Иако премиерот Христијан Мицкоски претходно најавуваше дека струјата нема да поскапи, денеска изјави дека е можно да има зголемување на цената на струјата од 1 до 3 отсто.
„Седум години го ограбуваа ЕСМ и сега ние за 4 месеци го консолидиравме за да не дојде до зголемување на цената. Од компанија која во 2017 година имаше 1,5 милијарди денари депозити во банки и околу 300 милиони, ја уништија и ја направија загубар без око да им трепне. Но наскоро ќе се слушне за тоа. На депонија има околу 250.000 тони јаглен, договорени се половина милион тони по ниска цена, а имаме откриено и ново парче руда. Кога ќе ги подготвиме овие работи доаѓаме до тоа дека нема да има зголемување на цената на струјата за 10, 15, 20% како што е во регионот, туку можеме да очкуваме зголемување од 2 до 3%“, рече Мицкоски.
Мицкоски очекува ЕСМ да биде целосно консолидирана на крајот на 2025 година или почетокот на 2026 година, кога се очекува повторно да започне со рентабилна работа. Тој рече дека се прават последните пресметки за цената на струјата која ЕСМ ќе ја понуди на ЕВН и таа ќе се движи меѓу 58 и 62 евра.