ВИДЕО – Социо-економска интеграција на повратниците Роми во Македонија, нивно вработување или помагање да отворат сопствен бизнис


Преку проект на УНДП во општините Прилеп, Штип и Шуто Оризари се направи социо – економска интеграција на повратниците од ромската заедница во Македонија кои доаѓаат од Западна Европа. На дел им беше помогнато околу завршување на нивното основно образование, дел се вработија во постоечките фирми во овие градови, а дел пак кои имаа одредени вештини или се стекнаа тука со нив преку преквалификација беа грантирани за отворање свој сопствен бизнис.

„Така што голем дел од нив завршија курсови и тренинзи за локални занаети што ги направи поконкурентни на пазарот на трудот и дел од тие кои ги завршија овие тренинзи после тоа повторно беа поддржани со грантови за самовработување“, истакна Наумче Тошовски, УНДП, координатор на проектот.

Овие лица исто така се и дополнителен импакт за подобрување на бизнис климата кај нас, како нова работна сила, чиј недостиг е еден од главните проблеми на стопанството.

„Основно е на овие лица кои се повратници локалната средина да не гледа како на лица кои го оптоваруваат локалниот систем, туку да ги гледа како ресурси. Тие лица кога ќе се вратат од ЕУ тие дел се враќаат и со знаења кои треба да се искористат и да се стават во подобрување на општата економска клима“, додаде Тошовски, од УНДП.

За 2 години во Прилеп биле евидентирани 150 домаќинства како повратници, а за 80 од нив била направена дата база за нивните потреби.

„И отворивме заеднички околу 19 фирми кои се веќе активни и се на пазарот на труд со сопствен бизнис со самовработување. Од друга страна вративме околу 80 до 90 лица како активни баратели за работа во АВРМ, ја подобривме нивната состојба преку мерките за преквалификација и доквалификација, а имаме вработено околу 120 лица во компаниите кои гравитираат во реонот на Кавадарци, Битола и Прилеп“, потеницираше Сами Ајдини, РОМА ПЕРСПЕКТИВ.

Крајната цел е сите овие повратници да се интегрираат на пазарот на труд и да придонесат за развој на економијата.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи