ВИДЕО – Прилепчаните Беџоски и Димески освоија две втори места, за два филмa, на Државниот фестивал за аматерски филм


Наш соговорник е Марјан Беџоски, фотограф и снимател од Прилеп, а повод за денешниот разговор е освојувањето на две втори места на Државниот непрофесионален аматерски фестивал за филм кој што беше во организација на Кинотека на Македонија, Кино сојузот и Народна техника. Две втори места, две награди за два филма кои ги изработи заедно со неговиот колега Никола Димески.


Да ни кажете нешто повеќе околу овие 2 награди, но пред да пристапиме кон наградите, дали досега имате учествувано на некои други вакви фестивали?

Беџоски: Инспирацијата ја користиме од секојдневните случки во животот и познанството со големиот број на пријатели и наши сограѓани, тала доаѓаме до идеја за изработка на кратки филмови кои што ги пласираме на непрофесионалните аматерски фестивали. На 53то издание на овој фестивал кој што се одржа во Кинотеката на Република Македонија во Скопје, се закитивме со 2 дипломи, да речам или 2 втори места, второ место или сребрена плакета добивме за филмот за Методија Патчев, бидејќи името на Методија Патчев пред се е поврзано местото на загинување во околината на град Прилеп или Кадино Село. Точно таа приказна за Методија Патчев ја преточивме со колегата Никола Димески преку едно видео, во кое ни излезе како соработник, Трајче Каралиоски, инаку учител од нашиот град меѓутоа, човек кој ја познаваше историјата за Методија Патчев и истиот ја направи приказната или сценариото, а ние го направивме видеото и монтажата. Точно тој филм доби второ место на овој фестивал за краток и игран филм.

Колку време го снимавте играниот филм за Методија Патчев и како се одвиваше снимањето?

Беџоски: Снимањето беше многу интересно, бидејќи имаше потреба да бидат опфатени повеќе кадри и локациите беа во Кадино Село, точно местото на загинување, местото поврзано со Илинденскиот период во Крушево и голема благодарност исто така на ловџиското друштво од Крушево кое што ни излезе во пресрет како статисти. Снимавме исто така на Марковите кули, во подножјето на Марковите кули и во Бушава планина во Крушево, бидејќи Крушево сметавме дека е поврзано со Илинденскиот период и затоа видеото го изработивме претежно на тие локации таму. Голема благодарност исто да упатам и до музејот на Град Крушево кој што ни овозможи да го користиме локацијата на Крушевското кале, кое ја симболизираше кулата во случајов каде што погинува Методија Патчев.

Колку време траеше снимањето на целиот овој филм?

Беџоски: Па, снимањето етапно го снимавме во неколку денови, меѓутоа ако го земиме временски некаде сигурно потрошивме 7 до 8 часа ефективно снимање, а понатаму за монтажата си следуваше дополнително.

Дали е направено според сценариото според историските записи за животот и делото на Методија Патчев?

Беџоски: Приказната или сценариото за Методија Патчев ни помогна многу Трајче Каралиоски, бидејќи тој го разгледуваше делото и животот на Методија Патчев и сето она што било во неговиот тековен живот, се до смртта, го преточивме ние во видеото, значи настанува многу интересна приказна како во последниот кадар остануваат со по еден куршум, не се предаваат на турскиот аскер, меѓутоа сите се убиваат еден со друг, за се жртвуваат за слободата на Македонија.

Вториот филм кој што беше награден е насловен „Прилеп наша Македонија“. Исто така еден интересен документарен филм кој што ги претставува историјата, културата и убавините на Прилеп и неговата околина.

Беџоски: Видете сега, секој човек има своја приказна, таа приказна кога ќе ја претвориме низ неколку кадри и слики ја оцртува историјата на едно минато, меѓутоа и иднината на градот Прилеп и татковината. Точно овој филм „Прилеп наша Македонија“ опфаќа неколку различни кадри снимени низ градот Прилеп и ја претставуваме историјата, сегашноста и минатото за град Прилеп. Ги посетуваме куќата на познатиот Петар Бектеш, животот негов го оцртуваме, на кој начин бил на печалба, парите што ги што ги собрал на кој дел ги инвестирал, значи направил едно архитектонско дело што по 100 години е уникатно за градот Прилеп.

Во близина на градот Прилеп, се наоѓа манастирот Трескавец, учениците од тогашното основно општинско училиште „Кочо Рацин“ во Прилеп ја преточија приказната на манастирот Трескавец и го поканија секој жител на нашата Татковина да го посети местото и му ја раскажа приказната на кој начин на толкава висина, на кој начин луѓето се заштитувале од турските зулуми, затоа побегнале таму. Тие приказни ги преточувавме на неколку различни локации. Интересно беше бидејќи како што го нарекуваат македонскиот Холивуд во село Штавица, не по случајност дошол Милчо Манчевски таму да го сними филмот „Пред дождот“. Во филмот „Пред дождот“ ние ги оцртавме кадрите што тој ги користи или селската црква, ги прикажавме, меѓутоа преку аматерска глетка, не како професионалниот филм, затоа викаме ние изработуваме аматерски филмови.

Од Штавица, приказната се префрлува и во нашата околина на град Прилеп. Значи ние имаме мешано население. Во селото Црнилиште оддалечено може на 30 до 40 километри живее муслиманско население, меѓутоа тоа муслиманско население, иако има свој сопствен јазик, Република Македонија ја чувствува за нивна Татковина. Таму имаме дечиња кои што се претставуваат дека тие учат во нашите училишта, дека тие дечиња исто творат, можеби творат на свој јазик, меѓутоа за нив истата оваа, како за Македончињата, така и за нив, Македонија е нивната Татковина. Точно овој филм „Прилеп наша Македонија“ го освои второто место за документарен филм на овој аматерски фестивал во Скопје.

Од каде ја црпите инспирацијата за овие филмови што ви дава најголема мотивација еве пред да направите еден филм?

Беџоски: Видете пред се треба да имате желба за нешто да го правите, второ кога ги правиме филмовите ние не размислуваме за награди него нашата идеја и труд го вреднуваат луѓе што ќе ги наречам професионалци во тој домен, професори од факултетите за филм и точно инспирацијата ние ја црпиме од секојдневието бидејќи имаме секојдневни контакти со најразлични луѓе, најразлични бранши, најразлични категории и точно таа идеја ние сакаме да ја претвориме во нешто што во иднина ќе се сеќаваат и идните генерации, а во случајов ќе направиме спомени за сегашните кои што биле учесници во тековните снимања на тие филмови.

Интересно е да се потенцира дека на овој 53ти Државен фестивал за аматерски филм конкуриравте со 5 филмови од кои што беа одбрани 2.

Беџоски: Видете тоа е да ви кажам и голем успех за нас, бидејќи ова 53то издание, претходната година во Кочани на на 52риот Фестивал ние учествувавме со еден филм. Со тој филм ние се закитивме со прво место за сценарио, прво место за краток игран филм и бевме на Интернационалниот фестивал УНИКА што се одржа во Полска. Интересно, тој интернационален фестивал е како во спортовите да си на Светско првенство, меѓутоа на тоа Светско првенство нема натпреварувања, него учествуваат најдобрите од цел свет. Во категорија од некаде 79 пристигнати филмови, ние влеговме во проекцијата за 20 што за мала држава и за луѓе што да речам се аматери постигнавме голем успех на ниво на такво првенство. Оваа година на 53тиот по ред Фестивал, бидејќи ние имавме поголем дел и различни идеи настапивме со 5 филмови во различни категории, од 5 филмови на овој фестивал ние освоивме 2 награди, што сметам дека е уште поголем успех од ланскиот, небитно што освоивме второ место, меѓутоа за 2 филма добивме 2 награди и тоа ни е поттик за во иднина да работиме и со млади кадри и да го промовираме градот и државата надвор од рамките, а пред се да се афирмираме и ние како филмски работници.

Дали веќе може да ни откриете на што следно работите, дали знаете со кој филм би настапиле идната година?

Беџоски: Идната година во предвид го имаме еден документарен филм кој што ќе биде поврзан од минатото на поранешна Југославија, кога Македонија била во нејзините граници, бидејќи со текот на распаѓањето дел си се вратиле во своите матични гнезда. Во нашиот град имаме една личност која што била во тој период многу блиска до врховниот командант на Југославија до Тито и понатаму нема да ги отвориме приказните како ќе се одвиваат, меѓутоа сакаме таа приказна да биде преточена за тој човек кој што од дете излезено од селска средина го свртел светот. Тој вели јас бев во Сингапур, бев во Индонезија, одвај научив што се вика да пишувам, а зборувам 8 јазици и вика постигнав голем успех и бил 3 години зад Маршалот на Југославија.  Меѓутоа тоа ќе го оставиме за понатаму како изненадување и нормално нема да запреме тука. Ние сакаме и работиме со млади кадри меѓутоа тие млади кадри не само што ќе бидат позади камерата него што имаат желба да бидат и пред камерата, бидејќи актерите и снимателите го прават едно филмско дело да биде комплетно. Ние нема да застанеме тука, бидејќи со колегата сето ова го работиме непрофитабилно. Го работиме од желба и се надеваме дека нема да застанеме само тука и ќе бидеме промотори на нашата држава и во иднина.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи