Досега се откупени 13 милиони килограми на тутун од околу 17 произведени, по просечна цена од 399, 98 денари и досега се исплатени 78% од предадените количини. Тутунот веќе сите откупувачи го откупуваат само во прва класа по цена од 400 денари. Кога на тоа ќе се додадат и 100 денари субвенција, која што ја вети Владата, тутунарите годинава ќе добијат по 500 денари за килограм предадено жолто злато. Министерот Цветан Трипуновски вети промени во Законот за тутун за зголемување на количините и цените за идната година.
„По завршувањето на оваа реколта односно после новогодишните празници да седнеме на заедничка маса, да го ставиме законот пред нас и еднаш засекогаш да ги затвориме сите отворени прашања кои што постојат. И тоа ќе биде во интерес и на двете страни и на откупувачите и на тутунопроизводителите. Се со цел да се зголеми производството, да го пласираме овој наш познат бренд надвор од државата во една поголема количина. За жал изминатитов период знаете декка има намалување на производството. Согласно ова што денеска е постигнато над 140 милиони евра ќе завршат во домашниот буџет на тутунарите, што е навистина сериозна бројка“, изјави Цветан Трипуновски, министер за земјоделство.
И од Сојузот на тутунари се надеваат на промени на Законот за тутун и зголемување на нивната улога при формирањето на цената.
„До завршувањето на откупот до 28 февруари да излезиме со конкретна цел да видиме до каде сме стигнале со договорите и за цените и за количините и за понатамошното купување“, рече Кире Ристески, претседател на Сојуз на тутунарски здруженија.
Тутунарите велат дека очекувале повисока цена, но дека се задоволни со 400 денари по килограм.
„Не е никогаш доволно за нас, но можам да кажам дека оваа година сме задоволно со оваа цена“, рече Гоце Петрески, тутунопроизводител од Мариово, с. Крушевица.
„Не, не сме задоволни, барем 450 денари да биде килограм тутун, имаме многу трошоци, за аргати, за се“, истакна Златко Иваноски, тутунопроизводител од с. Шелеверци.
Според сегашната динамика има големи шанси целиот тутун во Македонија да биде откупен до празниците.