ВИДЕО – Мрческа: Макфест беше мое големо искуство и инспирација да продолжам со нови песни


Драги гледачи наш денешен соговорник е младата и талентирана музичарка од Прилеп, Jана Mрческа, која што пред само неколку денови го имаше своето деби на нашиот најпрестижен и најдобар фестивал за забавна музика Макфест.


Јана морам на почетокот, бидејќи се уште си под големи импресии, како прво прашање да те прашам за твојот настап на Макфест. Како помина и како си задоволна од твоето учество?

Да, уште сум под големи импресии и многу убаво си поминав. Многу беше убава организацијата, првпат учествував на ваков некој голем фестивал и најголем настан во Македонија, многу беше забавно. Се запознав со многу други музички имиња и си разменивме свои искуства. Некои пораки како можеме да се подобриме. Јас се претставив со песната „Убава и храбар“, која ја напиша Иле Спасев, а текстот е на Борче Нечовски. И навистина тоа е предобро искуство за кое носам многу добри спомени. И се надевам дека можеби следната година ќе се видиме пак на Макфест.

Доколку нешто би променувала што би сменила, еве кога ќе споредиме со годинешното искуство?

Па јас бев најмала таму имав, имам се уште 16 години, утре ќе полнам 17, така што бев можеби малку повеќе под некоја трема него останатите. Така да можеби би сакала да бидам поопуштена, да уживам во секој момент и да го дадам најдоброто од мене.

Спомена дека настапи со песната „Убава и храбар за која што исто така издаде и видео?

Да, премиерата на видео спотот излезе вчера, видеото го снимав во Скопје, го снимаше Јордан и мислам дека убаво е секоја песна да си има свој видео спот, да се означи таа песна, така што сите кои што сакаат може да го погледнат видео спотот на Youtube каналот – Јана Мрческа.

Дали овој видео спот е твое првенче или имаш претходно и други?

Па можам да кажам дека е првенче, нешто повозрасно. Имам и други, но тоа беше на детска песна затоа што учествував и на детски фестивали и имам 3 детски песни, но оваа беше моја прва да кажам песна за возрасни. Така што ова го сметам за мое првенче мој прв голем проект.

Спомена дека имаш учествувано и на други фестивали, кои се тие и какви награди се имаш освоено досега?

Имам учествувано и на други Интернационални фестивали. Имам и на детски фестивали и на фестивали за повозрасни. Последно сум била во Штип на меѓународен фестивал за пеење. Исто така има учествувано во Нови Сад на „Шкољкице“, во Штип освоив прво место, а во Нови Сад второ. Бев и во Словенија, каде што таму ја освоив престижната награда за пеење. Таму немаше места, туку имаше престижни награди. Исто така учествува и на онлајн фестивали и натпревари, како што беше во Њујорк, во Америка, таму исто освоив прво место. И уште на многу други, како и тука на нашиот фестивал во Прилеп „Ѕвездички“ каде имам учествувано 3 пати. Последен пат освоив прво место.

Можеби ова прашање требаше да го поставам на почетокот, но некако почнавме со Макфест поради големите импресии. Но како започна целата приказна помеѓу Јана и музиката и зошто?

Па од многу мала ја засакав музиката, уште од моја 6 годишна возраст. Почнав да одам во музичкото училиште во Прилеп, во oсновното „Ордан Михајловски Оцка“, каде што таму прво почнав со отсек пијано, каде што одев 6 години на пијано и потоа продолжив на соло пеење. И од секогаш сум имала желба за да настапувам, да бидам на сцена дефинитивно, а сето тоа е поврзано со музиката.

Сега продолжуваш со соло пеење во средното „Илија Николовски Луј во Скопје?

Да сега сум трета година, моментално отсек сум теоретичар, но мојот прв инструмент е пијано, а втор инструмент е соло пеење. Оди интересно, оди добро, сепак сум во тој музички свет. И можам да кажам дека сум засега задоволна од училиштето и како се одвиваат работите, затоа што држиме и концерти, училишни концерти, на кои исто така може многу да се научи од нив.

Пред Макфест имаше исто така еден доста добар и значаен проект на кој што и ние исто така присуствуваме во Крушево. Тоа беше оваа година по повод 43 роденден на нашата најголема музичка ѕвезда Тоше Проески. Направи еден сплет од негови најголеми хитови. Тие имаат исто и видео, но Јана Мрческа беше дел и од програмата во неговиот Спомен дом, како што кажавме во највисокиот град на Балканот, Крушево? Зошто Тоше, зошто токму овој проект?

Тоше бил мој идол, ми бил инспирација од мала, од кога започнав да знам за музика. За жал немав никогаш можност да го запознаам, но отсекогаш на некој начин се одгледував на него. Тој има многу емоции во него. Секој пат кога ќе гледав некој негов настап гледав колку имал тој навистина љубов кон музиката и колку тоа го работел со среќа, со задоволство и сакам и јас да ја сакам музиката така, да работам со среќа и со задоволство. И да, тој отсекогаш ми беше идол, и мислам дека тој секогаш ќе остане наша Вечна ѕвезда и дека никогаш нема да биде заборавен и затоа и го крстив овој проект „Вечна ѕвезда“. Тоа беше сплет на песни негови „Вечна ѕвезда“, затоа што тој за мене секогаш ќе биде „Вечна ѕвезда“ и секогаш мислам дека ќе ги слушам неговите песни и ќе го гледам како моја инспирација.

Дали беше тешко да се реализира тој проект?

Па секој проект има своја тежина, така да можам да кажам дека беше малку тешко, но кога ќе работиш нешто со љубов и задоволство никогаш не е некоја голема тежина која не може да се издржи. Но беше тешко затоа што беше проект посветен на многу голем и значаен човек за нас.

За талентираните музичари како тебе нема застој, нема застанување, нема паузи, помина Макфест треба да следи нешто ново, што е она што може да очекуваме од тебе и кои се твоите идни планови?

Па планирам доста проекти во иднина, од нив некои веќе се почнати да се подготвуваат. На некои уште се работи на нив, се уште се планираат,  планирам можеби и некоја нова песна, уште една после Макфест, а за сето тоа публиката ќе биде известена на моите социјални мрежи. На Инстаграм, на Фејсбук, каде сум потпишана Јана Мрческа. Така што таму можете да видите, да не откривам засега многу.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи