои биле дел од организаторите на првиот крушевски одред Питу Гули.
На оваа мапа може да се види борбениот пат, како се движел партизанскиот одред во 1942 година во околината на Крушево и населените места во овој регион.
Папакоча: Токму дел од овој одред кој бил формиран во април 1942 ги започнува борбените дејствија во крушевскиот реон. Токму нивното делување е во перидот од април до ноември, заради тоа што Крушево е повисоко место и донесено е решение да тој одред привремено се расформира и да се подели на 3 дела, од кои едниот дел бил вратен во Крушево, вториот дел се префрлил према селото Пуста Река, а третиот дел е веќе заминат на кај Западна Македонија. Но тоа е еден вид на привремено расформирање, затоа што временските услови на дозволувале воените дејствија да се интензивираат со делувањето на одредот.
Дали ова тука што можеме да го видиме е оригиналното знаме на партизанскиот одред?
Папакоча: Тоа е оригиналното знаме на првиот крушевски одред Питу Гули и е зачувано после воените дејствија и е еден од повредните делови од поставката во Музејот. Тука исто така е борбата на населението против бугарската асимилаторска политика, затоа што се формираат месни комитети на Комунистичката партија, има фотографии на 5 битни луѓе кои биле дел од месниот комитет. Многу битен е и делот на партиски организации во Крушево и крушевско во периодот од 41. до 44., тригодишен период кој прикажува како постепено почнува да се развива мрежата на партиските организации, не само во Крушево, туку и во крушевскиот реон, затоа што и тоа како крушевскиот реон е многу битен во оваа приказна. Многу е битно и значајно да се каже дека со почетокот на воените дејствија реакцијата на бугарската фашистичка власт била силна, а тоа може да се види на фотографиите каде двајца позначајни луѓе биле обесени по затворите. Има и фотографии од скопскиот и прилепскиот затвор каде биле затворани луѓето кои биле фаќани, односно Бугарите сакале да ги претстават дека се сила. Исто така е многу битна за нашиот реон фотографијата од куќата каде се самоубива Мише Ефтим, односно саможртвата што ја дава за да не падне во рацете на бугарската полиција. Претставена е токму таа куќа и неговиот херојски акт да се даде животот за да не се откријат тајните, односно да не може да биде испитуван понатаму за да не биде откриена дел од организацијата и како функционираат партизанските одреди, односно вкупната мрежа на партизанско делување во крушевско.
Претставено е и селото Пуста Река, односно селото кое есента 1943 е еден од тие регрутни центри и е едно од местата кое е позначајно за партизанското делување во нашиот реон. Има фотографија од борци фотографирани на тоа место и секако панорамска фотографија од селото.
Гледаме тука интересни експонати, односно машини за пишување кои се користеле најверојатно во тој период од страна на партизанските одреди?
Папакоча: Дактилографски машини кои се зачувани од тој временски период и се многу битен експонат во Музејот на НОБ. Во тој период тоа бил единствениот начин на комуникација на партизанските одбори, за доставување на писма и известувања. Од фотографиите може да се заклучи колку во тој временски период биле “современи“, но сепак начинот и делувањето е секако охрабрувачки, затоа што без разлика од тоа со какви несовремени машини се соочувале во тој временски период, комуникацијата никогаш не запрела. Зад тебе е исто така значаен дел од поставката, односно медицинската опрема што ја имале луѓето кои давале прва помош при борбените дејствија. Од самите експонати може да заклучите колку биле модерни, односно колку можеле да дадат помош во тој временски период, се собирало сето тоа што можело да се набави и служело како орудие на медицинските лица за давање на прва помош на ранетите борци.
Тука се и фотографиите од партизански одреди како што може да забележиме.
Папакоча: Точно, после периодот на 1943 година, прераснување во регуларни воени единици, батаљони и бригади, или зголемување и помасовно организирање на партизанските одреди. Секако важно и битно е да се напомене дека нашиот одред се вклучил во тие батаљони, а илустрација за тоа е фотографијата од познатиот Февруарски поход. Како дел од концептот се подигнува на повисок степен организираноста на Македонскиот народ преку спротивставување во највисока смисла против фашистичкиот окупатор. Секако не само во Македонија, туку во цела Југославија, но акцентот е поставен на Македонија.
Полека, во овој дел од поставката во Музејот доаѓаме до периодот на одржувањето на Првото заседание на АСНОМ, тука се декларациите и решенијата донесени токму на АСНОМ?
Папакоча: 2 август 1944 година. Да се вратам уште малку поназад, тука е илустрација на мрежата на народноослободителни одбори во крушевското подрачје, односно повисокиот тип на организирање на партизанските одреди. Секако тука се сликит од манастирот Прохор Пчински каде се одржало заседанието и веселби на луѓето кои го славеле воспоставувањето на одлуките. Тука се предмети како ранци, пиштол, компас кои се дел од поставката, а како илустрација со што располагале партизаните во тој временски период.
Во овој дел можеме да погледнеме фотографии од голем број на собири, прослави. Што точно значат овие фотографии, дали веќе е дојдена слободата?
Папакоча: Зборуваме за пролетта 1944 година, кога е формиран вториот крушевски одред исто така со името Питу Гули, кој по број изнесувал повеќе од 700 борци и кој подоцна со припомош на првата и шестата македонска бригада го ослободува Крушево. Симболиката на тоа е интересна, затоа што Крушево е ослободено на 8 септември 1944 година. Понатаму се фотографии од прослави на населението и партизаните кои веќе ја донеле слободата. Инаку и ден денес 8 септември освен како датум со кој се одбележува независноста на Македонија, е ден и на ослободувањето на градот Крушево.
Централна позиција во овој објект ја има муралот насликан 1988 година од страна на Борко Лазевски. Што е прикажано на овој мурал, гледаме тука и интересна порака горе на плафонот?
Папакоча: Симболиката на муралот е токму прикажување со што се соочувал македонскиот народ во воените дејствија не само во периодот на Втората светска војна, туку и за време на Балканските војни, Првата светска војна. Тоа е токму начинот на кој преживувал нашиот народ, како не било баш едноставно да се живее во тој временски период. Во вториот дел е илустрација на борци со пушки, односно давањето на отпорот, но сепак тоа е една целина, заедно за цел овој период кој го зборувавме во делот од поставката во Музејот на НОБ. Во делот на поставката се напишани и носителите на партизански споменици и личности кои загинале и го дале животот за Македонија во времето на воените дејствија. За на крај, како последен дел од поставката се претставени народните херои на Македонија, кои се дел од Крушево и крушевскиот реон, Злате Билјановски, Манчу Матак и Наум Наумоски – Борче, кои биле носители на партизанската споменица и прогласени за народни херои на Македонија.
Од 66 народни херои на Македонија, тројца се од градот Крушево.
Папакоча: Крушево и крушевско, низ целата поставка е и регионот кој и тоа како го има заземено значајното место во историјата од тој временски период.
Ова видео е дел од рубриката Збор 2 на порталот Инфо Компас поддржано од Министерството за култура во програмата од Национален интерес во културата од областа на заштита на недвижното културно наследство и заштита на aудиовизуелни добра за 2024 година.