Со оддавање почит и положување цвеќе пред спомениците на Методија Андонов Ченто, Кузман Јосифоски – Питу и Могилата на Непобедените денеска во Прилеп се одбележаа 83 години од подигнувањето на востанието против фашистичкиот окупатор. Беше потенцирано дека треба да ја почитуваме историјата и сите сплотени заедно почитувајќи ги тие идеали од НОБ да ја градиме иднината.
„Осумдесет и три години од почетокот на отпорот, односно почетокот на борбата против фашистичката окупација во Македонија, го покажува духот на нашиот народ, духот кој ни остава традиција да се надградуваме, односно секогаш со сплотеност и сложност да можеме да се спротивставиме на сите предизвици кои ја затекнаа нашата Македонија“, рече Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.
„Денес сме овде да ја зачуваме традицијата, да се потсетиме на минатото кое практично е и водилка за иднината. Градиме единство, Македонија била држава низ годините посветена на непокор, за да денеска е она што е. Нашата обврска е да продолжиме да ја градиме традицијата и да ги одржуваме сите добрососедски односи, нормално и да ја чуваме нашата Република Македонија“, истакна Цветан Трипуновски, министер за земјоделство.
Пораката на Сојузот на почитувачи на ликот и делото на борците од НОБ од Прилеп е дека без почитуваее на минатото нема иднина.
„Да ја почитуваме државата, да ја почитуваме историјата, да ги почитуваме борците бидејќи без минато нема иднина. Ако знаеме дека минатото дало многу жртви, сепак и од тоа треба да учиме, а во иднината да ги применуваме позитивните аспекти, се она што се случувало во минатото да го памтиме, за да не ги повторуваме грешките“, истакна Рубин Белчески, претседател на Сојуз на борци Прилеп.
Денеска во Прилеп беа присутни претставници на антифашистички здруженија и почитували на ликот на делото на Тито од Србија, Хрватска и Словенија.
„Ја промовираме стратегијата на заедништво, ја промовираме стратегијата на напредок, ја промовираме стратегијата на мирољубива соработка меѓу народите и во тој дух сакаме да се поврзиме и да ја запознаеме културата на вашиот народ, да ја видиме вашата територија и да ги пренесеме пораките како се живее на нашите простори и во иднина да соработуваме и да создаваме нови перспективи на развој“, вели Мио Милјак потпретседател на здружение „Јосип Броз – Тито“ од Пула.
„Многу е важно да се негува традицијата на антифашизам и да се негува она што ни остана од тоа поранешната заедничка држава. Ако ме прашувате како се осеќам, па се осеќам мешано со тага и гордост, уништивме држава која ја добивме со крв, но сме горди што и понатаму ги негуваме тие традиции, бидејќи знаете, антифашизмот не е определување, никогаш не ни бил, антифашизмот е начин на живот, тоа е да не ги делите луѓето по бојата на кожата, вероисповед и националност, туку да ги делите на добри и оние другите, а тие другите се знае кои се, тие се фашисти“, истакна Борис Петковиќ, генерален секретар на Југословенски центар „Тито“ од Белград.
По повод 11 Октомври во Прилеп овие денови се одржуваат и голем број културни и спортски манифестации со кои се одбележува еден од нашите најзначајни државни празници.