Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов денеска во изјава за медиумите истакна дека на 1-ви мај истакнале неколку барања, меѓу кои и барањето за зголемување на минималната плата, што иако требало да биде приоритет, сепак не е реализирано од новата Влада.
„Сметаме дека 25 илјади работници кои примаат плата од 22.567 денари е некоректно, односно нечовечки да примаат како таква. Сметам дека 10 илјади работници кои примаат плата од 1 денар до 22.567 денари е кривично дело да го прават тоа работодавачите и сметаме дека доколку за да покриете една синдикална минимална кошница ви се потребни веќе три минимални плати, дека аргументите наши се издржани“, истакна Трендафилов.
Трендафилов рече дека Владата во првите 100 дена требало да седнат со нив на заедничка маса и не сакаше да коментира за работата на истата.
„Сојузот на синдикатите на Македонија чека состанок на Економско-социјалниот совет за да се разговара за зголемување на минималната плата, но таква седница не се одржа. Не би коментирал што се случи во првите 100 дена. Утре ќе биде 101. ден и повторно ништо нема да биде сменето,“ изјави Трендафилов.
Според него ССМ ќе продолжи да ги поддржува сите синдикати во борбата за повисоки плати и додаде дека аргументите се на страната на работниците, односно доколку Владата очекува да биде разбрана од работниците, прво таа треба да ги разбере нив.