Денеска се наоѓаме во просториите на основното училиште „Кочо Рацин“ од Прилеп, каде што хорот „Пере Тошев“ кој што постои 37 години има една од своите проби каде се наоѓаат сите членови на овој хор. Овој разговор ќе го започнеме со Лилјана Белистојаноска една од најстарите членки на „Пере Тошев“ уште од неговото формирање.
Дали може да ни кажете како започна приказната околу формирањето на хорот „Пере Тошев“ и како се одбра името на овој наш револуционерен херој?
Белистојаноска: На 08.05.1987 година, Минде Думбалоски го повика Славчо Мирчески диригент и еминентен стручњак во неговата професија, да направи хор на просветни работници. Така што сите ние што на почетокот бевме членови на хорот сите бевме од просветата. Бевме така речено народски под капата на СИЗ-от за образование. Првите проби ги имавме во Високата економска школа, прилепчани така нели ја викаат, таму имавме своја просторија и таму ги имавме пробите, а за сè што ни требаше во тоа време се грижеше секретарот, па воедно ни беше и претседател на хорот. Во тоа време снимивме и една касета тонски во Радио Прилеп,а имавме снимено и дискета една, односно ЦД и тие 2 работи ги промовиравме, а средства за тоа секако беа обезбедени од образованиет.
Но со текот на времето тоа отиде, другите секретари не го продолжија ова наше дружење да речам и едноставно ние одлучивме да биде Културно уметничко друштво што го нарековме „Пере Тошев“. На 08.05.се регистрираше, а денот на Пере Тошев е на 04.05., па некоја коинциденција е тоа и да не биди сега Гоце Делчев или нешто друго туку да биде прилепчанец.
Така започнаа нашите први чекори, одевме и пеевме, не само во државата што имавме концерти во разни градови, каде беа некои од натпреварувачки карактер, некаде беа само од ревијален карактер, туку одевме и надвор од државата, Грција, Бугарија, Србија, Албанија, еве летово бевме и Албанија.
Нашиот втор соговорник од хорот „Пере Тошев“ е Драган Миноски, со кого би сакал да поразговараме околу хорскиот аматеризам, ова е еден аматерски хор, но верувам дека пее подобро и од некои професионални хорови.
Миноски: Добро, јас би кажал нешто околу ова што сега спомнавте дека ние сме аматерски хор и сакам да кажам неколку зборови околу тоа што значи хорскиот аматеризам кај нас и во светот. Значи хорскиот аматеризам претставува една клучна културна компонента во секојдневното општествено живеење и кај нас и во светот. Секој човек што поседува природна музикалност што има вокални квалитети, ги исполнува основните услови за колективно музицирање, односно за хорско пеење треба да биде член на хор. Поради овие поволни околности јас пратам настани што се случуваат во светот, значи во светот постојат стотици илјади аматерски хорови кои што се занимаваат со хорско пеење и сретнав податок дека во светот некаде околу 4,5 посто од вкупната светска популација учествуваат во тоа хорско пеење, а тоа е бројка за почит од околу 37 или 38 милиони луѓе. Значи хорското пеење е корисно и за културата и воопшто за општественото живеење во секоја држава. Без разлика на организацијата на степенот на развиеност и на културата и развиеност на државата скоро не постои земја во светот во која што нема хорски аматеризам, каде што нема хорско пеење.
Значи културното и социјалното влијание на хорското пеење не се состои само во создавање на нови хорски композиции, туку тука има пред се и развивање на чувството за една колективна соработка, за една дисциплинирана колективна работа на членовите на тоа хорско друштво.
Претходно разговаравме за тоа дека настапувате на повеќе места, имате ли освоено награди во Македонија и во странство?
Миноски: Ние секаде каде што сме учествувале и во општинава и во земјава и во странство секаде сме оставиле убав впечаток, сме добиле пофалби и награди, како што кажа и мојата колешка имало ревијални и натпреварувачки фестивали и сме освоиле многу награди.
Сме учествуваме на еве на „Илинденски денови“ на еден така елитен е виден музички фестивал сме освоиле награда. Во 2013 година како хор бевме наградени од Општина Прилеп со најпрестижната награда, Третоноемвриска награда, тоа беше за нас една голема сатисфакција, еден стимул за со уште поголем елан и ентузијазам да продолжиме да работиме.
Патуваме и во странство, имаме освоено награди во Ќустендил двапати, прва награда на натпреварувачки фестивал, учествувавме и во Грција, два пати имаме појдено и во Црна Гора, а исто така одиме и во Албанија за денот на осамостојувањето на Република Македонија кај нашите Македонци.
Следниот наш соговорник е Ева Ристеска, која што е и претседателот на „Пере Тошев“ една од најмладите членки тука, што покажува на еден начин дека хорот има иднина и дека и помладите генерации сакаат да бидат дел како што разговаравме и претходно со Драган од овој хорски аматеризам
Ристеска: Па, јас како член на хорот „Пере Тошев“ сум од 2013 година, оваа година ја имав честа што ми се укажа од страна на останатите членови на хорот, да бидам претседател на КУД „Пере Тошев“. Тоа настана пред се поради новите технологии кои што се развиваат и начините за аплицирање за добивање на средства преку Министерството за култура и други Фондови, значи за да ја бркам таа работа, но сепак имам поддршка и од останатите членови на хорот, за реализација на проектите кои што ги остваруваме.
Сте имале ли досега поддршка од министерството за култура?
Ристеска: Имавме да, во соработка со домот за култура „Марко Цепенков“, сега на 19.10 направивме годишен концерт.
Каква е соработката со останатите институции, општината, други државни институции?,
Ристеска: Па, имаме соработка и со општината, 2 години со ред настапувавме на камената бина по повод празникот 11ти Октомври, исто така сме настапувале по повод празникот 24ти Мај, значи имаме добра соработка.
За оваа година ја реализиравме програмата, сега на овие проби кои што ги остваруваме, учиме нови песни за следната 2025 година.
Софија Рибароска, вие сте диригентка на хорот, па ајде една оценка вака, за хорот од 1 до 5?
Рибароска: Морам да кажам дека диригент станав од немајкаде, хорот го изгуби својот диригент, односно претходниот наш диригент Катерина Попоска се повлече од диригентската палка и ние останавме без диригент.
Имајќи го предвид моето долгогодишно искуство во хорот и тоа дека познавам ноти и дека ја сакам музиката премногу, особено хорското пеење, решив да го пополнам тој меѓупростор додека да се најде нов диригент, меѓутоа тешко одеше таа работа. Но постепено полека почнав, не само тие песни што ги пеевме туку почнав да пронајдувам и нови партитури и да пробам сепак квалитетно да го пополнам тој меѓупростор и успеав во тоа со овој хор да направам песни кои што добро звучат.
Откако станав диригент станав и построга кон сите други членови, тие не ме гледаат сега поинаку, ниту пак јас гледам поинаку, меѓутоа едноставно мора да има некој напред кој што диригира, кој што мора да го води хорот, мора да се има некаков ред и поредок во друштвото ако сакате да имате успех…
Негуваме староградски преработени песни во три гласа и пееме акапела, што е многу мошне напорно и од секој член во друштвото бара и не само напор, туку бара и концентрираност, бидејќи е специфично пеењето. Друго е да пеете со придружба, музичка придружба, која што постојано интонациски ќе ве прати, а ова морате да го направите од себе, од својата глава и да не изгубите концентрација, да не го изгубите тоналитетот. Тоа е мошне напорно.