Ракот на дојката е на второ место од канцерогените заболувања кај жените, веднаш после ракот на грлото на матката. Од година во година бројот на жени со оваа болест е се поголем. Но според лекарите овој вид на рак, за разлика од другите има најголеми шанси целосно да се спречи и 100% да се излечи уште на самиот почеток на неговиот развој, доколку навремено се открие. Токму за тоа здружението на жени Китка од Прилеп организираше едукативна трибина за тоа какви прегледи треба да прават жените.
„ Жената треба барем еднаш месечно да ја прави таа самоконтрола, со допир на дојката, надворешен преглед и со палпација, односно пипање на дојката, лева и десна. Ако напипа било каква тумурозна формација, или грутка што би се рекло кај народот, треба да алармира и да не ја игнорира“, вели д-р Снежана Јакимоска, гинеколог акушер.
За да се помогне во раното откривање на ракот на дојката лекарите бараат да се намалат годините за скрининг кој го нуди државата.
„ Со скринингот се опфатени жени од 40 до 69 години на национално ниво, тоа зборуваме преку Министерство за здравство, но јас сметам дека треба и порано да се први скрининг, затоа што има заболено од малигно заболување на рак на дојка многу помлади жени, има случаи на 28 години и помлади“, додаде Јакимоска.
Жените велат дека се поголем е бројот на оние заболени од рак на дојка и дека преку потребни се вакви едукации.
„За жал навистина многу и во подем се овие заболувања и затоа ние заедно со локалната, а и тие се залагаат граѓаните да им бидат здрави, затоа што здрави граѓани – здраво општество, тука нема дискусија и затоа ние ги правиме овие едукации“, вели Магдалена Матракоска, претседател на здружение „Китка“ од Прилеп.
Од здружението „Китка“ велат дека и во иднина ќе организираат вакви едукативни трибини со цел зголемување на свеста кај граѓаните од оваа опасна болест.