Викендов официјално започна зимската и скијачка сезона во Крушево. После пауза од неколку години на 31 декември ќе има повторно организиран дочек на Новата година во центарот на градот. Сместувачките капацитети и во хотелите и во приватното сместување се исполнети над 90%, се бара кревет повеќе. Градот е целосно подготвен за пречек на посетителите. Се нудат и новитети.
„Ги повикувам сите кои го сакаат нашето Крушево, кои ги сакаат зимските спортови и се она што значи Крушево како историја, град, традиција да не посетат и да уживаат во ова прекрасно место и во нашата општина. Најавуваме успешна сезона заедно со приватниот сектор, сакаме да промовираме и ново зимско ноќно скијање годинава, кое ќе биде нова содржина за нашите посетители, особено во зимските спортови, но и сите оние кои сакаат да уживаат во убавата глетка на нашето Крушево“, рече Томе Христоски, градоначалник на Крушево.
Угостителите се надеваат на успешна зимска сезона, а бројот на гости да се зголеми уште повеќе после Нова Година со започнувањето на зимскиот распуст на учениците.
„Оваа година снегот дојде на време па се очекува бројот на гости да се зголеми и да биде полно во текот на целиот распуст. Се очекуваат нешто повеќе над 2.000 гости за празниците, бидејќи капацитетите се веќе исполнети, имаме дневни гости, имаме активности и за дневни гости со скијачкиот центар кој веќе е спремен“, вели Мишко Христоски, угостител од Крушево.
„Имаме гости од Велес, од Штип, од Кавадарци, Скопје, Тетово, Неготино, Охрид, буквално од цела Македонија. Терените се спремаат, се спрема да почни сезоната, очекуваме со распустот да почнат да доаѓаат дечиња, да има движење малку повеќе“, додаде Жан Здравески – Шапе, угостител од Крушево.
И Крушевчани очекуваат очекуваат големо раздвижување на ова планинско гратче, особено што оваа година за дополнување на празничната магија тука е снегот.
„Доволно снег, убаво е вака и очекуваме повеќе гости, премногу гости. Убаво е и за градот и за сите“, вели еден крушевчанец.
„Крушево веќе почнува да се полни со гости, со туристи, хотелските капацитети се пополнети, приватниот смештај исто и сега чекаме Нова година. Горе патеките се подготвени, терените, јас таму работам како инструктор за скиење“, додава друг граѓанин.
„Гости ќе идат пред Нова година, очекуваме 2025 се најубаво за Крушево, со снегот се знае дека убави гости ќе има“, рече трет крушевчанец.
„За виканедот и за Нова година, распустот очекуваме да има многу гости годинава, како и снег. Се надеваме дека оваа сезона ќе биде поуспешна од минатата“, истакува жител на овој град.
За разлика од другите ски центир кај нас предноста на Крушево е што тоа е урбано место, со многу содржи, музеи и настани кои може да ги посетувате додека престојувате тука.