Се наоѓаме во селото Вирово во општина Демир Хисар, каде позади нас се наоѓа еден вир, или народски кажано валајца. Овие валајци служат за перење на разни јамболии, ќебиња и други работи кои порано, но и сега се употребуваат во домаќинствата. Наш соговорник е Сребре Матевски од селото Вирово, кој моментално живее во Крушево и кој денеска имаме една чест и можност да не запознае со овој традиционален начин како нашите предци, но и сегашните генерации како што имаме можност да видиме, перат на еден ваков навистина интересен начин.
Господине Матевски пред се благодарам што одвоивте време и што ќе ни го покажете овој навистина редок процес на перење на разни ќебиња, јамболии итн.
Матевски: Прво да почнам дека овој занает е стар скоро 300 години, од памтивек, од дедо, прадедо се работел во село Вирово, каде се збирале јамболии од цела околија, па дури и од цела Македонија и Балканот, тука се валале. Значи ова е вир за валање јамболии и сега во ново време само перење, бидејќи никој не ткае повеќе, а има и сува валајца, таа е за клашни или шајаци ги нарекуваме, за алишта.
На почеток, за сите што не знаат, што е валање, а што е перење?
Матевски: Значи валање е кога јамболијата ќе се исткае и таа се вала да добие мекост.
На истиов начин како сега?
Матевски: Да, на истиот начин, само тоа е подолго време, подолг процес.
Колку време трае тоа валање?
Матевски: Па 5-6 саати, 10, зависи од волната, зависи колку е ширина, должина.
Значи се вала во овие дрвени каде што имаме можност да ги видиме?
Матевски: Вир, тоа е вир.
А перењето?
Матевски: Перењето исто тука се врши, во поново време ни остана само перењето и останавме уште малку луѓе во Вирово што работиме со оваа работа. Периме јамболии, ќебиња, килимчиња помали, јоргани, таква работа, претежно од хоби и мерак да се продолжи традицијата од нашите татковци, дедовци, прадедовци.
Но исто така на друго место овие јамболии и овие волнени работи не можат да се исперат толку добро како тука?
Матевски: Значи како што ќе ги испери валајцата не можи никој да ги испери, значи не постои таква машина, Германците и Јапонците не можат да измислат таква машина, како што е оваа природна машина за перење на јамболии и ќебиња.
Нашите предци, нашите стари знаеле што прават.
Матевски: Да, сето било рачна изработка.
Колку е стар овој вир?
Матевски: Тие се обновуваат на секои 10 години, а стар е преку 100 години сигурно, на ова место постои преку 100 години.
Кој се може да пери тука, дали е во приватна сопственост, или од селото?
Матевски: Во приватна сопственост е, но во договор со сопственикот на вирот може да пери кој сака, да дојде и да испери, има овде настрешница да поседи, да се напие, да одмори, природа невидена, убавина, река, вода.
Да, навистина имаме прекрасна природа тука околу нас. Сега ќе можеме да ги видиме процесот како се перат овие јамболии и ќебиња, што е ова што носите сега?
Матевски: Ова е лужник го викаме, или дифтик без реси се овие, има еден и со реси.
Тие служат како ќебиња за покривање или за друго нешто?
Матевски: Овие претежно се постилаат на кревет, на земја, се користат за спиење во зима, значи поубаво нешто од со волна да се покриеш во зима нема. Старите знаете дека во волнени алишта оделе и само тоа користеле и затоа биле и поздрави и подолговечни.
Ајде да погледнеме како изгледа процесот на перење.
Матевски: Еве сега до вирот да ги однесеме. Потоа се растресуваат вака, па се фрлаат во вирот.
Колку може да собере овој вир вакви ќебиња?
Матевски: Сега водата е послаба, на пролет може 6-7 да ги врти, а сега послаба е водата и ќе ставиме помалку.
И колку време трае таа процедура на перење?
Матевски: Па пола саат од прилика, од 15 минути до пола саат. Есенско време малку е послаба водата, но доволно е за да се исперат.
Значи тука сега со овие дрвени канали се носи водата од некој извор?
Матевски: Водата е од реката, ова е горе јаз, горе има вренгија на реката, се зафаќа водата и течи по јазот и потоа по буката иди во вирот.
Дали се прави од некакво специјално дрво?
Матевски: Може да биде даб и бука. Претежно значи даб и бука. Ова се вика бука и порано се правеле од бука.
Буката е најистракно дрво за валајците?
Матевски: И буката и дабот, но дабот е поистраен. Само треба нон стоп да биде во вода, ако се суши нон стоп побрзо скапуваат штиците, вака треба да биде нон стоп во вода.
Гледаме дека се наместени на мало растојание од 2-3 сантиметри овие штички, тоа значи за водата која е валкана да излегува низ нив?
Матевски: Да, водата мора да бега, нема да врти ако не течи водата, ќе лежи водата.
Како што кажа, ова е природна центрифуга за перење. И потоа водата истекува низ овој канал.
Матевски: Си течи и пак си оди во реката, во истата река од каде е навратена.
Може да пробам јас едно да ставам?
Матевски: Може, како не.
Ова што е, нешто мало е?
Матевски: Тие се диплиња, за на столица, за седење.
Значи само се ставаат вака?
Матевски: Да и се вртат и се перат.
А јамболијата, голема е?
Матевски: Јамболијата не ја ставај, можеби нема да ја врти од слаба водата.
Кога е најјака водата за перење?
Матевски: Па во мај месец, мај и јуни.
Сега сме август, веќе е намален водостојот.
Матевски: Намален е, има уште да навлачиме вода, но доволно е да се исперат. Ако се вала како порано што валале, треба букава да биде полна, да течи вода и да ги мава 5-6 саати.
Хемиски средства не се употребуваат?
Матевски: Ако сакаш може да употребиш прашак, но нема потреба.
Природно си е природно.
Матевски: Така е, и миризбата после ќе биде на чисто, на вода, на убаво.
Кога ќе се покриеш со неа после исперена, како е чувството?
Матевски: Кога ќе се покриеш убавина е, да се изнаспиеш, јас во зима со јамболии спијам.
Како целата природа да ја ставаш врз себе. Додека ова се наоѓа во оваа природна центрифуга, што правите вие. Тука гледаме едно покриено летниковче убаво?
Матевски: Има летниковче, правиме салатичка, по некоја ракија, се дружиме, убавина…
Без салатиче и ракиче нема да се измијат добро?
Матевски: Па нормално, се знае тоа.
Имаме еден интересен момент кога со стап се вадат?
Матевски: За вадење, да.
Добар ден, имаме можност да дојде и сопственикот, домаќинот на овој вир. Како се викате, да ни се претставите?
Крстевски: Јас се викам Душан Крстевски и мило ми е што присуствувате на оваа снимка што ќе ја направиме во селово. Да ве запознаеме со некои работи ако ве интересираат за селово.
Да нашиот соговорник Сребре претходно кажа дека овој вир е стар 100тина и повеќе години?
Крстевски: Многу години е ова, можеби не 300, но откако знаеме ние, селово на времето претежно се занимавало со овој занает, 70-80% од селово се занимаваа со ова.
Доаѓаа тука од целиот регион?
Крстевски: Не доаѓаа, туку селаниве одеа по градовите и селата, ги збираа јамболиите, ќебиња, шајаци, а начинот на перењето е овој. Перењето е многу појако овде од машина.
Колку време е обновен овој вир?
Крстевски: Моментално е 4 години обновен. Ми текна мене, сето беше запоставено, додека имавме централа горе јас и таму имав вирови. Едни пријатели ми го дадоа местово за да се послужам и го направив ова.
Ова е единствениот вир што функционира во околинава?
Крстевски: Има уште еден, над село е тој.
Кој може да пери овде?
Крстевски: Кој сака, кој ќе дојди нека испери.
Не му забранувате?
Крстевски: Не забранувам, што ќе му забрануваме сега.
Како што дал Господ, како што дала природата, така.
Крстевски: Природата дала се, па и за перење. Но убаво е да се праша бидејќи доаѓаат и повеќе луѓе, може да дојдат и 10 души и мора да има некаков ред.
Сега тие се исперени и се вадат таму и се ставаат да се сушат?
Крстевски: Сега се перат, ќе се перат половина саат.
Може да погледнеме како се вадат.
Крстевски: Е вака се вадат, од другата страна. Принципот е овој за вадење, ова е кукалка, дрвена и вака ги вадиме.
Дали треба да постојат малку за да се исцедат?
Крстевски: Да се исцедат прво, потоа ги спростираме на жицата. Ова е начинот.
Колку се тешки овие водени јамболии?
Крстевски: Овие водени јамболии можат да бидат тешки и до 30 килограми, инаку оваа јамболија сува е 7 килограми.
Според традицијата, Крали Марко на орото наместо шамивче, водена јамболија вртел. Дали може да пробам да извадам една?
Крстевски: Ајде, повели.
Крстевски: Сега ги оставаме малку да се исцедат и можеме да седнеме во летниковчето. Ајде, да се напиеме по една домашна ракија.
Таа е демирхисарска?
Крстевски: Оригинал.
Од што ја правите?
Крстевски: Од грозје, лозова ја правиме ние ракијата.
Значи ем што природно се пери и природно се лади?
Крстевски: Ајде другарчиња да се освежиме малку.
Матевски: Сега спружираме на жицава да се сушат.
Гледаме дека и повеќе други јамболии што се слушат?
Матевски: Наши се тие, ние што сме ги переле.
Вака и дома спружираш алишта или само на вирот кога си?
Матевски: Не, само на вирот, дома има куќна помошничка.
Дали има надеж и шанса да се продолжи овој занает и на помладите генерации?
Матевски: Па не знам, децава мои ги носам и знаат, од колегава од Дуле детето и тоа знае, ја знаат процедурата, но малку потешко, да даде Бог да продолжат, овој занает е стар од дедо, прадедо, никој не знае колку е стар, јас велам 300 години, но можеби е и повеќе. Убав занает е, нашите фамилии сите од тоа живееле, дедо, прадедо, јас сум пораснал со тој занает, луѓето и куќи купувале, возила, селото е изградено од тој занает. Прво село со асфалтен пат во Демир Хисар е Вирово.
Сребре ти благодарам за одвоеното време и што ни го покажа овој навистина редок начин на перење на старите традиционални ткаени работи, јамболии, ќебиња итн.