Почитувани сограѓани, часови не делат од моментот да ја испратиме 2024 година и да ја дочекаме Новата 2025 година. Сите ние 2024 година ќе ја паметиме по спомени, спомени од лични успеси, некои ќе ја паметиме по спомени на загуби во семејствата, други пак по среќни моменти на принова, радости на љубов, спомени од предизвици на работни места, справувања со удари очекувани и неочекувани…
Како Претседателка на Советот на Општина Прилеп изминатите неколку месеци од 2024 година заедно со Советот работевме посветено и одговорно во рамките на надлежностите. Оптимизмот за подобра година постои. Личниот ентузијазам ќе го насочам и оваа година да работиме да го подобруваме животот на граѓаните.
2024 година ни покажа дека со заедништво и упорност можеме да ги преминеме и најтешките препреки и предизвици. Бевме сведоци на најголемиот пожар во историјата на град Прилеп. Сакам во оваа прилика да искажам голема благодарност кон сите кои помогнаа да се справиме со пламените јазици. Благодарам на сите професионалци и доброволци. Посакувам никогаш повеќе да не се повтори ваков пожар или друг вид непогода.
Моите мисли се кон сигурноста и безбедноста на нашиот град. Посакувам 2025 година да биде година на разбирање, трпение, соработка и мир меѓу нашите граѓани. Секој проблем има и решение, да научиме да се почитуваме низ призмата на правдата и правичноста.
Ајде 2025 година да ја претвориме во година на напредок, на нови почетоци и на заеднички успеси. Како што нашите херои од минатото го осветлија патот на слободата, така ние денес треба да се трудиме да ја осветлиме иднината на нашите деца.
Од срце Ви посакувам среќа, среќа која ќе Ви донеси љубов и здравје. Нека Новата година го донесе најдоброто за секој, а нашиот Прилеп посакувам да блеска со трудот и љубовта на своите луѓе. Среќна Нова 2025 година!