Ахмети: Ако се „чепне“ Законот за јазици, односно албанскиот јазик, сите Албанци ќе се кренат на нозе

Facebook
Twitter
Email
Print

Лидерот на ДУИ, на средба со граѓани во Шуто Оризари изјави дека доколку власта го „чепне“ Законот за јазиците, односно доколку Уставниот суд го укине, тогаш сите Албанци ќе се кренеле на нозе.

ДУИ преку соопштение објаснуваа што точно да кажува Ахмети.

„Вечерва на средбата со народот организирана од огранокот на ДУИ во Шуто Оризари разговаравме за понижувањата, отпуштањата на Албанците, обидите за укинување на албанскиот јазик, Балансерот и рушењето на сите достигнувања на Албанците пред очите на прекршителите на волјата на Албанците – ВЛЕН. Али Ахмети ги увери членовите, симпатизерите и граѓаните дека по никоја цена нема да толерира уништување на постигнатото со многу жртви“, се вели во соопштението.

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека веќе се навикнале на секојдневни повици за некакви немири организирани од страна на албанската опозиција и иако овие повици предизвикуваат загриженост како кај него, така и кај странскиот фактор, сепак тие нема да бидат успешни.

„Ние се навикнавме сега од таквите изјави на господинот Али Ахмети, да повикува на воинственост, да биде фактор на нестабилност. Претпоставувам пораката се однесува на истите оние уставни судии, кои што тој во Речица и овие на Бихачка ги поставија во Уставниот суд. Бидејќи законот за употреба на јазиците е во Уставниот суд, ако таму погледнете ќе ги видите луѓето кои што излегоа од тефтерчето во Мала Речица и на Бихачка, така што претпоставувам притисокот врз тие луѓе продолжува“, изјави Мицкоски.

Мицкоски и претходно во повеќе наврати изјави дека постојат дојави дека Али Ахмети и ДУИ подготвуваат настани за дестабилизација на Македонија, но дека државата е спремна да се соочи со било какви предизвици.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи