Прилепската болница полека ја враќа нормалната финансиска кондиција. За само 4 месеци долгот од над 3 милиони евра е намален за околу 520.000 евра, а сметката е одблокирана. Новото раководство претходно обвини дека дека пиело и јадело по ресторани на државна сметка, дури се плаќале и родендени, се издавале фиктивни сметки за услуги кои никогаш не биле извршени, се плаќало за доедукација на медицински сестри која никогаш не се остварила, над 10 милиони денари биле земени директно од касата на болницата, а 70-тина мобилни телефони не се знае кој воопшто ги користел.
„Директно се земале пари, преку каса исплати за косење трева, утовар, кревање на кутии, санации на јолуци, ставање герамиди, а никаде во болницата немаме герамиди, молерско-фарбарски услуги, болницава исплатила пари, а услуга не е извршена. Има дел од фирмите кои ќе ги вратат парите, а доколку не ги вратат тие пари ние ќе мора да преземеме кривични постапки“, вели Кире Јоноски, директор на Општа болница Прилеп.
Се очекува обвинителството да преземе мерки во расчистување на овие случаи.
„Кој ги поседува, каде се дадени тие 70 мобилни телефони не знаеме, освен тие 70 мобилни телефони што е интересно и 2 електрични тротинети се земени, а иронијата да биде голема телефонската линија беше расипана и блокирана можеби година и пол до две“, додаде Јоноски.
Но проблем останува со кадарот, кадар недосттасува на сите одделенија. Неизвесна е и судбината на 120 вработени од сите сфери, кои се со Договор на дело, дали истиот ќе им биде продолжен.
„Ако ја изземиме оваа бројка од 120, недостасуваат некаде можеби уште 50 до 60 медицински сестри, болничари и оснатат персонал, а исто така во секое одделение недостасуваат специјалисти. Ако бројот порано бил по 120-130 специјалисти, сегашниот број е некаде околу 50-60 специјалисти во болницата, значи дупло е намален“, истакна Јоноски.
Директорот Јоноски најави дека годинава ќе биде набавена нова опрема во скоро сите одделенија во болницата.