ВИДЕО – Училишни градини во школите – одличен проект кој ќе донесе огромен бенефит за учениците и државата


Ова утро се наоѓаме во дворот на основното училиште „Кире Гаврилоски“ во Прилеп, а наш соговорник е одделенскиот наставник Гоце Бумбароски, кој воедно е и член на Slow Food Macedonia. Со господинот Бумбароски ќе поразговараме околу една навистина благородна идеја која во моментот е во тек на спроведување, но и во тек на надградување во Македонија, а тоа е воведување на предметот Училишни градини во школите. До каде е целата оваа реализација која од пред 11 години започна да се реализира во основното училиште „Лазар Танев“ во Скопје, а потоа се имплементираше и во 10-тина други училишта низ целата држава.

Господине Бумбароски добро утро и добредојдовте во ова интервју. До каде е целата реализација на оваа навистина благородна идеја, која како Слоу Фуд Македонија ја имате?

Добро утро Дарко, најпрво ќе започнам со она кое ние како наставници и како образовен кадар најмногу обрнуваме внимание, а тоа е функционирањето и животот на нашите ученици. знаеме дека во овие модерни времиња се почесто е учениците да стојат пред паметни уреди, да јадат нездрава храна итн., и Слоу Фуд Македонија како една организација која се грижи за здрава и права исхрана и исхрана која што потекнува директно од полињата и е донесена на трпезата, се грижиме и најмалите, нашите ученици да почувствуваат како таа храна расте и како од едно семче станува плод. Се со цел тие да бидат во процесот на тоа растење и производство на такви плодови. Како што и самиот напомена училишните градини како физички опстојуваат во Македонија повеќе од 11 години, во неколку училишта низ државата, ние во Прилеп имаме во 4 училишта иницијатива за оформување на училишни градини. Вториот дел е изборен предмет Градинарство за пониските одделенија и изборен предмет за поголемите одделенија кој сега ќе се имплементира како идеја на Слоу Фуд Македонија, која ќе биде предложена пред Министерството за образование и пред Бирото за развој на образованието.

Кои ќе бидат бенефитите за дечињата од предметот Градинарство, како што кажавте сами ќе научат како расте еден плод од семка до засадување, па се до плод кој може да го конзумираат самите?

Најпрво тоа што училишните градини можат да бидат на отворено или во рамките на училишните ходници е можност да се дружат настрана од клупите, да формираат тимови па да ги поврзуваме едно растение со едно дете и едноставно детето да си се грижи за едно растение и да види дали е успешно, а тие да бидат вклучени во самиот процес. Кога од мали нозе учениците ќе почнат да „произведуваат“, тие сигурно нема да бидат фармери или во високо производство, но ќе се обидат да влезат во тој процес, ќе ја сакаат здравата храна и преку учениците ние ќе делуваме и во самите домови. Знаете како доаѓа, кога ученикот го пуштаме на одмор, најпрво нешто што доаѓа за да јаде е нездравата храна, сега наша цел е на ученикот да му ја претставиме здравата исхрана и со тоа да израснеме здрави поколенија.

Како што кажавте, учениците се повеќе се навикнуваат на таа брза и нездрава исхрана, а ова е начин да се вратат кон здравиот начин на исхрана, но и кон тоа да самите почувствуваат како се произведува храната, што е една од најважните општествени гранки и овој предмет се повеќе го има во училиштата во регионот, но и во европските држави.

Сметајте дека ова не е за прв пат кај нас, ова функционира неколку години низ европските држави и верувам дека кога сите би седнале да истражуваме ќе видиме многу дечиња кои со чизмички се влезени во тие училишни градини и креираат, творат, но тоа не е само за учениците, ова е и за колегите, наставниците кои ќе најдат едно интересно катче каде можат да имаат еден кафе муабет, па и ќе продолжат и понатаму, во летниот период дури и стручната служба и помошниот персонал ќе биде вклучен така да оваа училишна градина ќе биде едно прекрасно место за дружење на сите од училиштата.

До каде е оваа иницијатива во нејзината имплементација, рековте дека веќе остваривте контакти со МОН, каков е интересот на учениците пред се, на родителите, на наставниците, но и најважно на институциите кои треба да го спроведат проектот?

Интересно е да се напомене е дека имплементацијата на изборните предмети не мора да е секогаш поврзана со училишна градина. Најинтересни, најдобри и најмногу предизвици има во училиштата кои се во урбани средини, каде што реално нема можност за училишна градина, но баш тоа е предизвикот. Кога имате такво училиште, не мора да има заземјени површини, еве се наоѓаме во дворот на училиштето „Кире Гаврилоски“ кое има заземјени површини и зелени површини и лесно е да се имплементира овој проект, но замислете во моето училиште, во „Кочо Рацин“ нема заземјени површини и тоа е баш предизвик за да се направи една училишна градина. Она кое што досега го имаме направено е контактот со Министерството за образование и наука и следи средба со министерката и сите овие наши идеи да и ги предложиме за да видиме повратна информација, затоа што предметот градинарство е успешен, функционира и како што напоменав не мора училиштето да има училишна градина за да го спроведе овој предмет Градинарство, но убаво е да има, за да биде една цела слика онака како што изгледа.

Дали има шанси тоа да се спроведе од наредната учебна година?

Тоа не зависи само од Слоу Фуд Македонија, тоа зависи од повеќе фактори, јас би сакал да се спроведува и тоа да биде една насока сите училишта да имаат една училишна градина, без разлика дали се наоѓаат во урбани или рурални средини.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи