По 19-ти пат, традиционално, во организација на Детската Амбасада за Сите Деца во Светот, 400 деца ќе се дружат на свечен Божикен Ручек, во х. „Салида“ во Прилеп и ќе го слават Христовото раѓање. На оваа прослава Детската Амбасада за Сите Деца во Светот го доделува најпрестижното признание за општествена одговорност ОРДЕН ЗА НОСИТЕЛ НА МИРОТ. Оваа година ова меѓународно признание му го доделуваме на реномираната компанија Млекара А.Д. Битола од Битола.
„И оваа година гости ќе бидат традиционално деца од целата територија на нашата држава на заедничка трпеза ќе го прослават Божик, денот на Христовото раѓање и на таа заедничка трпеза ќе седнат деца од различни целни групи, како и истакнати деца – членови на Детската Амбасада. Децата се од Прилеп, од Скопје, Битола, Куманово, Крушево, Струмица и од другите градови и општини ширум државава. Како и секоја година нашата порака е во рамките на нашето мото „Едно небо за сите деца“, а тоа значи децата да се почитуваат помуѓу себе, да нема дискриминација и насилна комуникација, да преовладува толеранцијата и сите ние заеднички да придонесуваме кон градење на нашето општество. Бидејќи децата се нашата иднина“, вели Александра Северкоска Стојаноски, извршен директор на Детската Амбасада за Сите Деца во Светот.
Вредностите кои се промовираат со самиот настан се: еднаквоста, љубовта и мирот помеѓу децaта. Тоа пак води до нашиот постулат на програмските задачи на Детската Амбасада дека сите деца се исти и еднакви во остварувањето на нивните права, односно дека ништо не е позначајно од среќата на детското лице, па затоа на оваа Божикна трпеза заедно се дружат деца од другите верски заедници, од исламската, католичката, еврејската и евангелско-методистичката, кои заедно ќе се дружат и ќе празнуваат.
„Божикниот Ручек традиционално го благословува Неговото Високо Преоствештенство, Митрополитот Преспанско-Пелагониски и Администратор Австралиски и Новозеландски, Господин Петар, а на сите деца ќе им се доделат пакетчина за слатки сеќавања на Божикниот Ручек, за кои се погрижи Градоначалникот на Општина Прилеп г-дин Борче Јовчески. Како до сега, така и оваа година за збогатување на свеченоста ќе се погрижат од танц студио „Зодијак“ од Прилеп, а оваа година забавниот дел ќе го збогатат и малите ангелчиња Димитар Иваноски од Прилеп и Јована Ристановска од Битола. И оваа година, покрај добитникот на Орденот за носител на мирот, ќе се додели и ПЛАКЕТА ЗА ПРИЈАТЕЛ НА ДЕЦАТА, за кои Детската Амбасада за Сите Деца во Светот одлучи да ги додели на: Градоначалникот на Општина Прилеп, г-дин Борче Јовчески и Каролина Јовеска истакната соработничка на детската амбасада од Прилеп“, додаде Северкоска Стојаноски.
Организацијата на овој 19-ти по ред Божикен Ручек за успешно се реализира благодарение на пријателите на децата и Детската Амбасада, ЕЛС на Општина Прилеп, Лукоил Македонија, Алкалоид А.Д. од Скопје, Кромберт и Шуберт од Битола, А.Д. Реплек од Скопје, Бимфуд Доо од Прилеп, Прилепска Пивара од Прилеп, Млекара А.Д. Битола од Битола, Винчини од Виница и Фан продукција Зоран од Прилеп. Медиумски покровители на овој настан се: Канал 5 Телевизија, Македонската Радио Телевизија, Наша ТВ Телевизија, Тера Телевизија, Радио Холидеј и Радио Пела, веб порталите Шеталиште, Маркукуле и Инфо Компас.