Пензионерите од Прилеп и неколку други градови од Македонија кои протестираа подолг период за линеарно покачување на пензиите од 5.000 денари, денеска првиот дел од покачувањето од 2.500 денари го одбележаа со средба во просториите на Здружението на пензионери во Прилеп.
„Радоста е голема бидејќи за нас значи многу 5000 денари, што никогаш не би го заменила со 5,3% или 2,9% во 6 месеци од годината. Она што го зацртавме, го остваривме. Законот од процентуално го сменивме во линеарно, затоа ќе ги добиеме ние линеарно овие 5000 денари. Рековме дека ќе добиеме и лекови на позитивната листа, да ја прошириме и тоа го остваривме. Во моментот се работи на остварување на пензиското и климатско лекување од 7 дена бесплатно лекување и за неколку месеци неколку многу битни таблети, кои требаат за пензионерите“, рече Верче Јанческа, пензионер.
Се надеваат дека ќе бидат во целост преифатени и предлог измените на законот за пензионери со што ќе се решат сите нивни проблеми.
„Линеарното зголемување на пензиите е успешна операција која што на почеток сите велеа дека ќе нема средства, ќе нема пари, еве се најдоа пари, значи се најдоа луѓе, односно поздрав до Владата која што излезе во пресрет на нашите проблеми, најде соодветно решение и она што е најбитно за нас сакам да ја поздравам изработката на новиот Закон за пензионери кој ќе ги опфати сите категории на пензионери, кој ќе ги реши сите суштествени проблеми и прашања на пензионерите и мислам дека со тој нов закон конечно еднаш засекогаш во Република Македонија пензионерите ќе имаат достоен живот“, истакна Делче Максимоски, претставник на пензионерите од Охрид.
Побараа и целосна смена на раководството на Здружението на пензионери и во Скопје и по градовите затоа што не ги подржувале во нивните барања.
„Да се разреши госпоѓата Савка која тоа не го прифаќаше и финансова полиција да влезе во сите подрачни единици и да се постават новите раководства“, рече Васил Пиндеров, претставник на пензионерите од Валандово.
Пензионерите денеска ги посети и пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Петар Ристески, кој рече дека тие 5.000 денари ќе биле дадени и денеска да не бил буџетот во лоша состојба.
„Од денес ги добиваат половината, 2500 денари, од март 2025 година уште остатокот од 2500 денари. Овие 5000 денари ќе беа исплатени доколку душмански не беа потрошени парите од буџетот на Република Македонија од претходната власт. Оваа Влада покажа дека зборот е збор, покажа како се работи домаќински и покажа како се работи заедно со народот, она што го ветивме предизборно и во изборната кампања, она за што протестираа пензионерите од иницијативниот одбор кои ме повикаа и излегов и ги поддржав во таа 2023 година за подобар стандард, тоа со самото доаѓање на власт на владата на ВМРО ДПМНЕ се оставари“, изјави Петар Ристески, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
Следните 2.500 денари од линеарното покачување пензионерите ќе ги добијат со мартовската пензија во 2025 година.