Светска банка: Македонија треба да инвестира 6,4 милијарди долари за поголема отпорност кон климатските промени

Facebook
Twitter
Email
Print

Вкупно 6,4 милијарди долари ќе и требаат на земјава во следната деценија за зајакнување на отпорноста кон климатските промени, за ефикасна заштита на луѓето и имотот. Секој долар од овие инвестиции сега, ќе испорача два до десет пати повеќе поврат во иднина заради избегнати загуби и економски копридобивки.

„Македонија може да стане земја со нето нулта емисии ако инвестира 5,6 милијарди долари до 2050 година во декарбонизација на енергетиката, транспортната индустрија и градежниот сектор. Но, ова се големи бројки и владите сами не ќе можат да ги постигнат, па 85 проценти на декарбонизацијата може да доаѓа од приватниот сектор“, порача денеска директорот на Канцеларијата на Светска банка за Косово и Македонија, Масимилиано Паолучи, презентирајќи дел од Извештајот за климатски промени и развој на земјата (CCDR).

Со минато обележанo од разорни поплави и екстремни временски настани како поројни дождови и топлотни бранови, кои предизвикаа загуби од 667 милиони американски долари во последните 20 години, климатските предизвици на Македонија само растат.

„Природните непогоди несразмерно ги погодуваат ранливите сектори, особено земјоделството, каде малите семејни фарми страдаат од суши и град поради недоволно наводнување, заштита од град и осигурување,“ изјави Масимилијано Паолучи.

Според Извештајот, во отсуство на инвестиции за адаптација, Македонија поради климатските промени до 2050 година би можела да се соочи со економски штети до четири проценти од бруто домашниот производ (БДП).

Транзицијата кон напуштање на фосилните горива може да ја зајакне енергетската сигурност преку поттикнување на пофлексибилен и модерен енергетски систем. Оваа промена, исто така, може да донесе значителни подобрувања во здравјето и економските резултати на долг рок, главно преку подобрување на квалитетот на воздухот и намалување на оперативните трошоци на енергетскиот систем. Овие инвестиции опфаќаат изградба на 6,9GW капацитети за обновлива енергија, електрификација на клучните сектори како транспортот – каде се очекува 90% од патничките возила да бидат електрични до 2050 година, и зголемување на енергетската ефикасност за годишна заштеда од 36% топлинска енергија.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи