Денеска во Прилеп за празникот 11 Октомври беа присутни претставници на антифашистички здруженија и почитувачи на ликот на делото на Тито од Србија, Хрватска и Словенија кои оддадоа почит на Могилата на Непобедените. Упатија порака дека во духот на „Братството и единството“ треба да ја негуваме традицијата на антифашизмот и соработката помеѓу народите од поранешна Југославија.
„Ја промовираме стратегијата на заедништво, ја промовираме стратегијата на напредок, ја промовираме стратегијата на мирољубива соработка меѓу народите и во тој дух сакаме да се поврзиме и да ја запознаеме културата на вашиот народ, да ја видиме вашата територија и да ги пренесеме пораките како се живее на нашите простори и во иднина да соработуваме и да создаваме нови перспективи на развој“, вели Мио Милјак потпретседател на здружение „Јосип Броз – Тито“ од Пула.
„Многу е важно да се негува традицијата на антифашизам и да се негува она што ни остана од тоа поранешната заедничка држава. Ако ме прашувате како се осеќам, па се осеќам мешано со тага и гордост, уништивме држава која ја добивме со крв, но сме горди што и понатаму ги негуваме тие традиции, бидејќи знаете, антифашизмот не е определување, никогаш не ни бил, антифашизмот е начин на живот, тоа е да не ги делите луѓето по бојата на кожата, вероисповед и националност, туку да ги делите на добри и оние другите, а тие другите се знае кои се, тие се фашисти“, истакна Борис Петковиќ, генерален секретар на Југословенски центар „Тито“ од Белград.